25 Април, 2024
0.0344

Кој ја турка Украина да биде Иран или Северна Кореја?

Објавено во: Колумни 02 Август, 2021

Добивај вести на Viber

Во Украина врие во главите на многумина кога станува збор за надворешната политика. Во момент кога државата е пред неколку големи предизвици се јавуват поединци кои како да сакаат да покажат дека секој може да се занимава со надворешна политика. И секој може да придонесе во хаосот што се создава во земјата околу нејзината меѓународна позиција и перспективи. Но кога водачот на најголемата парламентарна фракција во Радата, од владејачката партија „Слуга на народот“ ќе каже нешто, тогаш тоа не мора, но може да се смета и како став на лидерот на партијата, претседателот Владимир Зеленски.

Давид Арахамија, Украинец со грузинско потекло, кој живеел и работел во САД, наводно ја цени Кина, е човекот кој ја разбранува јавноста и експертите минатава недела со редица изјави. Во едно интервју тој рече:„ Ние би можеле да го уценуваме целиот свет“. Тој смета дека решението Украина да се откаже од нуклеарното оружје во замена за Будимпештанскиот меморандум, кој „не значи ништо“, е „кобна грешка“ на првиот претседател Леонид Кравчук. „Мене ми се чини дека тоа е најголемата грешка. Во принцип ние денес се’ наследуваме од  таа една грешка. Сите грешки на другите претседатели можат да се пренебрегнат“, рече Арахамија.

Според него, ако Украина останеше нуклеарна држава со Киев би разговарале поинаку. „Ние би можеле да го уценуваме целиот свет“, изјави тој. Исто така кажа дека не ги знае околностите на ситуацијата, која беше во првата половина на деведесеттите години од минатиот век. На укажувањето дека во тој момент Украина не можела сама да го одржува нуклеарното оружје, Арахамија изјави дека:„ Тогаш би можеле да го намалиме бројот на оружјето, па сепак да оставиме нуклеарен потенцијал. Би можеле да го уценуваме целиот свет и би ни давале пари за негово одржување“.

БУДИМПЕШТАНСКИ МЕМОРАНДУМ

Будимпештанскиот меморандум беше потпишан на 5 декември 1994 година. Со тој документ земјите потписнички се обврзуваа да бидат гаранти на независноста, на суверенитетот и на границите на Украина, а исто така дека ќе се воздржат од употреба на нуклеарно оружје и друго оружје против Украина. За возврат Украина се откажа од својот нуклеарен статус. Под меморандумот се потпишаа претседателот на Украина Леонид Кучма, рускиот претседател Борис Елцин, американскиот, Бил Клинтон и британскиот премиер, Џон Мејџор.

Искажувањата на Арахамија наидоа на потсмев во јавноста, но и на сериозни критики. Уште повеќе критики предизвикаа и изјавите околу средбата на претседателот Владимир Зеленски со Џо Бајден во Вашингтон закажана за 30 август. Во едно ток-шоу Арахамија најави дека средбата меѓу двајцата претседатели ќе биде на повисоки тонови. Според него главна тема на посетата на Зеленски на Вашингтон ќе биде спротивставувањето на изградбата на гасоводот „Северен поток – 2“. Според него после договорот меѓу САД и Германија за завршување на изградбата на гасоводот, преговорите меѓу претседателите на Украина и на САД ќе бидат емоционални.

 „Очекувам, со оглед на актуелноста, дека барем затворената средба помеѓу Зеленски и Бајден ќе биде на повидок тон. САД денес во голема мера го потценуваат, или можеби се преправаат дека го потценуваат, ударот што го прават со таквата постапка. На дипломатски јазик велат дека „ние сме длабоко вознемирени“ и така натаму, но на недипломатски јазик луѓето зборуваат како што е “, рече Арахамија. Очигледно надевајќи се дека Зеленски токму така ќе зборува со Бајден.

