28 Април, 2024
0.9648

Ќе имаме ли претседател кој ќе се ослободи од „партискиот шинел“?

Објавено во: Колумни 07 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Во досегашната кампања за избор на претседател на Републиката доминира темата која не е во директна надлежност на претседателот. Очигледно е дека тежиштето во борбата за гласови е поместено во областа на економијата, иако повеќе од јасно е дека менаџирањето на овој сегмент од општественото живеење е во доменот на делување на владата. Нагласеното толкување на економските прашања очигледно се должи и на фактот што во конкретниот случај имаме поклопување на претседателските и на парламентарните избори, па од страна на политичките партии и изборни коалиции, се настојува претседателските избори да се искористат за сопствено промовирање пред гласачите со цел да ја освојат законодавната и извршната власт. А тука содржината на партискиот вокабулар отприлика е јасен, актуелната власт ги потенцира постигнувањата со отчети за остварувањата и со ветувања за идни проекти, додека опозицијата настапува со критики на досегашните остварувања на власта и ветувања за остварување на подобри резултати. Затоа во оваа кампањата често слушаме што се’ се остварило во досегашниот период и ветувања, за отворање на нови работни места, за зголемување на платите, запирање на процесот на иселување на населението, изградба на ова или она и тн. кои ќе го привлечат вниманието на гласачите. Може да се очекува дека ваквите дебати ќе се интензивираат со почетокот на кампањата за парламентарни избори, што почна во саботата. Поради тоа постои опасност, во интерес на парламентарните избори, да се засени изборот на претседателот, односно изборот да се сведе како нешто што мора да се изведе, а не е многу важно за функционирањето на општествено-економскиот и политичкиот систем. Само уште јавно не се сугерира дека кој и да биде избран, не може ништо да направи.  Но, дали е тоа така? Дали навистина е неважно каков е  односот на кандидатите за претседател кон развојот на земјата и начинот на кој тој се остварува, кон проблемите што ги генерира како нус производ и кон начинот на кој тие се разрешуваат? Од  сите досегашни избори за претседател на Републиката,  останува впечатокот дека било кој човек избран на таа функција, поради тоа што нема конкретни ингеренции во економијата, нема никаква економска моќ. А кога се покренуваат економските прашања, тоа е само затоа што дискусијата за економските проблеми привлекува поголемо внимание во јавноста. За ваквиот впечаток слободно може да се каже дека во голема мера  придонесе и однесувањето на досегашните претседатели. Никој се нема одважено да ја искористи МОЌТА што ја има нивниот јавно изразен став за определени прашања од сферата на економијата и формално правната можност да не го потпишат указот за донесување на определен закон усвоен во Собранието, односно да го одложи неговото спроведување. А не е дека немало такви ситуации. Се’ уште се забележува дека е направена голема неправда во процесот на приватизацијата на општествениот капитал, кога со усвоениот модел, од процесот се исклучија  вработените во општествените дејности и во државната администрација, а тогашниот претседател не реагираше. Не се реагираше ниту на неправдата што се направи со линеарното зголемување на пензиите, по 600 денари по пензионер „финансирано“ и со средства кои им припаѓаат на пезионерите, по основ на закон, како корекција на порастот на трошоците за живот. Моќта на претседателот можеше да се покаже и при надминувањето на немилите настани во врска со донесувањето на буџетот за 2013 година, но и тогаш функцијата претседател затаи. И да не набројувам повеќе затоа што има уште многу  вакви ситуации кога претседателот „замижал“ иако неговите ингеренции го дозволувале спротивното. Не треба многу анализи за да се види зошто изостана користењето на „малата“ моќ на претседателите. Тие се немоќни кога „неправдите“ ги прават властите кои им пружиле поткрепа во изборот за претседател, независно од тоа дали биле или не биле членови на партиите на власт. Тие се немоќни не заради немањето „моќ“, туку поради неподготвеноста да се спротивстават на партиите кои одработиле тие да се најдат на првата функција во државата. Интересите на партиите им се поважни од интересите на граѓаните за праведност и законитост во земјата. А тоа не смее да им се случува на луѓе со авторитет и интегритет. Нормално е, во повеќепартиски систем, тие да се изборат за поддршка од некоја од партиите која програмски им е најблиска на нивните гледања, но не смеат да ги премолчуваат неправдите и незаконитостите кои, поради разни причини, понекогаш ги прават властите. Затоа неопходно е, новоизбраниот претседател на државата (кога ќе биде избран) да се обиде да излезе од „шинелот“ на партијата која во најголема мера придонела да биде кандидиран и да функционира како претседател на сите граѓани на земјата. Само така претседателот ќе може да биде сериозен двигател и коректор на владините политики  дури и во областите кои не се во негова директна надлежност. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД