29 Март, 2024
0.2102

Казахстан – нова главоболка за САД и ЕУ

Објавено во: Колумни 10 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Синоќа во Женева неформално, во потесен круг, почнаа преговорите на руската и американската делегација постветени на „рускиот“ ултиматум за гаранции за безбедноста. Официјалниот дел на преговорите во поширок состав  почнува денес. Сега во потрагата на равенката за мир и спокојство меѓу велесилите, а и пошироко во Европа, се јави нова променлива, која донекаде ќе ја оптоварува потрагата по вистинската равенка.

Станува збор за настаните во Казахстан изминативе денови, кои почнаа со мирни протести, но продолжија со пукање, пљачкање, потсмев кон полицијата и воската на Казахстан и убиства. Како меѓу униформираните, така и меѓу граѓаните. Засега, неофицијално се зборува за 164  жртви. Кулминација беше повикот на казхстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев до ОДКБ(Организацијата за колективна безбедност) за помош поради инфилтрирањето на странски терористички групи на територијата на Казахстан, кои учествуваат во немирите. Во моментов ситуацијата, според официјални извори е под контрола, но има спорадични пукања.

Казахстан, настаните, стануваат нова главоболка за САД и за ЕУ. На почетокот од настаните тие реагираа некако страмежливо, молчешкум. Но се пробудија кога Токаев побара помош од ОДКБ. Па Џен Псаки, портпаролката на Белиот дом се посомнева во законитоста на барањето на Казахстан помош од ОДКБ. Се сомневаат во легитимноста на барањето. За време на масовни протести. „Имаме прашања за карактерот на тоа барање, дали било законско или не. Засега ние тоа не го знаеме“ изјави Псаки на еден брифинг минатата недела, додавајќи дека САД ги следат внимателно соопштенијата за влез на мировници од ОДКБ во Казахстан.

Стејт департментот не остана покусур. Нед Прајс, раководителот на прес службата, исто така зборуваше за мировниците од ОДКБ. „Ние и нашите партнери ги повикуваме мировните сили на ОДКБ да ги почитуваат човечките права со цел да се придонесе за мирно решавање. Тоа е она што го поддржуваат САД. Тоа е она кон кое ние можеме да придонесеме, на кој било можен начин. ВО САД се надеваат дека властите во Казахстан можат да ги решат економските и политичките проблеми во земјата. „САД како партнер на народот и на владата на Казахстан се подготвени и сакаат да соработуваат со казахстанските  власти и населението во таа насока“, изјави Прајс. Што значи соработка со властите и населението? САД сакаат да ги седнат на маса луѓето што учествуваа во проестите и немирите и власта. Одговорот на претседателот Токаев беше јасен. „Ни викаат да водиме преговори. Со убијци и терористи нема да водиме преговори“, парафразирано, рече тој.

АМЕРИКАНЦИТЕ ПРАШУВААТ

Не останаа настрана ни од Европската Унија. Жозеп Борел, претставникот на ЕУ за надворешна политика рече дека Унијата е подготвена за мирно решавање на ситуацијата во Казахстан. Тој изрази жалење за жртвите и ги осуди големите акти на насилство. Повикувајќи да се спречи натамошната ескалација, поттикнувањето кон насилство, побара воздржување и избегнување на искористувањето на немирите во други цели. И Борел понуди помош во мирно решевање на кризата. После оваа изјава, откако Токаев се обрати до ОДКБ, Борел изјави дека помошта од ОДКБ на Казахстан: „предизвикува спомени за ситуации кои треба да се избегнуваат“. На што мислеше? Дали на 1968 година и влегувањето на советските, унгарските, полските и бугарските сили во Чехословачка за да ја задушат „Прашката пролет“? Или на Украина? И Псаки погоре и Борел имаат право да прашуваат, но остануваат неодговорени многу прашања за интервенции на Американците ширум светот или последно, интервенцијата во Авганистан. Зошто ЕУ тогаш не праша што бараат војници на некоја нејзина членка во Авганистан? А ги имаше дузина.

Русите не му останаа должни на Борел. Марија Захарова портпарол на руското МНР коментирајќи ја изјавата на Борел рече дека „треба да се одбегнува некотролиран екстремизам“. Заменикот претставник на Русија во ОН, Димитриј Пољански забележа:„ Очигледно Борел би претпочитал да види во Казахстан повторување на незаконскиот мајдански преврат, што се случи во Украина“.

