Добивај вести на Viber
На Меѓународната изложба на иновации – МАКИНОВА, која се одржува паралелно со ТЕХНОМА 2013, денеска на беа доделени награди на најуспешните пронаоѓачи, идеи и иновации презентирани во последните четири дена.
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, им честиташе на учесниците.
- Како Министерство и како Влада во изминатиот период јасно и недвосмислено укажавме на тоа дека во следниот период ќе посветиме сериозно внимание на развојот на иновативната дејност, развојот на техничко-технолошкиот напредок на Република Македонија преку поддршка на иновативни проекти кои ќе обезбедат зголемување на конкурентноста и квалитетот, а крајна цел на целиот тој процес да биде развој на општеството - посочи Ристовски.
Тој информира дека во постапка е формирање на иновациски фонд, кој ќе биде посебно тело кое ќе поддржува директно развој на проекти од аспект на иновативна дејност и во следниот период во соработка со здруженија и поединци кои сакат да придонесат за иновативниот развој во Република Македонија, ќе работат многу повеќе на промоцијата и поддршката на ваквите активности за да истовремено од тоа добие бенефит целокупното општество.
Претседателот на Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија, Влатко Стоилков изјави дека на манифестацијата има 103 експонати од Македонија и од Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска, меѓу нив и наградувани експонати на млади творци.