28 Март, 2024
0.0249

Ќе се оттргне ли Ерменија од прегратката на Русија?

Објавено во: Колумни 03 Август, 2018

Добивај вести на Viber

„Кадифените револуции“ не и се од полза на Русија. Тоа се потврди во Грузија, која дефинитивно се определи за запад, иако засега се уште е далеку од него, а сега нешто слично како да се зародува и во Ерменија. Грузија се оттргна од прегратката на Русија. Дали такво нешто ќе направи и Ерменија?

Настаните во Ерменија од март годинава доведоа до „народна револуција“ која на власт ги доведе некогашните опозиционери. Иако можеше наместо „кадифе“ во „револуцијата“ да се користи и огнено оружје, особено од власта тоа не се случи. Партија со седум до осум проценти претставници во парламентот успеа да ја собори владеачката Републиканска партија која имаше и има апсолутно мнозинство во него. И Пашинјан кој се прогласи за „народен трибун“, успеа да се наметне и да биде избран за премиер. А веќе избраниот премиер СершСаргсјан да се повлече од функцијата.

Како можеше да се случи ова? Очигледно владејачката партија немаше намера да се повтори 2008 година кога протести, поради изборни нерегуларности, завршија со десетина загинати и стотици ранети Ерменци и воведување вонредна состојба во државата. Можеби во сето ова беше замешана и раката на Москва. Портпаролот на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова дури му честиташе на ерменскиот народ за неговата сплотеност по оставката на Саргсјан!

Од доаѓањето на Пашинјан на власт поминаа неколку месеци и тешко може да се зборува за некакви плодови од „кадифената револуција“ на внатрешен план. Особено за тоа дали се остварени очекувањата на нејзините главни поддржувачи – младите. Се уште нема реформи, секако рано е за тоа, но нема ни знаци дека ќе има промени во општеството кои ќе овозможат работа за младите, да останат во државата и да ја градат својата иднина и иднината на земјата. Многу битен е и односот кон Русија. Пашинјан изјавува дека Русија е стратешки партнер на Ерменија.

 Се добива впечаток дека наместо тоа за Ерменија е поважна надворешната политика. И тоа во оној дел кој вели дека таа држава е премногу врзана и зависна од Русија, па заради тоа е потребно да се погледне и кон Запад. Да се погледне кон ЕУ и НАТО. Русија има воена база на територијата на Ерменија. Некои руски компании се главни акционери во големите енергетски претпријатија во земјата. И не само енергетски. Русија е и  гарант на договорот меѓу Азербејџан и Ерменија за Нагорно Карабах. Ерменија е член на ОДКБ и на Евроазискиот економси сојуз(ЕАЕС).

Москва засега не реагира на патувањата на Пашинјан во Брисел на Самитот на НАТО, ниту пак на искажувањата за поголемо поврзување со ЕУ. Но, ако официјална Москва не реагира, некои медиуми и експерти веќе креваат тревога. Врз сето ова влијае и внатрешната борба на ерменските политички елити. Во 2010 година во затвор за организирање на немири беше сегашниот премиер на Ерменија. Сега тој бара кон одговорност за крвавите настани во 2008 година да бидат привлечени неговите тогашни противници, поранешниот претседател Роберт Кочарјан, кој е во затвор, и генералниот секретар на Организацијата на Договорот за колективна безбедност(ОДКБ), Јуриј Хачатуров, тогаш командант на ерменскиот гарнизон, кој е на слобода со кауција. Обвинети се за „узурпација на државната власт“.

Можеби не толку затворањето на Кочарјан, колку обвинението на Хачатуров ја вознемирија Москва.  Во вторникот жестоко реагираше министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Според него настаните од последните денови „ се спротивни со неодамнешните изјави на новото ерменско раководство за тоа дека тоа нема намера да ги гони своите претходници од политички мотиви. Она што се случува во Ерменија не може да не’ не вознемирува, во тие рамки и од аспект на задачите за нормално работење на организациите на пространството на ЗНД“, изјави Лавров. Очигледно вознемиреноста на Москва не е без почва. Најверојатно дека при смена на власта во Ереван имало некој договор меѓу Москва и Пашинјан. Овој последниов, растргнат меѓу силите кои му ја даваа поддршката и кои бараа реванш за 2008 година и договорот со Москва се определил за првите. 

