06 Мај, 2024
0.0221

Кога велам Македонија, мислам Балтик и Украина!

Објавено во: Колумни 22 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

„Знаат ли Русија и ЕУ нешто повеќе од нас? На што предупредуваат? Има ли веќе некои и нечии сценарија? И едните и другите се загрижени за меѓуетничките тензии. Загриженоста е нивна, а работите треба да си ги решаваме сами.  Ние кои што секојдневно се соочуваме со реалноста би требало да знаеме повеќе од нив, како да ги решиме. Ова се однесува токму на заканата од влошување на меѓуетничките односи. На прв поглед интелектуалната елита и голем дел од народот од било кој етникум се сплотени против манипулациите на коалиционата власт. Реакциите и после „Пуч“ и сега, после Гошинце се „ No Pasarán“. Деновите и месеците што доаѓаат ќе минат под постојани притисоци. И од надвор, но и од внатре. Сигурно ќе дојде до експлозија на незадоволство. Но не треба да се дозволи да се оствари ничие сценарио за меѓуетнички конфликт.“ Токму вака го завршив текстот објавен на овие страници на 24 април. Некоја недела потоа се случија протестите и се случи Куманово. Поттикнат од внатре или од надвор, сеедно, настанот во Куманово не успеа да ги разгори етничките страсти и да дојде до меѓуетнички конфликт. Ситуацијата во градот е стабилна, но се уште кревка. Жалосно за загнатите полицајци. Македонија е, и ќе биде уште под притисоци. Но тоа што сега загрижува е пропагандната акција преземена од страна на руски медиуми и официјални лица, овде мислам на министерот за надворешни работи Сегеј Лавров, особено по неговото излагање за руската надворешна политика, пред членовите на Советот на Федерацијата. Во надворешната политика секоја држава поаѓа од своите интереси.  Тие им се секогаш во преден план. На големите сили им е гајле за Македонија. Ако ја сакаа толку многу ќе направеа некаков чекор, да не седиме со години пред прагот на почетокот на преговори за влез во ЕУ или во НАТО. Да, ние имаме наши внатрешни слабости, но ситуацијата од година в година станува се полоша во државава, што во прашање ги доведува и досегашните препораки за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Дека на големите не им е гајле за Македонија потврдува и одговорот на Лавров на прашањето во Советот на Федрација по неговото излагање за надворешната политика на Русија. Таму си го добија и САД и Украина и Европа, а и Македонија. Во јавноста беа презентирани агенциски извештаи за тоа што рекол Лавров, но, во ниту еден од нив како да не видов еден пасаж од излагањето. Точно е дека тој предупреди дека „ Сега веќе се зборува дека Македонија треба уште подласбоко да се „федерализира“, да се направи „еластична федерација“, можеби „конфедерација“. Дури се искажуваат идеи, а зошто да не се распарчи како вештачка држава – дела да се даде на Бугарија, а дел на Албанија“. Па оди поддршка на Груевски, па се поврзува тоа со наводни притисоци за неговата подршка на „Јужен поток“,, па со „Турски поток“ па дека е “многу тажно и опасно, што за достигнување на целта за подривање на владата на Груевски се обидуваат да го активираат албанскиот фактор“. Лавров зборуваше и за односот на Еди Рама, кој „исфрла пароли за Голема Албанија“. За тоа дека во Тирана одат лидерите на албанските партии од Македонија, кои таму „добиваат инструкции“. Па дека американскиот амбасадор во Скопје ги кани кај себе лидерите на политичките партии и на опозицијата. Па дека кон крајот на април во Скопје допатувала група од „пет до шест постојани претставници на редица западни земји и ЕУ во ОБСЕ, без доверен мандат, кои се нарекле „мисија на ОБСЕ“, и кои му искажувале „некакви рецепти и барања од Никола Груевски“. Тој нив ги нарекува „самоназначени посредници“ и побарал од српскиот министер Ивица Дачиќ, како претседавач на ОБСЕ, одговор, како тоа можело да се случи. Оттука и неговиот предлог во Скопје да отпатуваат генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, можеби заедно со генералниот скретар на ОБСЕ. Тие да видат каква е ситуацијата и да дадат соодветни препораки. Тој смета дека треба да се бара меѓународните организации да испраќаат независни експерти, претставници од секретаријатите и потоа да известуваат. Решенијата да се носат колегијално, во легитимни структури, а не зад кулиси. Од ова е јасно дека Русија отворено ја поддржува и ја зема во заштита сегашната