30 Април, 2024
0.0385

Ќе се пазарат ли Путин и Обама во Њујорк?

Објавено во: Колумни 25 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Она што на страниците на „Фактор“ го навестивме пред повеќе од еден месец вчера попладне се потврди. И Вашингтон и Москва соопштија дека претседателите Барак Обама и Владимир Путин ќе се сретнат на 28 септември во Њујорк, каде што ќе учествуваат на Јубилејното 70. Генерално заседание на ОН. Таа средба ќе биде прва во четири очи на двата лидера за последните две години, ако не се смета протоколарната во Кина на Самитот на АПЕК пред една година. За рускиот претседател претстојот во Њујорк ќе биде прво стапнување на американската почва по 2007 година, а трет настап на Генералното собрание. Последното го имаше точно пред 10 години на 60. годишнината од основањето на ОН. Во август рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Владимир Путин е подготвен да се сретне со Барак Обама во Њујорк, доколку таков предлог дојде од американска страна. Од прес службата на Советот за национална безбедност при Белиот тогаш дом стигна коментар дека наскоро ќе нема средба на двата претседатела и дека нема подготовки за такво нешто. Е сега се знае дека предлогот за средба дошол од руска страна, а прес службата на Советот за безбедност е демантирана и не само што ќе има средба, туку таа е добро подготвена. Од неколкуте прашања што ги поставивме тогаш, одговор имаме само на она за можна средба на двајцата претседатели. Останува понеделник, па да добиеме одговор и на другите. Дали ќе има „дуел“ Обама – Путин од говорницата на Генералното Собрание? Дали Обама ќе ја вброи Русија меѓу трите најголеми опасности во светот, како што го направи тоа во една пригода минатата година, кога ја стави во еден ред со ИД и еболата. Дали Путин ќе остане должен или ќе одговори како што го правеше тоа во минатото, обвинувајќи ги САД за двојните стандарди во меѓународната политика? Инаку, прва работа што паѓа во очи е дека меѓународната изолација на Путин полека се намалува. Западните лидери не сакаа да го видат по настаните во Украина и Крим. Но станаа свесни дека без Русија нема решавање на украинската криза. Уште помалку на војната во Сирија. Па, постепено, прво Ангела Меркел, па Франсоа Оланд и други почнуваа гласно да зборуваат за вклучување на Русија во решавањето на овие проблеми. Сега на ред е Обама, откако претходно администрацијата даваше знаци за соработка со Русија. Посебно за Сирија. Што се случи во меѓувреме за ваков пресврт?  Прво беше предлогот или идејата на Путин за создавање на голема коалиција во која ќе влезат повеќе земји, секако САД и Русија и други од Запад, но и соседните земји на Сирија и од регионот. Целта на таа коалиција треба да биде уништувањето на Исламската држава, која држи големи територии во Ирак и Сирија. Неодамна на самитот на Организацијата за колективна безбедност во Душанбе Путин истакна дека обемот на активностите на терористичка група ИД се проширил надвор од пределите на Ирак и Сирија и дека ИД веќе е нацелена на Мека, Медина, Ерусалим, а во нејзини планови е распространувањето на активностии во Европа и Русија, Централна и Југоисточна Азија, што многу ја вознемирува Москва. Притоа Путин изјави дека за борба со ИД треба да се остават настрана геополитичките амбиции и да се отфрлат двојните стандарди. Според него, треба откажување од политиката на директно или индиректно користење на одделни терористички групи за достигнување на сопствени коњуктурни цели, меѓу кои, е и соборување на несакани влади и режими. И без учество на сириските власти  нема да се успее во протерувањето на терористите од ИД од Сирија и од регионот. Се разбира ова беше адресирано пред се на САД и држави од ЕУ, кои со своите потези во Ирак и Либија тие земји ги направија пекол за живеење на нивното население. Рускиот претседател по лансирањето на идејата за коалиција летово имаше и конкретни чекори во нејзино остварување. Неодамна кај Путин на гости беа  јорданскиот крал Абдула, претседателот на Египет Абдел Фатах ас-Сиси, принцот на Абу Даби Мухамед бин Заид. Се очекува во Москва да дојде и Саудискиот крал Салман. Се среќаваше и со лидерите на Германија и Франција. Ангела Меркел вчера изјави дека сирискиот претседател Башар ел Асад треба да учествува во било какви мировни преговори за завршување на конфликтите во Сирија. Таа смета дека и Иран треба да е дел од