19 Април, 2024
0.0254

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Објавено во: Колумни 18 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Во  разгората на новите искри меѓу официјално Скопје и Софија, поточно, заканите и уцените упатени од Софија кон нашиот државен врв,дека ако не се прифатат стојалиштата на официјалната бугарска историја, за минатото на Македонија, ќе се соочиме со вето, или  големи проблеми во почнувањето на нашите европристапни преговори кои ги чекаме повеќе од деценија, старо-новата влада предводена од Зоран Заев, енергијата треба да ја насочи кон внатрешните промени.

Храброст и во решавање на внатрешнополитичките проблеми

Јас сум доволно свесен, дури и веќе искусен (не наивен како порано), дека оваа и ваква држава, не може сама од себе да се реформира и да заличи на нормално и уредено функционално општество, бидејќи практиката ни покажа дека немаме внатрешен капацитет и сили, прво од нашите политички елити, а второ  од човечкиот материјал кој ги пополнува институциите на системот, и дека за таков трансформациски прогрес, нам ни е потребна бриселската локомотива, да не повлече напред, но: Заев покажа дека е  политичар кој воопшто не се плаши, т.е има храброст да решава горливи прашања, особено надворешно-политичките жешки костени, кои ја обременуваа иднината на Македонија и беа пречка за наше полноправно членство во НАТО алијансата, но и отпочнување на преговорите со ЕУ. Всушност, решавањето на најапсурдниот спор за името со јужните соседи, и потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со источните соседи, е доказ дека и покрај пресметаноста на владејачката елита за губење на политички рејтинг, и губење на гласови ( примарен интерес на една партија е трката по гласови за избори), тој имаше храброст и енергија да го направи тоа. Несфатливо за мене е, тоа што немаше таква храброст ( речиси никаква), да  влезе  во еден длабок рез, хоризонтално и вертикално по сите институции на системот, и да предизвика тектонски промени во внатрешното функционирање на сервисот кој се вика јавна администрација. Понатаму, немаше храброст, тоа да го направи со расчистување на пречекорувањето на моралните норми во политиката ( патните трошкови на Мира „Дизел“), вработувањето на ќерки и синови, по високите етажи на најдоброплатените јавни  институции, немањето енергичност во средување на ужасно катастрофалните состојби во судско-обвинителскиот систем, средување на состојбите во здравството, образованието, па дури и културата.

Оправдување, веќе не смее да  има!

Некои би рекле, дека првите три години од мандатот на Заев, и целата таа енергија во функционирање била потрошена на решавање на горливите и најтешки историски прашања за Македонија ( пред се прашањето за името), но еве  веќе и официјално Заев е старо-нов премиер на Македонија, со речиси ист партиско-политички коалициски капацитет, и ништо живо, овој пат не може да го спречи да  влезе  „ол ин“, како што најави  на еден предизборен митинг, и да  почне да прави трансформациски пробив во погоре наведените области. Точно, невозможно е за еден мандат од 4 години, да се променат од корен сите катастрофално лоши состојби, напластени и наследени во овие 30 години, но битен е процесот и реалната суштина на менување на работите, но вистински, а не само како обична шминка, фасада или пак градење на потемкинови села.

Македонија, одамна, нема време за чекање. Изгуби 30 години во хаосот и моралната деградација на општеството во ѓомити повеќепартискиот живот од независноста па наваму, а тоа се изгубени 30  генерации. Генерациите на нашите  родители, но и нашите генерации, кои допрва ќе треба да останат да го изградат својот животен пат, тука и овде на ова место. Или  не?! Ќе фатат џаде, како и преостанатите 500.000 граѓани од сите етнички заедници, од сите вери и нации кои битисуваат во етничко шареноликиот мозаик наречен Македонија, каде што нефункционалноста на институциите на системот, ендемската корумција и криминогеност, во буквална смисла на зборот, ги избрка чесните, вредните и интегритетните, кои не сакаа „ да си ја продадат душата на ѓаволот, за парче корка леб“.

Да ги отвориме очите, додека не влеземе во тунелот од кој излез нема!

Најстрашното за Македонија е, не што го смени своето име за внатрешна употреба (  не дека и тоа не е страшно), не што „преговара“ со Бугарите за своето минато, туку најстрашното е што ја губи својата иднина.Пред своите очи. Ги губи најспособните, трудоинтензивните, најобразованите, кои отидоа пред се во Германија, но и во САД, Канада, Шведска, и каде уште не. Свесен сум дека преговорите за наше полноправно членство во ЕУ, ќе бидат ужасно тешки, со ненормални уцени и закани, па дури и блокади, овој пат од Бугарите, но исто така сум свесен дека со заокружувањето на полноправното членство во НАТО, и (евентуалното) отворање на преговорите со ЕУ, нас не чека макотрпен пат за да ја искористиме последната шанса која историјата ни ја дава, а тоа е: создавање на функционално, ефективно, перспективно, општество во кое ќе биде „ досадно“, да се живее, односно држава во која вестите ќе известуваат за банални работи, а не секој ден да се полни со содржини, од кои на нормалниот човек кожата му се ежи, и косата му се крева. Заев и неговата екипа, втора шанса, и поправен испит, тешко дека ќе имаат. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок