„Каубојска“ дипломатија меѓу Вашингтон и Москва
Објавено во: Колумни 22 Март, 2021 07:05
Американскиот претседател Џо Бајден останува
доследен на својата најавена политика. Тој не престанува да го напаѓа неговиот
руски колега Владимир Путин. Точно пред еден месец Бајден го отвори фронтот со
напади од Минхенската конференција за безбедност. Минатата среда тој посредно
го нарече Путин – убиец. Неговата нова
политика е Американците во иднина да го атакуваат Путин, Кремљ, а да даваат
поддршка на опозицијата и да не ги напаѓаат Русите како народ.
Што кажа Бајден на Конференцијата? Најави тесна соработка со сите партнери од ЕУ и земјите од континентот, од Рим до Рига. Потоа дека САД имаат стратешка цел, а тоа е американско воспоставување на непоколебливи предности на Америка, „за да можеме да одговориме на денешните предизвици од позиција на сила“. А главниот предизвик е Русија. Бајден рече:„ Кремљ ги напаѓа нашите демократии и ја користи корупцијата како инструмент за да се обиде да го поткопа нашиот систем на управување. Руските власти сакаат луѓето да мислат дека нашиот систем е покорумпиран или дека е корумпиран исто како нив. Путин се стреми да го ослаби европскиот проект и НАТО. Тој сака да го поткопа трансатлантското единство и нашата решителност, бидејќи на Кремљ полесно му е да застрашува и да се заканува на одделни држави, отколку да води преговори со силна и тесно сплотена трансатлантска заедница“.
Претседателот Џо Бајден во средата во интервју за телевизискиот канал ABC на прашањето го смета ли тој Владимир Путин убиец, одговори “Аха, да“. И станува мошне интересно. Своевремено и Доналд Трамп во едно интервју на тврдењето на новинарот дека Путин е убиец, одговори „Кај нас има многу убијци. Што, ние да не сме подобри?“. Елегантно, ја избегна замката поставена од новинарот, истовремено не негирајќи директно дека Путин е убиец. И претседателот Барак Обама еднаш го нарече Путин:„Момчето од последната клупа“. Во смисла дека Русија не е никаква сила како што ја замислува Путин. Туку е регионална сила. Па затоа за некои посматрачи сегашното искажување на Бајден треба да му „ласка“ на Путин повеќе, отколку она на Обама. Сега Русија не ја викаат регионална сила, туку голема закана. А со тоа и го легитимираат Путин како лидер на таква држава. Што нему му е од полза. Ако не стана пријател на Америка, како што сакаше во почетокот на веков, тогаш стана водечки непријател.
ОБОСТРАНИ НАВРЕДИ
Во Русија ставот на Бајден беше толкуван најразлично. Како голема навреда на Путин и Русија. На која секако треба да и се одговори. Имаше повици за жесток одговор, имаше навреди за Бајден, и сите чекаа што, кога и дали ќе одговори Путин. И по само еден ден Путин се огласи. И токму на седумгодишнината од денот на присоединувањето на Крим кон Русија.
Што рече Путин? „Ние со него навистина се знаеме. Што би му одговорил? Би му рекол: „ Да сте здрав“. Му посакувам здравје. Го велам тоа без иронија, без шеги. Тоа е прво. Второ, ако се зборува пошироко на оваа тема, еве што би сакал да кажам...Во историјата на секој народ, на секоја држава има многу тешки, драматични и крвави настани. Но кога оценуваме други луѓе или кога оценуваме дури други држави, други народи, ние секогаш како да се гледаме во огледало. Ние таму секогаш се гледаме себе си. Бидејќи ние секогаш го префрламе на друг човек она со што ние самите сме преокупирани, она што сме во суштина. И, знаете, си спомнувам, во детството, ние кога се расправавме велевме: „Кој си вика, за себе си вика“. И тоа не е случајно, не е тоа само детска поговорка или шега. Во неа има длабока психолошка смисла. Ние секогаш во друг човек ги гледаме нашите сопствени квалитети и мислиме, дека тој е ист како и ние. И оттаму ги оценуваме неговите дејства“. По ова Путин го повика Бајден на директен он лајн дијалог, отворен за сите во САД и во Русија. Било наредниот ден, било денес, бидејќи за викендот тој би одел на краток одмор во тајгата.