тие преговори, но и други држави од регионот кои барале соборување на Асад. Францускиот министер за надворешни работи неодамна истакна дека Франција не инсистира веќе на отстранување од власт на Асад, сирискиот претседател, за почеток на преговори за Сирија. Франсоа Оланд повикува на нова конференција за Сирија. Срамежливо се јавуваат и Британците. Круна на подготовките беше средбата на Путин со израелскиот премиер Бењамин Нетанјаху, пред една недела. А пред два дена и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Фактот што во Москва Нетанјаху дојде со командантот на израелската армија и првиот човек на разузнавачката служба на преговори со руските воени лица значи многу. За средбата со Нетанјаху се знае дека Путин отворено му кажал, дека „негова цел е зачувување на сириската држава“, иако не се знае во каква форма. Да не се повторат Ирак и Либија и она што се случува во нив по воените интервенции на САД и нивните сојузници од Европа. Путин му кажал на Нетанјаху дека Сирија не е подготвена да отвара и втор фронт – кон Израел. Така што оваа земја нема потреба да се плаши за својата безбедност. Договорено е замениците на началници на генералштабовите да бидат во постојана комуникација.Од средбата со Ердоган не е соопштено ништо, барем засега. Очигледно таа била мошне тешка, дотолку повеќе што Ердоган е еден од главните заговорници за соборување на претседателот Асад. Но не е чудо и тој да каже дека се согласува Асад да биде дел од преговори за иднината на Сирија. Нема да се урива државниот апарат на Сирија по примерот на Ирак и Либија? Сигурно е дека речиси сите соговорници на Путин реферирале во Вашингтон за разговорите со него. Меркел пред некој ден дури имаше и телефонски разговор со Обама. Токму затоа и не чуди одлуката на Обама да се сретне со Путин. Идејата на Путин да не се оди на уривање на државниот апарат во Сирија, како што се случи во Ирак и Либија, со сите тешки последици од тоа, па да се создаде привремена влада или да се почнат мировни преговори, со Асад на чело на државата, очигледно има поддршка надвор од САД и тие не можат да затворат очи на она што се случува, колку и да се смета тоа за успех на Путин. Во понеделник, според американски извори, претставникот на белиот дом, Џош Ернест, американскиот лидер има намера лично да го повика Путин да се присоедини кон  коалицијата против Исламската држава. „Претседателот Обама ќе го повика претседателот Путин да го разгледа конструктивниот придонес на напорите кои продолжуваат против ИД, а која вклучува повеќе од 60 држави“, изјавил Ернест, додавајќи дека средбата на двата лидера може да помогне да се „постави основа за подобра координација“ меѓу САД и Русија околу Сирија. Од друга страна и Путин повикува на коалиција, но врз друга основа, бидејќи сегашнава не дава големи резултати. Кој знае, можеби ќе направат коалиција во коалиција! За подготвеноста на Вашингтон да работи заедно со Москва во борбата против ИД вчера изјави и американскиот министер за одбрана Ештон Картер, кој неодамна имаше и телефонски разговор ос својот руски колега Сергеј Шојгу. Според Картер, меѓу двете земји може да има совпаѓање на интересите околу Сирија, иако тоа засега не е очигледно. Се чини дека околу Сирија САД и Русија делат заеднички интереси за конечен пораз на ИД и политичка трансформација, по режимот на Асад, која ќе ја сочува и ќе ја обнови земјата. Не помалку, САД веруваат дека тие два интереса треба да се поддржуваат паралелно и ние сме подготвени да работиме со Русија врз таа основа“, како што пренесуваат медиумите, изјавил Картер на конференција во Вашингтон. Но, Картер додал дека можната соработка околу Сирија нема да влијае врз позицијата на САД околу Украина и воведените санкции кон Русија. Е, дали е токму така? На прв поглед Картер е сосема во право. Но, ако е точно дека, како што пренесуваат некои агенции, главна цел на средбата од американска страна ќе биде убедување на Русија да се придржува до Минските договори за примирје во Украина, тогаш се отвора простор за констатација дека можно е и пазарење. Украина за Сирија или Сирија за Украина. Руски претставници, пак, велат дека главна тема на средбата ќе биде Сирија, но не е исклучена дискусија и за Украина. Сето ова дава простор за мноштво претпоставки. Јас знам само едно, кога се клоцаат коњите страдаат магарињата. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД