29 Март, 2024
0.0251

Кого лаже Волчко?

Објавено во: Колумни 31 Март, 2017

Добивај вести на Viber

Деновиве што изминаа медиумите кај нас дадоа голем простор, со право, на некои изјави на српскиот премиер Александар Вучиќ, сега кандидат за претседател по неговата средба со Рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Со право, бидејќи во една од нив загатна и дел од нашата актуелност. Па така, тој соопшти дека Путин бил многу заинтересиран за состојбата во регионот и најголем дел од разговорот, демек, бил посветен токму за тоа прашање. Во друга изјава, пак, буквално рече: „колку што западните сили ја поддржуваат владата на Зоран Заев и албанските партии, толку, ми делува, дека рускиот претседател не е на таа страна“. Голем новост!

Не требаше да оди до Москва да ни ја каже работата која овде ја знаеме многу одамна. Впрочем неколкуте соопштенија на руското министерство за надворешни работи дадени изминатиов период, доволно се јасни на чија воденици тура вода Русија. Во едно од нив дури беше јасно кажано дека владата во Македонија после изборите на 11 декември, треба да ја прават Никола Груевски и Али Ахмети. Така што не требаше Вучиќ да оди до Москва, па да ни ја открива Америка.

Но што не кажа Вучиќ. Тоа е поинтересно. Не кажа, на пример, дека оди во Москва да се сретне со Путин токму спроти изборите за претседател, за да му се поткрене рејтингот дома, за да може евентуално да ја освои победата уште во првиот круг. А Путин, како добар домаќин, не ги одбива луѓето од кои очекува да не го разочараат откако ќе седнат на претседателската функција. Впрочем тој деновиве ја прими и Марин Ле Пен, кандидатката за претседател на претстојните избори во Франција.

Вучиќ добро знае дека Србите уште се палат на Русија. И токму на таа карта замина во Москва. Како што изјави, многу разговарале за регионот, па за оружјето што ќе го добиеле од Русија, па економската соработка која ќе ја развивале, а која била опадната. Вучиќ на почетокот на средбата со Путин ја повтори „воената неутралност“, за која Србија многу се залагала.

Но за тоа Вучиќ не кажа ништо. Не кажа за интересот на Русија, за таа идеја за „воена неутралност“. А сигурно разговарале, бидејќи веќе и официјална Москва се изјасни за неа. За Кремљ таа е од голема важност и таму сметаат дека токму Србија треба да биде промотор на планот Б-4, со кој се предвидува создавање на некаква неутрална воена зона на Балканов во која би влегле и Црна Гора и Босна и Македонија. Путин ќе очекува од Србија да ја одработи  таа идеја и да ја убеди и Македонија да се приклучи кон неа. Главната алатка за тоа Москва очекува да биде Вучиќ.  

Но тоа што мисли Вучиќ дека пали кај Путин не пали во руската јавност. Па така во некои медиуми се потсмеваат на изјавата за неутралност. И го потсетуваат српскиот премиер дека со НАТО потпишал Индивидуален план за партнерство, дека тој документ не бил усогласен во српскиот парламент и дека во медиумите за него не се пишувало. Но затоа во медиуми  блиски до Вучиќ имало антируска кампања – пред се против руските енергетски компании во Србија. Исто така се констатира дека „желбата на Вучиќ да седне во претседателската фотеља е условена, пред се од неговата намера да се опкружи со лојални луѓе и да ги реализира плановите за интеграција во ЕУ и НАТО, исто така и целосно предавање на Косово. А сето тоа би било прикриено со повиците за пријателство со Русија и заштита на територијалната целосност“.

На Вучиќ му забележуваат дека има многу мека позиција за Косово, за разлика од други српски политичари. И иако тој изјавува дека Косово е дел од Србија, де-факто, тукму во негово време се случува конечното разграничување меѓу Косово и Србија. За ваков развој говори дури и Елена Гускова од Руската акдемија на науки, која важи за промотор на Србија во Русија, во една емисија на руската ТВЦ. Таа смета дека Вучиќ засега сака да седи на две столици, а во крајна линија ќе ја внесе Србија во ЕУ и во НАТО. И дека ќе го признае Косово под видот на некаков „Договор за добрососедство меѓу Србија и Косово“.

На страниците на Фактор повеќе пати е пишувано дека Русија го изгуби Балканот многу одамна. Во времето на Борис Елцин. Се она што сега таа го прави е повеќе прпелкање во прашина, заедно со домашните елити од државите кои се’ уште не влегле во ЕУ или во НАТО, за таа да се крене и да се мисли дека многу работи се кријат зад неа. Нема потреба од тоа. Се е јасно како ден. Романија, Бугарија, Албанија, Словенија и Хрватска се во НАТО. Црна Гора треба да стане член за некој месец. Македонија има карт-бланш. Босна и Херцеговина две третини е за НАТО. Останува Србија. Русите ќе се чешаат кога и таа ќе влезе во Алијансата. И тоа при претседателствување токму на Вучиќ. Зарем Црна Гора не беше најголем пријател на Русија? За само една година работите се променија до непрепознавање на „цврстото партнерство“ меѓу двете држави. Такво нешто ја очекува Русија и со Србија. Ако во меѓувреме оружјето старо триесетина години, кое ќе го добие Србија од Русија некој не го искористи против Вучиќ.

Кого лаже Волчко? Путин? Не ми се верува. Рускиот претседател е махер за политичка стратегија и работите му се повеќе од јасни. Сега само го става Вучиќ на испит на лојалност и исполнување на зададената задача. Србите? Нив најмногу. Само за да стане претседател. „Русија и Србија вековни браќа“-тоа пали кај Србите. И кај некои Руси. Иако и таму и таму има разочарани и од Русите и од Србите. Уште во деведесеттите години, кога беше бомбардирана Србија во неа многумина беа разочарани од Русија, бидејќи не им помогнала. Не прашуваа дали можела или дали сакала. А во Москва, пак, можеше да се прочитаат наслови дека Русија секогаш била во загуба кога ја бранела Србија. Така што и сегашната „љубов“, како и секоја, ќе трае до ново разочарување.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?