Реакцијата на Псаки како да беше малку, па се јави и државниот секретар Ентони Блинкен. Тој вели дека САД ги интересира и сакаат да чујат од Казахстан објаснување, зошто властите на земјата решиле да се обратат за помош во ОДКБ за стабилизирање на состојбата. Поготово што во ОДКБ главна е Русија. Сакале тоа да го разјаснат. Блинкен ја осуди и наредбата на Токаев да се пука без предупредување против оние учесници во немирите кои нема да го предадат пружјето. Блинкен како да заборава дека ОДКБ е „мало НАТО“, но на Исток. Фактот дека ова ќе виде прва операција на ОДКБ за 30 години само потврдува дека таа се’ уште е жива, а можеби со намера да се пројавува и во други настани.

ИСТОРИСКИ ЛЕКЦИИ ОД И ЗА БЛИНКЕН

Згора на тоа, некни, на 6 јануари беше првата годишнина од влезот на демонстранти во Капитол. Влегоа, но не пукаа ниту грабаа банки, банкомати, продавници, ниту палеа. Напротив имаше неколку убиени, повеќето од страна на полицијата-обезбедувањето, а еден полицац умре од срцев удар неколку дена по влезот на демонстрантите. Во САД ги нарекоа „внатрешни терористи“. Сега Токаев спомнува „надворешни терористи“. Судот во САД допрва треба да докаже дека биле убиени „внатрешни терористи“ кои „пукале“ во полицијата која го штитела Капитол. И притоа дека биле предупредени дека ќе бидат убиени. Веројатно и судот во Казахстан ќе ги разгледува настаните и убиствата во нив. Казахстан го тераат да преговара со убијците на полициајци и војници, а во Вашингтон никој немаше намера за такво нешто со луѓето што влегоа во Капитол. Затоа што не влегоа со намера да убиваат. Доналд Трамп, како што ги прати на протест, така и ги повлече. Ама не го судат него, туку демонстранти кои влегле во државна институција.

Коментирајќи го влегувањето на околу 2.500 мировници од ОДКБ во Казахстан, Блинкен рече:„Една историска лекција од минатото: кога во твојот дом доаѓаат Русите, тешко дека ќе ги натераш да заминат“.  Во Руското МНР изјавија: „Денес, американскиот државен секретар Ентони Блинкен се пошегува за трагичните настани во Казахстан на негов типичен груб начин“. Таму додадоа: „Ако Ентони Блинкен толку многу сака историски лекции, тогаш нека ја има предвид оваа: кога во твјот дом дошле Американци, тешко е да се остане жив, да не се биде ограбен или силуван“. Притоа во МНР нагласија дека „за тоа не учи не само неодамнешнато минато, туку сите 300 години на американска државност“. За тоа „многу можат да раскажат Индијанците од Северна Америка, Кореанците, Виетнамците, Ирачаните, Панамците, Југословените,, Либијците, Сиријците и многу други нереќни луѓе, кои немаат среќа да ги видат овие натрапници во нивниот дом“.

САД и Русија треба да преговараат денес и утре. Во среда треба да се одржи средбата Русија-НАТО, а потоа следува средба и во рамките на ОБСЕ. ЕУ ја нема. Но затоа таа својата главоболка од Казахстан ќе се обиде да ја лечи наредниве денови. Веќе е најавена средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата посветена на настаните во Казахстан. Министрите ќе треба да разгледаат можна реакција на настаните. Државниот секретар во француското МНР, Клеман Бон,  изјави дека „министрите ќе имаат разговори на кои ќе се разгледаат мерките кои би можело да ги донесе Европа за да се испрати јасен сигнал: „не можете да извршите притисок врз вашиот народ, кој протестира против порастот на трошоците за живот и бара демократизација на земјата“. Тој додаде дека европските земји треба да разберат „што се случува таму, а во тие рамки и тоа, со што се занимава Русија таму“.

ГАРАНЦИИТЕ И СПОСОБНОСТИТЕ НА ЕУ

И господинот Бон како да е паднат од Марс. Па не гледа дека Русија ја потврдува својата позиција во Евроазија. Патем како да заборава дека за време на настаните во Украина во 2014 година, токму ЕУ реши да прати тричлена делегација, составена од дипломати од Германија(сегашниот претседател Франц-Валтер Штајнмаер), Франција и Полска, кои, црно на бело, гарантираа мирно предавање на власта во земјата. А само по неколку часа се направија како да не знаат ништо, а легитимниот претседател Виктор Јанукович, под закани за својот живот мораше да бега во Русија. Толку од гаранциите и способностите на ЕУ. Исто како што работат со нашето зачленување во Унијата, односно почеток на преговорите. Ним им е важно да имаат непријател. Тогаш се најсилни. Но Русија не е обичен непријател.