РАБОТА НА ДВА КОЛОСЕКА

Според народниот пратеник: „сега главната поддршка на Германија и флертувањето со Русија“ од страна на САД е „неформална коалиција против Кина“. Тој се надева на поддршка од Конгресот, бидејќи „украинските власти добиваат десетици писма од конгресмени подготвени да го прекинат одморот и да дојдат на средбата во Вашингтон. И покрај укажувањето од Белата куќа Украинците многу да не се спротивставуваат на договорот за „Северен поток – 2“, и да не притискаат во Конгресот, се чини дека паралелно тие работат на два колосека. Белиот дом и Конгресот. Опасноста да добијат удар од Бајден, како да не ја сметаат за реална. 

Десетина денови пред тоа јавноста во Украина беше збунета со изјават дека доколку Запад ја „предаде Украина, нашата држава ќе се сврти кон Исток, кон Кина, Катар, Виетнам и други азиски земји“. Автор на ова изјава беше, пак, човек од власта. Алексеј Арестович, офицер, советник на претседателот на канцеларијата на претседателот Зеленски, Андреј Јермак, а истовремено и  советник за информациони прашања во Тристраната контактна група во Минск, која е дел од „Минските договори“. Се крена голема врева, која мораше да ја смирува министерството за надворешни работи на Украина. Од таму изјавија дека не се подготвува никакво вртење кон Исток. И оваа изјава беше дадена по неуспешната посета на Зеленски на Германија и по германско-американскиот договор за „Северен поток – 2“.

Дали искажаното е мислење и на Зеленски и се користи за притисок врз  Запад или пак е најава дека сепак ќе се оди кон исток? Се споменува голем кредит од Кина, а исто така и голема азиска турнеја на Владимир Зеленски. Исто така дека од ваквата изјава биле вознемирени во германската амбасада во Киев, а таа може да се разбере и како мала уцена на САД и другите партнери од Запад. Арестович вели:„Без оглед на тоа што Запад ја прогласи Кина за главен конкурент, ние не сме принудени да престанеме да ги градиме односите со Кина, Турција, Азербејџан, Индија, Виетнам и т.н.. Се подготвува голема азиска турнеја на претседателот. Украина е најголема земја во Европа, таа треба да гради односи со цел свет, затоа што станува збор за  решавање на многу сложени цивилизациски задачи“. 

ЛИЧНА ИРОНИЈА!

Сакајќи да го оправда Арахамија, советникот во Канцеларијата на Зеленски, Михаил Подољак, изјави дека станува збор за лично мислење на Арахамија. „Мене секогаш ми се допаѓаат глобалните заклучоци кои се носат од иронични коментари. Давид Арахамија, според мене, идеално  ја уловил токму таа особеност, од мува да се прави слон, и блескаво се користи со неа, нафрлајќи постојано слични сензации. Арахамија е идеален во тоа“, изјави Подољак, додавајќи дека сепак телевизискиот разговор немал официјален карактер“. Според него зборот „уцена“ во изјавата на Арахамија „имал очигледно иронична нијанса“. Демек Арахамија секогаш сака да прави некакви иронии. Само не е јасно дали искажувањата на официјалните политичарите од висок ранг не се официјални. Особено кога се искажуваат не во забавна, туку во сериозна емисија.

Нормално сето ова доведе до разни гледања, но доминираа критиките и потсмевањето. Дојдоа и од Америка. Па така NBC News пишува дека разочараната од САД Украина склучува зделки со конкурентската супердржава, поканувајќи ја Кина да гради инфраструктурни објекти и се воздржува од критиките за нарушување на човековите права во Кина.  Киев во јуни објавил за склучени договори со Кина за изградба на аеродроми, автомобилски и железнички магистрали во Украина. Освен тоа Киев изразил благодарност за испораката на кинески вакцини против коронавирусот.

Американскиот медиум додава дека неколку дена пред потпишувањето на тие зделки Украина донела решение повеќе да не го коментира нарушувањето на човековите права во Кина. Украина го повлекла и својот потпис од Заедничката изјава во Советот за човекови права при ОН, со која се повикува да се дозволи независни набљудувачи да одат во провинцијата Синцјан за да истражат соопштенија за нарушување на таквите права на Ујгурите.