македонска влада и посебно премиерот Груевски. Но токму пред сето ова, колку и да е точно, тој, според мене, го искажа главниот мотив во одговорот на прашањето за „обоена револуција“ во Македонија, за украинско сценарио и сл. Лавров вели: „Пред многу години, навистина имаше многу противречности меѓу Славјаните и Албанците. Тогаш беше склучен Охридскиот договор, кој воспостави мир и согласност. Потоа, кога во контактите со Европската унија се покренуваше темата за правата на Русите и рускојазичното население во Естонија и Латвија ние прашувавме: „А зошто вие поддржувајќи го Охридскиот договор и давајќи им доволно сериозен обем на права на Албанците во Македонија, не можете да го направите истото тоа за Русите во Естонија и Латвија?“ Одговор немаше. Но како и да е конфликтот во Македонија беше регулиран“. Јасно е дека обраќањето е „Велам Македонија, а мислам Балтик и Украина“. Русија таму има проблеми. Пред некое време  Москва прогласи политика на заштита на Русите кои живеат надвор од Русија. Веројатно копирајќи ги САД, кои исто така во преден план ги имаат своите државјани каде и да се. Па дури  почнуваат и воени или специјални дејствија против земјите каде што тие сметаат дека е направено некое зло врз нивни државјани. Поаѓајќи од прокламираната политика и знаејќи ја актуената ситуација во Украина, каде што допрва ќе се водат разговори за „федерализација“, за „автономија“, за положбата на рускиот јазик во таа држава, а согласно Минскиот договор, јасно е каде цели Лавров. Неодамна бев во Рига. На улиците во тој град доминантно се слуша рускиот јазик, па дури и градоначалникот е русин. Но, навистина, таму рускиот јазик нема никаков статус. Имаш Руси државјани и „недржавјани“ се разбира со различни права. Исто така и во Естонија правата на Русите се ограничени. Излагањето на Лавров како да беше само продолжување на она што Владимир Путин во „директната линија“ со народот, пред еден месец, го искажа „дека Русија не сака да ја возродува империјата, туку сака да обезбеди достоен живот на руските луѓе надвор од руската држава врз основа на заемна соработка“. Тоа ги боли Русите, а не Македонија. Се друго што прават тие во моментов е само пропаганда. Ним им е јасно дека Македонија за нив политички е изгубена. Дека се уште огромно мнозинство од народот е за влез во НАТО и ЕУ. Ако некој им намигнува на Русите, тоа е само негов однос, а не на над седумдесетина проценти определени за евроатлантски интеграции. Знаете ли дека вчера во Македонија имаше три руски телевизиски екипи? Знаете ли дека доаѓаат овде со предубедување дека ќе се повтори украинско сценарио! И прашањата што ги поставуваат се речиси исти. Велат дека слично почнувале работите и во Украина. Што ќе речете за ваков наслов – Македонскиот мајдан речиси копија на украинскиот? Ова е објавено во еден руски весник. А потоа под него се зборува за диретни и видливи паралели меѓу настаните во Украина од пред две години и она што сега се случува во Македонија. Демек  тогаш во Украина се поделиле околу прашањето дали да се биде со ЕУ или со Русија, а кај нас поделбата била меѓу тврдењата на Заев за гревовите на владата и тврдењата на власта дека тој се обидел да направи државен удар. Дека американската амбасада тогаш во Украина им помагала на опозиционерите, како што сега македонската влада тврди дека зад Заев стојат странски држави. И конечно дека околу Груевски има мала група луѓе кои не се подготвени да работат наспроти своите принципи, независно што подразбираат под тоа. И поентата на текстот, дека за разлика од Украина во Скопје премиерот Груевски успеал да организира контрамитинг во своја поддршка, а Виктор Јанукович не успеал да направи такво нешто плашејќи се да не предизвика крвави судири. На Русија никој не и пречи да ги штити правата на Русите надвор од нејзината теруторија. Но нема потреба од ваква пропаганда. Една мала Македонија не треба да биде вклучена во информативно-пропагандната војна што денес се води во светот меѓу Русија и Западот. Тие нека си ја водат нивната војна. А вака, се чини таа како да е нарачана од кај нас. Никола Груевски како да се жалел кај Русите, па Лавров во своето излагање го споменува неколку пати. Но, пропагандата, колку и да е голема, колкава и да е платена цена за неа, нема да го спаси Груевски. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина