Китаровиќ го засени Заев во Брисел и во Македонија
Објавено во: Балкан 12 Јули, 2018
Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар - Китаровиќ, со победата на Хрватска против Англија и пласманот на историското финале на Светското фудбалско првенство ги засени македонскиот премиер Зоран Заев и добивањето на покана за членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Брисел.
Македонската делегација на чело со Заев ја објави веста дека Македонија добива покана од НАТО и дека застануваме еднакво рамо до рамо со членките во најсилниот воен сојуз, но на социјалните мрежи во нашата земја вриеше од честитки за успехот на „коцкестите“.
Хрватска е веројатно најмалата земја што ќе игра во едно фудбалско финале на Светско првенство повеќе од 50-ина години.
Китаровиќ беше главна ѕвезда во четвртина-финалето од СП, кога Хрватска на пенали го совлада домаќинот Русија, а таа директно го следеше дуелот.
Китаровиќ, според хрватскиот политички систем, владее само репрезентативно, но сепак присуствуваше на Самитот на НАТО, каде што пак нејзиниот македонски пандан, Ѓорѓе Иванов, не присуствуваше, откако не доби покана.