29 Април, 2024
0.0241

Ќути, може да биде и полошо?!

Објавено во: Колумни 24 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Во едно нормално општество, сосема очекувано е луѓето да сакаат повеќе од својот живот, нивната индивидуалност да е во преден план, и што помалку нивната егзистенција да зависи од друг. Само со слобода на избор и слобода на духот, поединецот може да се чувствува задоволно и исполнето. Навидум сите имаме слобода во изборот на пријатели, на партнер, на работа и многу други нешта. Но повеќето луѓе и не се чувствуваат така, иако живеат во демократско општество! А доколку нашите родители ги прашате како се чувствувале во социјализмот, систем кој е веќе во нашата историјата, со печат на недемократски, неслободен со ограничување на слободата на говорот, тие ќе ви го кажат токму стротивното.,, Тогаш имавме живот, слобода, нашите пари вредеа, секаде можевме да патуваме, да купиме стан, да живееме без страв и стрес, без неизвесност за утрешнината,, Парадоксална ситуација, но вистинита! Немам намера да навлегувам во длабочината на тој феномен, односно, колку и дали социјализмот бил илузија, нешто реално и добро, или нешто со краток рок, но тука се наметнува прашањето за денешното задолжување со колкав рок е, и до кога ќе трае таа состојба во услови на стерилна економија, која не создава вредност, и во која социјалните трансфери заземаат голем процент?  До кога вака? Дури во разговор со еден близок другар кој секогаш сака да разговара со факти, кога ќе изнесеме некоја општа економска констатација, секогаш вади од ‘’глава’’ бројки, економски параметри, тврдејќи дека тоа не е така. Луѓето чувствуваат дека се посиромашни, а официјалните бројки го тврдат спротивното?! Интересна ситуација..Изгледа сите живееме во заблуда, која трае во период на 20 годишна транзиција, и која за нас како да нема крај!. Но кога другаров го прашавме дали со она што го заработува, нели од плата, што може да купи, а колку направил неговиот татко, тогаш замолча! Сепак разликата некогаш и денес е во финансиската независност, колку вределе парите тогаш, а колку денес! За жал живееме во материјален свет, кој влијае на нашите перцепции. Токму материјалната сиромаштија прави поголемиот дел од луѓето да се чувствуваат ограничени, незадоволни, неслободни! Непостоењето на пазар на труд, и голем број на добри работни места влијае голем број на луѓе на работа да трпат нешта кои сами по себе не се за трпење. Колкав е бројот на работнички во текстилните фабрики на југот на нашата земја кои за 7-9000 денари цел месец се убиваат од работа, и не смеат ниту да “зуцнат”! Да, тие и немора таму да работат, но немаат избор, егзистенцијата им зависи од тие пари? Зарем овие жени се слободни? Нашата материјална зависност не принудува да ја наведнеме главата, да молчиме и секогаш да завршуваме со за нaс познатата фраза “ќути, може да биде и полошо”. Загрижувачка  е една појава која последниве години во континуитет ни се наметнува, дека Македонија е рај за бизнис, интересна туристичката дестинација, меѓу последните земји по стапка на корупција, со низок вкупен јавен долг и еден куп други позитивни економски параметри со кои се создава чувство на илузија, дека се е супер! И тоа е добра порака кога се упатува на странците, бидејќи целта е позитивна, односно работите да се променат на подобро. Но тоа се прави премногу агресивно! Да, една татковина имаме, во овој град сме родени, патриоти сме, ја сакаме својата земја, но не сме слепи за она што се случува. Според информациите од Бирото за вработување, денес невработеноста во Македонија изнесува 29%, но кога се однесува на младите оваа бројка достигнува повеќе од 40%. Зошто да имаме на секои две и пол години парламентарни избори? Ако се почести, тоа ќе донесе квалитативни промени во нашето општество? Едни избори чинат милиони евра, колку се работи можат да се направат со тие средства. Колку училишта да се реновираат..па некогаш и немора ништо да се прави, туку само да се врати надворешниот долг..па на крајот на краиштата зошто да бидеме некому должници. Извинете, но јас никој не сакам да должам! Ако сакам нешто да направам прво треба нели да заштедам, па потоа друго! Не сум за ниедна политичка елита. Сметам дека трошењето пари за споменици е грешно како што беше и целиот процес на приватизација, историски ноторен чин. Ова не го сакаме! Она што сакаме е да имаме избор кој ќе ни овозможи самостојно, независно функционирање и самоодредување, да имаме културен живот каков што сите ние заслужуваме. Слобода која значи неограничување на другиот, слобода на медиумите сами да ја уредуваат својата политика, изборот на теми и содржина. За крај ја имаме слободата на духот, нешто што никој не може да ни го одземе, и покрај сите искушенија. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД