Ќе се воведуваат стандарди за транспарентно собирање донации
Објавено во: Мои пари 23 Септември, 2013
Во организација на Центарот за институционалниот развој денеска се одржа трибина на тема „Мобилизација на граѓани и средства за промена во локалните заедници“, на која се разговараше за воведување стандарди кои ќе овозможат поголема транспарентност во собирањето средства и мобилизирањето локални ресурси за активности кои се од значење за јавно добро.
Извршниот директор на ЦИРа Зоран Стојковски истакна дека иницијатор на воспоставувањето на стандардите се членките на „Southeast European Indigenous Grantmakers Network (SING). Тие откако ќе бидат усвоени ќе се имплементираат во земјите од Западен Балкан.
- Многу тешко доаѓаме до информација колку пари се собрани на некоја манифестација а тоа е основата, ако јас сум донирал пари дали преку СМС или дирекна донација сакам да знам каде се парите, колку се собрале и за што се потрошени. Тоа е целта на овие стандарди што денеска ги промовираме, изјави Стојковски.
Кажа дека со воведување на стандардите за прибирање на средства, граѓаните ќе имаат повеќе доверба во организаторите на ваквите манифестации и ќе се обезбедат повеќе средства за донирање.
Претставник на фондацијата „Фокус“ од Велес смета дека потребно е воведување на предложените стандарди бидејќи за, како што кажа, има многу случаи каде што не се знае за што се прибираат средства, каде се трошат и случаи каде што примателот на средствата сака да остане анонимен.
Конференцијата е дел од серијата настани кои ЦИРа ги организира во рамки на прославата за 10 години од своето постоење, а се реализира како проектна активност во рамки на проектот „SIGN for Sustainability“, финансиран од ЕУ преку програмата ИПА-ЦСФ.