Добивај вести на Viber
Веднаш до Градската општа болница „8 Септември“ ќе се гради Центар за позитронска емисиона томографија – ПЕТ Центар, а изведувач ќе биде австриската компанија Страбаг АГ која победи на тендерот.
Новиот центар ќе ги чини граѓаните околу 380 милиони денари(6,2 милиони евра) , а денеска беше ставен и потпис на договорот за изградба.
Според министерот за здравство Никола Тодоров готов е проектанскиот дел од работата и може да почне изградбата
„Позитронска емисиона томографија (ПЕТ) претставува нуклеарно медицинска визуализациска техника со која се добива тродимензионално прикажување и мапирање на функционалните процеси во телото. Воедно, претставува нов чекор во евалуацијата на функционалните и малигните метаболни промени во организмот на пациентите, а се користи во областа на онкологијата, хематологијата, кардиологијата и неврологијата, а во поново време во детската патологија и при инфекции и инфламации со непознато потекло“, појасни министерот и додаде дека објектот е модерна градба и во него ќе биде вградена современа опрема за радиофармација, радиопротекција и дијагностика.
Тој најави и дека во меѓувреме, Министерството ќе организира обука на кадарот кој ке патува во медицински центри низ Европа, а до крајот на 2014 година ќе има доволно кадар за новиот ПЕТ Центар.
Опремувањето на ПЕТ Центарот ќе се одвива во две фази-циклотронот и една ПЕТ-ЦТ камера се нарачани, а Меѓународната агенција за атомска енергија учествува со комплетирање на една производствена лабораторија. Почетокот на првото производство е планиран за август 2015 година.
Според Франц Бургшталер, извршен директор на Страбаг АГ , компанијата со седиште во Виена, има 14 милијарди евра годишен опфат со повеќе од 70.000 вработени и е активна во сите видови градежен бизнис. Тој појасни дека пред 6 години е основавна подружницата во Скопје и компанијата е активна на македонскиот пазар.
„Ќе направиме да ги исполниме високите барања на инвеститорот и посакуваме одличен успех“, истакна Австриецот.