16 Ноември, 2018
0.2770

Кога Вардар беше река

Објавено во: Колумни 13 Октомври, 2018

Основачите на градските населби во дамнешните времиња се владееле според еден основен критериум: не можело да се случи да се изгради населено место, а низ него да не тече река. Реката е душата на градот. Таа е и негово огледало. Жителите на град без река невратно се посиромашни за едно трајно доживување и постојана возбуда.

Колку и да е мала реката, таа го дели градот на два дела. Во најголемиот број случаи тие потекнуваат од различни периоди. Значи, МОСТОВИТЕ, покрај тоа што ги поврзуваат двата брега, се поврзници на вековите, културата, навиките, начинот на живот. Мостовите му доаѓаат, некако, како главни артерии во крвотокот на градот. Би ги нарекол и "брчки" или "годови": по нивната старост лесно се одредува возраста на градот.

И Скопје имаше река. Полноводна, наесен и напролет, пресушена и со посебна миризба, при летните горештини. Велам "имаше", зашто овој колектор што се "валка" под Камениот мост не е Вардар, што го знаеме со десетлетја, барем мојата генерација. Иако неговите води се оградени со травертински прекрасен и долг кеј, заштита од поплави и пријатно шеталиште, тој не може да го скрие срамот што го дозволи и мојата генерација и неколку пред неа и по неа: сета градска нечистотија се слева во Вардар, индустријата ја празни својата утроба во Вардар,  гордите скопјани фекалиите, сметот и старите испокршени автомобили ги нурнуваат во Вардар, во кого се колнат.

Реката по целиот тек низ градското подрачје изгледа никакво, од Ѓорче Петров, па се до Кланица и подолу. За аромата што се шири, повеќе или помалку и на двата брега, и да не зборувам. Или изразено со јазикот на еколозите -водата, што безмалку беше идеално чиста, за кратко врема се здоби со епитетот: "водотек од шеста категорија". Уште малку и двата брега на реката ќе му дојдат како акумулаторски ќелии, место каде што кејот ќе го заплискуваат киселини. Чист хорор. Гнасната и смрдлива вода на Вардар може да раскаже сосема поинаква и во секој случај понежна приказна.

Нашите спомени за реката досегаат некаде до раните шеесети. Беше тоа питома и сребренасто разиграна река. Во 62-та, во ноември, се разулаве и надојде, се разлеа низ улиците и парковите, по визбите и становите. Надојде уште еднаш-двапати, но нејзиниот бедем за регулација го спаси, барем градското подрачје, од повторни поплави. Многу постарите раскажуваат дека нејзините води на неколку пати биле вковани во мраз, а се раскажува и за некоја зима, кога со пајтон можело да се мине на другиот брег.

Факт е дека со регулацијата Вардар доби пониско ниво на дното, со што се промени и нивото на подземните води, чија последица беше целосно исушување на надалеку познатиот Градски парк. Од визуелен аспект реката доби рамен брег и ги загуби безбројните меандри  и островца на кои ние како мали си игравме Робинзони и правевме тајни колипки, на кои никој не можеше да им ја најде трагата.

Во долгите и топли лета Вардар ја добиваше својата вистинска ролја на градски освежувач. Двата негови брега, а повеќе десниот, стануваа место за собирање, освежување и спортување на сите генерации скопјани. Маџармаалци го добија делот од плажите во близина на Железниот и сегашниот мост кај МАНУ. Потоа следуваше Опатија, а веднаш до неа "офицерска" плажа. Таму се капеа навистина офицери-воени лица од ЈНА и обични војници, кои влегуваа и излегуваа од плитката вода на знакот на свирче и опремени со еднолични и истобојни, до колена долги гаќи.

Градската плажа имаше тушеви и соблекувалници. "На плажа" се одеше фамилијарно. Претпладне домаќинката-мајката со децата, а по работа на велосипед пристигнуваше "патер фамилијас". За ручек пржени пиперки и домат "скопски јабучар", од кого долго време остануваше миризбата по рацете.

Капењето во брзаците на реката бараше храброст и добро пливање. Најхрабрите и најсилни се капеа на "Руска плажа". Таму таа беше најбрза и најдива. Под водата демнеа колци, веројатно остатоци од некаква примитивна крајбрежна градба или мовче, а можеби и на бра-ничка, каде што, богами, се губеше и животот. Во најдобриот случај се поминуваше со вештачко дишење или со скинати гаќички за капење, "купаќи". А овие, пак, "купаќите" имаа посебна кројка, беа на врзување од страна, за да може да се облечат и да се соблечат на отворено, без да се соблекуваат панталоните. Буквално, целиот град беше "на Вардар". Се играа глад и реми, поретко шах. Се скокаше "трупечки" во далечина на ситниот песок или, пак, се спуштавме низводно пропаднати во големи тракторски и други гуми (внатрешни, се разбира) се до Камен мост и натаму, како кој, а назад пеш, бос и горд, до плажа и повторно по вода, сега, само до Дрвено мовче, кај театарот и така се до мрак.

Масовно се напуштаа плажите по залезот на жешкото сонце, а на сцена стапуваа скопските рибари. Реката беше преполна со риби од најразличен вид. На бреговите длабоко загазени во вода имаше "безброј" "бојничари", кои со голема мајсторија за неколку часа правеа долги низи од врбови гранки, на кои имаше нанижано килограми и килограми клен, бојник, по некој крап и мрена. Со нив се шеташе, заради "чалам", по градските улици. И се така до првите есенски освежувања. Не ни требаше ни ТВ, ни некоја друга забава, а ретко некој одеше и на одмор.

Вардар ни беше се. Тогаш и не мислевме дека ќе дојде ден кога и него неповратно ќе го загубиме. Како се старееше, така и се менуваа содржините на "експлоатирањето"на реката. Таа буквално беше на сите граѓани од сите возрасти.

Вардар сега е ничиј. Ако реката има душа и таа би се почувствувала осамена. Некој и ги зеде капачите, рибарите, ноќните вљубени двојки. Или можеби обратно. Некој им ја зеде реката. Губат сите. Најмногу генерациите што никогаш нема да ја почувствуваат убавината на реката.

15.06.’95


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Тачи го виде Путин!

Тачи го виде Путин!

РАЗВОЈ НА ЗАЕДНИЧКАТА АГРАРНА ПОЛИТИКА НА ЕУ И ШИРЕЊЕТО НА ИСТОК

РАЗВОЈ НА ЗАЕДНИЧКАТА АГРАРНА ПОЛИТИКА НА ЕУ И ШИРЕЊЕТО НА ИСТОК

БИЛЕТ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ ЗА МЛАДИТЕ ПРЕTПРИЕМАЧИ

БИЛЕТ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ ЗА МЛАДИТЕ ПРЕTПРИЕМАЧИ

Вози Диме

Вози Диме

Промените во САД не и носат ништо подобро на Русија, но...

Промените во САД не и носат ништо подобро на Русија, но...

Развој на заедничката аграрна политика на ЕЗ и ширењето на Исток

Развој на заедничката аграрна политика на ЕЗ и ширењето на Исток