06 Декември, 2025
0.0760

Ќе потоне ли европската иднина на Македонија во бермудскиот триаголник Софија-Белград-Москва?!

Објавено во: Колумни 04 Декември, 2020 07:29

Добивај вести на Viber

Често пати, во свои изјави, но и во неформални разговори со свои блиски пријатели, познаници, и сите оние кои се интересираат од проблематиката на темата, сум велел дека грчкиот национачистички наратив и мит кон „ македонското прашање“, е резултат на анексирањето на јужна (беломорска Македонија), во составот на грчката држава во 1913 година. Бугарскиот националистички мит кон „македонското прашање“ е резултат на една длабоко фрустрирана и реакционерна политика, која влече корења од далечната 1878 година,  кога Бугарите не се помирија со решенијата од ревизионистичкиот Берлински конгрес, на кој територијата на етногеографска Македонија беше откината од бугарското национално санстефанско ткиво, еднаш засекогаш. Припојувањето на источниот дел ( пиринскиот) на Македонија кон бугарската држава во 1913, воопшто не ги задоволи бугарските апетити кон територијалните пространства на Македонија, напротив, создаде уште поголеми фрустрации, бидејќи Бугарија остана со најмалиот „плен“, од поделбата на Македонија во однос на сосетките Грција и Србија.

Во едни пресвртни геополитички околности, по завршувањето на Втората Светска војна, се роди македонската државност, можеби како одговор, токму на вкрстените националистички и спротиставени митови на Грција и Бугарија за „ Македонија и македонското прашање“. Во рамките на новосоздадената СФР Југославија, во тие четири децении, македонското прашање  ги создаде атрибутите на својата национална засебност: етнополитичка нација, и посебност, свое национално себеидентификување, создавање на сопствен кодифициран македонски јазик, кој понатаму беше и меѓународно верифициран, изградба на институции, културни центри, и сите други својствени атрибути на едно национално обележување. Можеби, и светот, односно Големите сили, одлучиле така, македонското одржавотворување да се спроведе во закрилата на една моќна Југославија, водена од неприкосновениот Тито, бидејќи на тој начин, би било најзаштитено од грчко-бугарските хегемонистички и националистички „толкувања“ на македонското прашање. За волја на вистината, Југославија беше величина од држава во однос на една Бугарија, во поствоениот свет, дури и за една Грција до нејзиниот прием во ЕУ. Тогаш овие две наши соседни држави, ниту реално можеа, ниту пак смееја да го испроблематизираат нашето национално битисување. Ѓаволот ја однесе и шегата и Југославија во неповрат, и оттогаш почнаа нашите национални проблеми и трауми создадени од овие два соседи. Грчкиот националистички мит за Македонија почива врз античкото македонско минато (дека е монополистичко грчко), и оттука беше конструиран „спорот за името“, кој на еден дивјачки начин беше инструментализиран од сите грчки политички елити за водење на „специјална војна “ против нас, се до доаѓањето на Ципрас на власт. Решението е сепак на наша штета, но се спаси, што можеше да се спаси. Тоа што преостана. Вината ја барам и во нашите елити, кои ниту имаа мудрост, ниту храброст, да предвидат до кај ќе дотераме со свесното одложување на решението на грчко-македонскиот историски спор,застапувајќи ја тезата „ времето работи за нас“. Реално, обратното беше. Бугарскиот националистички наратив за Македонија се базира , исклучиво, врз  нејзиното словенско-православно минато, кои Бугарија ги смета за исконско свои. Кирил и Методија, Климента и Наум, Охридската архиепископија се историски ликови и настани кои се случувале на македонската почва, па затоа Бугарија од нивното време до времето на Димитар Ѓузелов и Димитар Чкатров, Македонија ја смета за бугарска.

Ова противење на бугарската политичка елита кон европроширувањето на нашата земја, е ништо друго, само залечување на историските рани  и фрустрации  кои бугарското општество ги има во однос на Македонија и „ македонскијат впрос“. Можеби и долгата рака на Кремљ се вмешала, олицетворена во ликот на еден Каракачан од дунавскиот град Русе, кој можеби по турените милиони евра во џебот, од страна на еден наш олигарх, несуден бугарски конзул, ја дигна до небеса хистеризацијата на овој „невидено огромен проблем“, кој се појави помеѓу Скопје и Софија, па сега не може да се реши. Небаре не направија како да сме Северна и Јужна Кореја, во таков тон да општиме и комуницираме помеѓу себе си овие неколку месеци. Има ли излез од замрсениот трилинг на македонството Атина-Скопје-Софија, или ќе остане за век и веков нерешено тоа „македонско прашање“. Се разбира дека има, доволно е да се тргнат шепите на Белград и Москва. Бидејќи тие, секогаш го проблематизирале, и го „менаџирале“ македонското прашање, како ним им одговара, за нивните интереси. Најмногу на наша штета. Софија, уште повеќе  била оштетена , ако сега бара  некаква утеха. Пак не разбира,  дека е кукла на конци,управувана од кукловодите во Белград и Москва.Кои ликуваат и се смеат на сето тоа. За помочаниот (и во буквална и во преносна смисла на зборот), министер за одбрана на Бугарија, ми е јасно се, тој работи за наредбодавците, но што ли си мисли тапанарот во неговата дебелозаоблена глава, деценискиот премиер на источниот ни сосед, и цела научна општествена и политичка елита на Бугарија? Дека веќе извојуваат победа,  во однос на Македонија, негледајќи при очи, дека им се случува поредната „национална катастрофа “ во однос на македонското прашање?

Благојче Атанасовски-политиколог

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?