Кога со новинарството ќе се претера - Fox со тези дека Клинтон посвоила вонземјанин
Објавено во: Свет 25 Октомври, 2016
Fox мрежата во САД важи за главниот медиумски пропагатор на конзервативната политика и низ изминатите години нивните водители беа вклучени во бројни скандали со пристрасно информирање на јавноста, па добар дел од нив беа буквално избркани од работа. Единствен кој остана од „тврдото“ крило на Fox е Шон Хенити, уште еден закоравен пропагандист кој води сензационалистички емисии, но со последното интервју навистина претера.
Негов гостин беше Џеф Ровин, кој наводно работел како „фиксер“ за скандалите на семејството Клинтон иако во текот на емисијата самиот откри дека само два пати бил во Белата куќа. Ровин тврди дека скрил многу лоши афери на Бил и Хилари Клинтон кои биле сексуални манијаци. Хилари имала лезбејска врска со позната холивудска актерка и тој имал задача да не се прочуе приказната.
Проблематично е што Ровин нема никаква кредибилност како новинар и истражувач. Тој објавува приказни дека Клинтон посвоила вонзејманин, дека владата крие податоци за патувачи низ времето, дека во Втората светска војна се бореле и вонземјани и така натаму.
Секако, теориите на заговор не може никој да ги забрани, тие се интересни за читање и доколку некој одбере да верува во нив тоа е негово право. Но, еден сериозен медиум како Fox кој има огромна гледаност меѓу конзервативните гласачи не смее да си дозволи ваков вид на евтина и безобразна пропаганда.