Сигурно е дека САД денес на преговорите нема официјално да го постават прашањето за Казахстан. Можеби синоќа на потесната средба го разговарале и тоа, но Казахстан не е на дневен ред. На дневен ред е колективната безбедност во Европа, би рекол и светот. Русија сака и реформа на ОБСЕ. Тоа и официјално го загатна министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. А ако го спомнат Казахстан, тогаш ќе почне да се води дискусија за две безбедносни организации НАТО и ОДКБ. И кому му е потребна стабилност? Сите видоа дека мировниците на ОДКБ за 24 часа почнаа да слетуваат во Казхстан. За два до три дена беа комплетирани. Во нивната сфера на влијание. И таботите, барем засега,  одат кон подобро. Земјата, според официјални извори, е под контрола на власта.

Што се случи и што се случува во Казхстан? Денес таму е ден на национална жалост за загинатите.  Непосреден повод за почеток на протестите беше двојнното зголемување на цената на гасот за возилата од 1 јануари годинава. Од 12 евроценти за литар на 24. Во денари отприлика од 7,5 на 15 денари за литар. Народот се вознемири, бидејќи 90 проценти од транспортот е на гас и почнаа протести на 2 јануари. На 4 јануари владата ја намали цената на гасот на 10 евроценти, но само во регинот каде што имаше протести. Тоа беше повод за ширење на протестите ширум земјата. Просечната плата во Казахстан е околу 600 долари, а минималната е 100 долари. После протестите ја зголемија на 135 долари. Социјалниот протест полека доби и политички бои. Па почнаа повици против Нурсултан Назарбаев, поранепниот претседател на Казахстан, но владетел од сенка, кој беше на чело на Комитетот за национална безбедност. И покрај тоа што доброволно замина од функцијата во 2019 година и го назначи Токаев за свој наследник, тој ја имаше реалната власт во своите раце. Неговите ќерки и зетовци се на високи позиции или во власта или во банки и нафтени компании. Секако роднини има и во безбедносните служби. Пред десет години на западот од земјата исто така имаше протести, кои беа крваво угушени.

КОРУПЦИЈА, КОРУПЦИЈА...

Од она што допре до јавноста од Казахстан, кој практично беше без интернет и мобилни врски неколку денови, народот се жалеше од власта, корупцијата, високите цени на продуктите, здравството и образованието. Се нарушуваат човековите права, слободата на говорот, казни на секој чекор, невработеност и раст на криминалот. Но Казхастан има силе полициски апарат.  Никој нема доверба во власта. Дури и да се намалат цените, ќе настапи затишје, а по некој месец одново  бура. Бидејќи причината за протестите со децении не се отстранува. За многумина потребно е лишување од власта на Назарбаев и членовите на неговото семејство и укинување на секаков имунитет. Потоа распуштање на владеачката партија „Нур Отан“, која ги добива изборите речиси со 100 проценти од гласовите. Потребни се политички реформи, регистрација на опозициски партии, нов изборен модел, а потоа и уставна реформа.

Во 2005 година Светска банка го вклучи Казахстан во врвот на корумпираните земји во светот. Во 2019 година според индексот на перцепција на корупцијата Казахстан се најде на 113 место. И за Светскиот економски форум најсериозен проблем за водење бизнис во земјата е корупцијата. Земјата има закони за борба со неа, но очигледно не се спроведуваат. Според некои податоци во 2011 година во Швајцарија имало истрага во банките и се конфискувани казахстански активи во висина од околу 48 милиони долари. Како што се пишува, правозаштитните американски органи сметале дека тие пари се мито исплатено од американски нафтени компании  на казахстански чиновници во замена за права за истражување и добивање на нафта во Казахстан.

На 5 јануари утрото претседателот Токаев, со оглед на прераснувањето на протестите во вооружени немири, ја распушти владата и застана на чело на Комитетот за национална безбедност(КНБ) од каде што беше тргнат Нурсултан Назарбаев. Деновиве проструи веста дека Назарвбаев сам се повлекол од функцијата.  На првото заседание на КНБ под негово водство Токаев ја опиша ситуацијата во Казахстан како поткопување на интегритетот на државата и рече дека побарал помош од ОДКБ „за надминување на терористичката закана“. Советот за колективна безбедност на ОДКБ одлучи да испрати колективни мировни сили во Казахстан за нормализирање на ситуацијата во земјата. На 7 јануари Токаев рече дека терористите, вклучително и оние кои пристигнале од странство, продолжиле да пружаат отпор и вети дека ќе ги уништи оние кои не го положиле оружјето. Притоа, претседателот истакна дека се слушнати сите барања на граѓаните, изразени во мирни форми. Беа замрзнати на шест месеци цените на гасот и на комуналните услуги.

