ЌЕ ВИ ПРАТАТ ПОГРЕШНИ ИЛИ НЕКВАЛИТЕТНИ ЧЕВЛИ, А КОГА ЌЕ БАРАТЕ ЗАМЕНА, ЌЕ ВЕ БЛОКИРААТ - граѓани отворете очи, врие од онлајн измамници
Објавено во: Македонија 28 Август, 2024
Масовни злоупотреби со онлајн продавниците во земјава.
Практично, станува збор за онлајн измамници, на кои се чини, никој не може да им стави ред во државава.
На социјалните мрежи се формирани неколку групи во кои граѓани се жалат и алармираат од измами кои им ги направиле тие онлајн продавници, а принципот главно е истиот.
Гледате на инстаграм или на фејбук огласени бројни производи, а најчесто вниманието ви го привлекуваат така што ги спонзорираат своите објави, со цел да го навлечат интернет потрошувачот да се заинтересира за нивната стока.
Се продава се и сешто, од чевли, облека, бикини, долна облека, производи за домаќинство и што ли уште не.
Прво ве напаѓаат на сите сетила за тоа колку се наводно квалитетни и убави нивните производи, ставаат привлечни слики, се фалат со попусти... Сликите најчесто не соодветствуваат ниту на бојата ниту на квалитетот, а и попустите се измислени.
Но, и вие им го нарачувате од производот. Ви ги испраќаат со карго пошта, каде вие ја плаќате сумата плус карго доставата, која се движи од 150 до 180 денари. Но, често се случува или да не е соодветен квалитетот, или да ви погрешиле боја, или број. Им пишувате културна порака да ви направат замена, но тие веднаш или ве блокираат, или воопшто си го блокираат сопствениот сајт. Значи, едноставно престануваат да постојат. Немате како да го смените или вратите производот, немате кому да се пожалите, бидејќи свесни сте дека и вие сте малку кабает кога купувате од „но нејм интернет продавници“....
„Од сајтот WeOutllet кој имаше свои објави на Инстаграм нарачав влечки кои на сликата изгледаа многу убаво, и јасно напоменав дека сакам да бидат во бела боја. Кога ја правев нарачката беа максимално љубезни. За два дена влечките пристигнаа, но наместо бели, беа црни. Мислејќи дека нема да има никаков проблем да ми направат замена, најчовечки им пишав дека погрешиле, како и да очекувам веднаш да дојде каргото кому би му ги вратила обувките, а тие за кусо да ми донесат од белите, какви што и нарачав. Но тие, иако ги видоа моите пораки, не ми одговорија воопшто. Кога ги прашав зошто не ми одговараат на пораките, и дека ако за кусо не добијам одговор ќе ги пријавам во УЈП, Пазарна инспекција, па и МВР, првично ме блокираа, а потоа ја блокираа и целата страница. Човек нема како да ги добие. Не постојат никаде. За среќа, имав телефонски број од брзата пошта преку која ми ги испратија, и откако таму го изложив проблемот и бев упорна, од Брзата пошта ми рекоа дека тие ќе ми ги вратат парите, а потоа тие ќе се ‚расчистуваат' со компанијата која веќе беше исчезната и со која соработувале. И навистина најчесно и до денар ми ги вратија парите, но тоа е благодарение на професионалниот однос на брзата пошта. Уште и ни рекоа дека штом наидат на такви фирми кои ги мамамт потрошувачите, веднаш ја прекинуваат соработката“, ни изјави една читателка.
Ова не е осамен случај. На фејсбук страниците врие од жалби од измамени граѓани, по истиот принцип. Граѓаните добиваат погрешен, неточен или неквалитетен производ, но немаат како да го решат проблемот. А измамниците, кога некој јавно ќе ги посочи, гасат еден сајт, и многу бргу прават нов, со ново име, и си продолжуваат со измамите.
А да не зборуваме дека никогаш не ви доставуваат фискални сметки, и дека се е тоа во зоната на сивата економија.
Е сега, секоја чест на исклучоците, има сајтови кои се навистина чесни, фер и коректни, вршат и замена и не бегаат од решавање на проблемите.
Но, голем дел од нив се навистина проблематични, и веројатно е крајно време надлежните органи малку повеќе да се активираат и да ги заштитат граѓаните од вакви измамници.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.