30 Декември, 2024
0.0266

Кавказот и Балканот, бермудските триаголници на испреплетените интереси на големите сили

Објавено во: Колумни 02 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Последните, жестоки воени судири помеѓу соседите Азербејџан и Ерменија, е уште  еден  доказ дека во еден безбедносно кревок, и етнички насилен регион, никогаш не вели никогаш, дека пак нема да заѕвечкаат оружјата. Во децениските воени борби, помеѓу ерменските и азербејџанските воени сили, се  изгубени воени, но и цивилни жртви, а решението воопшто не е ни на повидок. Нагорно-Карабах, етничка ерменска енклава во државната територија на Азербејџан е предмет на спор помеѓу двете бивши советски републики, кои практично, уште од распадот на најголемата сојузна земја во светот во 1991, се во судир под чија надлежност е оваа територија.

 Со околу 145.000 ерменски жители, и околу 4.400 км квадратни, Нагорно Карабах е „жртва“ на геополитичките интереси, и во минатото, и сега. Кога се создавале конститутивните републики, дел од СССР, оваа провинција била политички и административно доделена на Азербејџан, доминантно муслиманска земја, а во неа децении, и векови наназад живееле Ерменците токму на тие земји. Поради особениот турски интерес во овој дел со кој модерна Турција денеска граничи, Нагорно-Карабах бил даден на владение на Азербејџан, а во тие геополитички конјуктурни односи, и државно-воената тоталитарна надмоќ на советските власти, била доволна, да тогашното ерменско раководство, да нема право да се побуни на оваа непревда. Штом, една советска Русија, била немоќна кога Никита Хрушчов го припоил полуостровот Крим од руската советска република кон украинската, поради  географијата, како оправдание за таквата одлука, воопшто не треба да не чудат овие нелогични одлуки, кога моќниците си  играле „брза географија“. Таа „ неправда“, Путин ја исправи во 2014-тата  година, кога по Мајдан револуцијата, руските војски продефилираа и го анексираа Крим, како „историска руска област“. Светот ова не го признава, но реалноста е веќе, сосема друга. Но ерменскиот премиер Никол Пашинјан, не е  Владимир Путин, ниту пак Ерменија ни од далеку, ја нема воената и геополитичка моќ, да ја исправи историската неправда со Нагорно-Карабах, и да го припои кон ерменската република. Уште повеќе, Пашинјан, бара отворена поддршка од Владимир и Русија, бидејќи знае дека, прво Азербејџан е  воено, веќе помоќен од Ерменија, и второ отворено Реџеп Таип Ергодан стои позади азербејџанските позиции. Историјата помеѓу турскиот и ерменскиот народ е до болка позната, и не треба посебна експликација. Што значи, само големата руска мечка и во минатото, и денеска е единствен гарант не само на етничкото ерменско мнозинство во азербејџанската провинција Нагорно-Карабах, туку и по самата ерменска државност на републиката.

Во овие испреплетени геополитички интереси, историски неправди, етничко-национална геримендеринг географија, кога „ слоновите водат љубов, тревата страда“. Во овој случај  преведено: кога Русија, Турција и Иран дипломатски од позади ги влечат потезите, ерменскиот и азербејџанскиот народ го влечат  подебелиот крај. По многу работи, Балканот е сличен на Кавказот: повеќе закрвени мали балкански нации, кои многу пати низ историјата војувале во крв до колена помеѓу себеси, различни етнички, религиски  и  културолошки припадности, регион во кој големите сили ( САД, Русија, ЕУ (Германија), Велика Британија и Турција), и ден денеска си ги мерат интересите и прават поделба на сфери на  влијание. Само пацификацијата на Балканот, преку полноправното членство во НАТО-алијансата на земји, кои порано преживеаа воени конфликти ( Хрватска, Црна Гора и Македонија), приемот на Албанија, па ако сакате и Бугарија и Романија, доведе до тоа, овој регион да се стабилизира во последните две децении, и после воениот конфликт во нашата земја од 2001 година (последен таков на Балканскиот полуостров), да не бидеме сведоци на нови крвопролевања. А, не дека не може. Нерешениот статус на Косово ( северно Косово, може да стане едно своевидно Нагорно-Карабах), и дисолуцијата на Босна и Херцеговина (Република Српска делува и дејствува како тотално различна држава од федерацијата), се доволно конфликтно потенцијални жаришта, кои може пак  со сета своја жестина, духовите од минатото да ги разбудат, и повторно како регион, да бидеме на сите насловни, светски медиуми, се разбира по лошо, како што сега се Ерменија и Азербејџан. НАТО можеби, не е злато, но е многу подобра варијанта за да бидат ставени под мраз, сите мрачни историски конфликти, кои по иронија на судбината, како жална фарса се преповторуваат еднаш на сто години, во ваквите ранливи региони. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Во Украина за денес најавуваат крај на жешката фаза на војната!

Во Украина за денес најавуваат крај на жешката фаза на војната!

Енергетската иднина на Македонија се гради денес

Енергетската иднина на Македонија се гради денес

Трамп и Путин очекуваат средба

Трамп и Путин очекуваат средба