На што личи ова? Прво Бајден намерно, а не случајно како да се нашол во безизлез, го кажува за Путин она што го мисли. Дотолку повеќе што интервјуто е снимено и секоја ненамерна грешка би била отстранета. Значи нема дилеми во намерата на Бајден да го навреди Путин. А овој како вистински каубој го повикува на двобој. Се разбира словесен дуел. Нема ништо дипломатско во настапот на двајцата. „Каубојска“ дипломатија. Путин со посакувањето здравје на Бајден, како да му потскажува за годините и гафовите што ги прави, велат поради здравјето и возраста. Како да го праќа во пензија.И тоа е навреда во завиена форма. Путин со приказната за огледалото и детската поговорка како да му вели на Бајден „и ти си истиот, како она што го велиш за мене“. И конечно поканата за дуел. Тој знае дека Бајден нема да се појави. И повеќе го прави тоа за публика.
КГБ И ЦИА
Ако се има предвид сегашната параноја во САД од Русите, а со децении наназад од СССР, комунизмот и КГБ, тогаш нема ништо необично во тоа што Бајден го нарече Путин – убиец. За нив КГБ – е исто што и убиец. Холивуд со децении продуцираше филмови во кои главен непријател на САД се СССР, Русите, „убијците“ од КГБ. По изјавата на Бајден деновиве го прашаа и поранешниот државен секретар Мајк Помпео за неа, а тој, парафразирам, само рече па „нели беше од КГБ“. Американците не сакаат да градат односи со Русија, и тие се однесуваат како Бајден. Токму затоа неговата изјава може и мислам треба да се сфати како наменета, пред се за внатрешна употреба, а потоа и за сојузниците на САД. Да ги охрабри, да се приклучат кон неговата нова политика, па и тие да мислат за Путин и за Русија, исто како Бајден. Зашто е јасно дека не сите во Европа, и не само во неа, барем јавно, не го делат ставот на Бајден.
Инаку, наспроти агентите - „убијци“ од КГБ стојат агентите од ЦИА. На пример некогашниот прв човек на ЦИА Џорџ Буш. Тие не убиваат, туку шират демократија ширум светот и американски вредности. Се разбира со последици и траги кои до ден денес се видливи. Да не ги спомнуваме операциите во Чиле, Гренада или Панама... Најсвежите се Ирак, Либија, или пак неуспешните во Египет и Сирија. Но и тој, Џорџ Буш, како претседател, не се однесуваше кон СССР, кој важеше на Запад за „Империја на злото“, како Бајден кон Русија. Одеше на дијалог.
Бајден вели дека и тој ќе оди на дијалог. Веднаш по изјавата за Путин рече дека може да се соработува со Русија на теми, како климата, пандемијата или неширењето на оружјето за масовно уништување(нуклеарното оружје), се разбира во деловите кои се од обостран интерес.
ГЕНЕРАЛИТЕ ПОДОБРИ ОД ПОЛИТИЧАРИТЕ
Водењето жежок дијалог при студени односи не е продуктивно. Најважно во се’ е што засега молчат воените министерства на двете земји. Не е јавен ниту Пентагон, ниту руските воени министри. Генералите очигледно подобро соработуват од политичарите. А линиите на бродовите и авионите на двете земји се пресекуваат на многу места. Во Сирија на пример воените единици имаат воспоставено комуникации и контакти кои не дозволуваат да се случи некој несакан инцидент. Можеби тоа е и најважното, кога работите во политиката не одат, барем на воен план да нема судири. Што не значи дека во нечии глави и не се вртат и такви идеи.