ПОВТОРУВАЊЕ „БЕЛОРУСКО СЦЕНАРИО“?

За многумина не е јасно како Казхстан, толку богата земја, има сиромашен народ. Во 2020 година половина од извозната добивка Казахстан ја оствари од нафтата, 23,7 милијари долари од вкупен извоз од 47 милијарди долари. Од природниот гас се остварени 2,5 милијардим долари. Над четири милијарди долари Казахстан остварува од извоз на бакарна руда, бакар и бакарни производи. Над три милијарди од железо и челик. Речиси две милијарди од уран. 12 проценти од светските резерви на уран се во Казахстан. Проблем во земјата е територијалната нееднаквост. Најразвиен е делот каде што се добива нафта и гас. Таму дури три пати е поголем БДП по глава на жител , отколку просечниот во земјата. Нормално таму и платите се многу повисоки. Казахстан има релативно младо население. Средната возраст на населението е 30,7 години, што за некои експерти е знак дека земјата е податлива за „арапска пролет“. Колку за споредба во Русија средната возраст е 40 години. Значи населението таму старее. Казахстан брои околу 19 милиони жители, а природниот прираст од 2013 година наваму е околу 250 илјади жители годишно.

Како ќе завршат настаните во Казахстан?  Работите се малку смирени, но простор за спокојство нема. Едно е јасно. Ерата на „таткото на нацијата“, Назарбаев, кој игради нов град и го нарече по неговото име, Нурсултан, заминува. Многу е важно дека се надминува двовластието во државата. Номинално прв човек беше Токаев, но конците ги влечеа Назарбаев и неговиот клан. Затоа сега се очекуваат промени во владата. Токаев веќе уапси некои луѓе од КНБ, блиски до Назарбаев, некои смени. Наредниве денови треба да се формира и новата влада. Припадниците на ОДКБ ќе останат додека е потребно. Тие засега обезбедуваат аеродроми, магацини со оружје и други витални објекти.

Секако вакви немири не се толку спонтани. Сега излегуваат на површина искажувања дека станува збор за внатрешни подметнувања. Пред се’ од страна на луѓето на Назарбаев. Оние од специјалните служби и полицијата. Цели полициски и воени едници беа разоружувани од протестантите, кои влегуваа дури во зданијата од безбедносните институции и грабаа оружје без никој да им се спротивстави. Власта тврди дека има уапсено странци, за кои допрва треба да се провери и да се докаже дека учествувале во немирите.

Некои експерти зборуваат дека сето ова што се случи ќе и биде од полза на Русија. Дека се повторува „белоруското сценарио“. И дека Казахстан  сериозно ќе се зближи со Русија. Русија има некои „проблеми“ со Казахстан во поглед на рускојазичното население кое е околу четири милиони. Но мора многу внимателно да игра на таа карта. Да не се случи да имаме „нова Украина“ во Средна Азија.

Гледано пошироко, немирите имаат значење и за Кина, која го поддржа Токаев во тврдењето дека странски сили се замешани во нив. Турција се чини ќе биде голем губитник.А тоа е посакувана цел на Русија, по војната меѓу Азербејџан и Ерменија, кога Турција го помогна Азербејџан да врати најголем дел од Нагорно Карабах. И за потсечување на крилјата на неоосманизмот. Нормално и Турција даде поддршка на власта во Казахстан. Американците ќе бидат загрижени за инвестициите на американските нафтени компании. Да не дојде до прераспределба на сопственоста.

Инаку во Москва деновиве честопати се цитираа збровите на претседателот Владимир Путин, упатени кон Токаев. На дебатниот „Владајски клуб“ Токаев обраќајќи се до надворешнополитичките и економските експерти го претстави Казхастан како земја која дава пример за странски инвестиции. И дека на тој начинн ја засилува својата меѓународна позиција. Путин, од страна, му дофрли: „Така мислеше и Садам Хусеин“. Странските инвестиции, се покажа, не беа гаранција ни за Хусеин, ниту за либискиот претседател Моамер Гадафи. Дури и обратно, тие ги убија обајцата.

Мирче Адамчевски



Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?