Одговорот до Лавров од Ереван стигна веднаш. Од таму бараат Москва да не се вознемирува. Дека станува збор за внатрешно политички приоритетни процеси предизвикани од потребата за воспоставување на правна држава. Според ерменското министерство за надворешни работи: „ Надворешно политичките приоритети на земјата се насочени кон натамошно зацврстување и продлабочување на на ерменско-руските сојузнички односи и зголемување на ефикасноста на зедничките активности во рамките на ОДКБ и ЕАЕС“. Можеби сето ова е така како што е изјавено, но има искажувања дека Пашинјан сака да распише идната година вонредни избори, но претходно сака да ги елиминира евентаулните политички противници.

Во Москва многумина се согласни дека за Москва поголема вознемиреност предизвика односот на Ереван кон Хачатуров. Со оглед на тоа дека тој е генерален секретар на ОДБК, обвинението против него  се смета како удар и врз Организацијата на Договорот за колективна безбедност, на нејзиниот углед. Дотолку повеќе што најверојатно Москва беше главната која настојуваше Ерменија да биде земјата која ќе раководи со ОДБК до 2020 година и покрај противењето на Белорусија и Казахстан на канидатурата на Хачатуров, кое беше симнато од дневен ред сури во 2017 година.  Некои сметаат дека „оцрнувањето“ на Хачатуров и ОДКБ е инспирирано од играчи надвор од регионот. Што е тешко да се прифати.

Некои руски експерти тешко го прифаќаат и фактот дека Ерменија испрати свои војници на воени вежби во Грузија каде што учествуват војници од 13 држави, членки на НАТО и партнери на Алијансата, под команда на европската команда на воените сили на САД. Што бара земја членка на ОДКБ на вежби на НАТО, прашуваат тие. Одговорот е дека на тој начин новата власт во Ерменија сака да ја покаже прозападната определба. При ова се додава дека ереванската интелигенција секогаш била прозападна и сега ги реализира своите мечти. Особено сега кога е отстранет од власта т.н. „карабахски клан“.

Пре некој месец на овие страници напишавме дека на Ерменија во моментов не и е потребна внатрешен конфликт и раскол во општеството. Тоа може само да поттикне сили да отворат фронт во Нагорно Карабах. На пример Азербејџан, кој би посакал да си ја поврати изгубената територија, населена претежно со Ерменци, во воените дејства од деведесеттите години на минатиот век. Внатрешните расправи можат да доведат и до преиспитување на сегашните односи со Русија. Неодамна беше покренато прашањето за руската воена база во Ерменија. Ерменците бараат да се ревидира договорот за неа кој важи до 2044 година, бидејќи тој не е „камен во кој е исклесано нешто што не може да се поправи“. Руски експерти пак, велат дека таа база не и користи на Русија, туку ја штити Ерменија од југот, од Иран и од Турција. Но ако се инсистира таа може да биде напуштена. Исто и со вооружувањето на Ерменија, за кое би биле прекинати кредитите, па гасот би се продавал по пазарни цени и сл...

Ваквиот развој на настаните е само претпоставка. Се ќе зависи од новиот распоред на силите во државата по вонредните избори. За кои сега се вршат подготовки. Оттука и кокетирањето со Запад и внатрешните пресметки. Но, да не се случи домашниот есап да не се совпадне со оној на пазарот. Како што впрочем често бива.Официјално засега нема најави дека ќе има вртење на политичкиот вектор на Ерменија кон Западот. А тоа како да ги потврдува искажувањата дека членството во ОДБК и обезбедува сигурност и дека без сојузништво со Русија перспективите на Ерменија во областа на безбедноста се магливи, особено во однос на Нагорно Карабах.

Исто така може да се претпостави и дека новата и неискусна ерменска власт не до крај ги пресметала сите ризици од она што го започнува на внатрешен план. Особено за реакцијата на Москва. Ни на едната страна, ниту на другата не им одговара влошување на ситуацијата и меѓусебните односи. Наредните месеци сигурно ќе дојде до јавни и тајни разговори и средби на кои може да се очекува работите да добијат тек посакуван од двете страни. Или како што велат во Ереван – сојузнички. Но за такво нешто потребно е и такво однесување.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?