Некои сметаат дека Бајден сака да води лична војна со Путин зашто го смета за виновен околу аферата со неговиот син Хантер Бајден во Украина поврзана со негово учество во УО на компанијата Буризма и надоместокот што го добивал оттаму.. Афера која во предвечерието на американските избори излезе на површина, но за среќа на Бајден не беше прифатена од главните медиуми во САД. Згора на тоа беа публикувани и разговори н Бајден со Петар Порошенко во кои Бајден му сугерира кадровски решенија на украинскиот претседател. Во САД сметаат дека за сите тие работи стои Путин. Па затоа сега го обвинуваат дека се мешал во изборите лани. Па дури најавуваат санкции.
Првата последица од настапот на Бајден во интервјуто, е повлекувањето на рускиот амбасадор во Москва на консултации. Тоа е знак дека Русите сериозно се лути на Бајден. Велат дека тој ќе остане во Москва подолго време. За да се разработи нова стратегија и конечно да се постават некакви темели за враќање на доверба на едни кон други, која сега воопшто ја нема, ако се исклучат генералите. Засега сигурна е соработката на мултилатерален план. Билатералата уште долго ќе биде замрзната. До кога никој не знае, иако минатото потврдува дека имало полоши конфронтации од сега. Во Русија ги спомнуват Роналд Реган и Михаил Горбачов. Кризата од 1983 година навестувала дека е можна и нуклеарна војна, но за две години тие двајца се сретнале во Женева, па во Рејкјавик и односите нагло се затоплуваат. А Реган и Горбачов од непријатели станале пријатели.
ПУБЛИЧНА ДИПЛОМАТИЈА
Впечатокот што сега се наметнува е дека политичарите повеќе сакаат јавна дипломатија. Таков беше Доналд Трамп кој во својот Твитер акаунт пишуваше се' и сешто. Еден руски историчар вели:„ Дури и тие кои се на раковони функции, понекогаш, не размислувајќи, пишуваат што ќе им падне на памет во социјалните мрежи. А порано помошниците дури десет пати ќе проверуваа, ќе менуваа изјави, дури и нивниот тон, за тоа имало време. А сега нема време. Живееме во такво брзо време, кога се' се публикува веднаш. Затоа и јазикот се менува. Во врска со тоа, дипломатскиот јазик ја изгуби својата културност, која порано му беше својствена“. Сето ова влијае и врз односите меѓу државите. Луѓето играат пред публика, а публиката сака претстави. Полесно е на публиката да и продадеш кој кого и како го нарекол, отколку учтив излив на говор.
Дипломатијата навистина станува публична. Доволно е да се потсетиме на посетата на Жосеп Борел на Москва, која беше многу критикувана во ЕУ. Не заради намерите на Борел и разаговорите со неговиот колега Сергеј Лавров. Најмногу поради тоа што додека разговараа на заедничкиот ручек, Борел разбра дека три дипломати од ЕУ се протерани од Москва. Ем си го викнал на гости, ем му подготвуваш такви изненадувања, за кои гостинот дознава од социјалните медиуми, и кои му ја урнисуваат сета посета. Американците како да учеле од Русите, па пред средбата со Кинезите во Енкориџ на Аљаска, вовеле куп санкции против Кина. Жалбата на Кинезите дека со таквиот потег се покажале како лоши домаќини, како да отиде во ветер. Или пак, државниот секретар Ентони Блинкен, на истата средба, ги врати новинарите кои заминуваа по неформалниот почеток, за да им соопшти уште нешто контра кинескиот став.
Американците одлучиле да преговараат по ново. Можеби нешто научиле од Лавров. Но не е Русија таа на која може да и се продаваат нејзини „патенти“. Па така и Џо Бајден. Тој можеби не гледа душа во очите на Путин, како што изјави еднаш, но не треба да ги заборави зборовите на Путин дека „се познаваат добро“. А таквото познанство нуди интересни идни настани меѓу Вашингтон и Москва. Бајден нема да води јавен дијалог со Путин, но нема да изненади ако неделава или другата чуеме воведување на нови санкции кон Русија.
Мирче Адамчевски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