МНОЖЕЊЕ СО НУЛА

Во Украина се појавија текстови во кои се тврди дека изјавите на луѓето од тимот на Зеленски и наштетуваат на Украина. Авторот вели дека може  долго да се докажува дека Украина го ограничува агресорот на источната граница и ја штити цела Европа од Русите. Може да се убеди (притоа, имајќи основа за ова) дека Украинците се носители на европските вредности, подготвени се да ги дадат своите животи за нив и тоа го докажуваат уште од времето на Мајдан. Со социологијата(истражувањата) во рака може да се тврди дека нашите граѓани се стремат да ја вратат Украина во европското семејство на демократски држави.

Но, додава тој, тогаш лидерот на владејачката фракција ќе се појави на сцената и во една фраза, со терминологија позната на многу пратеници, ќе ги „помножи со нула“ сите овие аргументи. И додава: „А како поинаку да ги наречеме откритијата на пратеникот, кој пред камера изјавува дека смета дека е нормално да се „уценува светот со нуклеарно оружје“ и жали што Украина не може да го искористи својот нуклеарен потенцијал токму за финансиски уцени на Западот. Во исто време, шефот на владејачката фракција ги смета другите земји што го избрале овој пат како пример за следење. Има само две од нив.., Иран и Северна Кореја. Да се земе предвид нивното искуство како пример за Украина е апсолутно лудило“.

Денес во светот само со две држави се водат преговори околу нивните нуклеарни програми. Иран и Северна Кореја. И двете сигурно уценуваат во преговорите. Набиваат цена која им одговара за да се постигне некаков договор. И сега одеднаш се јавуваат украински политичари од висок ранг, кои бараат друштво токму со Иран и Северна Кореја. И Украина да уценува. Тоа го вели Арахамија, за нуклеарното оружје, но и за средбата на Зеленски со Бајден, кога вели дека ќе се работи со Конгресот за сопирање на гасоводот „Северен поток – 2“. А добро ја знае пораката од Белата куќа да не се зафаќа да игра со Конгресот за тоа прашање. Исто и Арестович. И тој смета дека Западот ја предава Украина на Русија, па затоа е потребно вртење кон Исток.

КРИМСКА ПЛАТФОРМА

Зборовите на двајцата не се сфаќаат како лично гледање. Во првиот случај како став на парламентарното мнозинство, а во вториот како став на Канцеларијата на претседателот.  И сега со таков приод кон надворешната политика треба да се бараат интеграции со ЕУ и со НАТО. А дали може да се разговара со држава – уценувач? Украинското МНР и Канцеларијата на претседателот не може секогаш да ги толкуваат изјавите на некои политичари. Изјави кои се документирани во дипломатските папки на странските амбасади во Киев.

И Арахамија и Арестович или намерно или недипломатски и од незнаење ги дадоа изјавите во моменти значајни за надворешната политика на Украина. На само еден месец пред средбата на Зеленски во Вашингтон со Џо Бајден. Десетина дена по договорот меѓу САД и Германија за гасоводот кој останува да и носи пари на Украина од транзитот на руската нафта. А што е уште многу важно, на три недели од еден настан кој се подготвува речиси цела година, во кој гледаат голема надеж и Зеленски и цела Украина.

Станува збор за Кримската платформа. Со вакви изјави тешко дека нејзиното спроведување ќе биде успешно. А се вложија многу напори и убедувања на десетици држави за давање поддршка. И личниот авторитет на Зеленски е вграден во целиот процес. И на украинското МНР. Како што се истакнува во Киев, станува збор за нов консултативен и координативен формат инициран од Украина за зголемување на ефикасноста на меѓународната реакција на окупацијата на Крим, засилување на притисокот врз Русија, спречување на нарушување на правата на човекот и заштита на жртвите од окупациониот режим. Главна цел е деокупација на Крим. Се предвидува Платформата да дејствува на неколку нивоа: лидери на држави и влади, министри за надворешни работи, парламентарна соработка и соработка на експерти.

СТРАТЕГИЈА ЗА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

Официјално Кримската платформа ќе почне со работа на самитот во Киев превиден за 23 август. Се планира на него да биде усвоен документ – Кримска повелба, со кој ќе се осуди политиката на Русија во однос на окупираниот Крим. Целта е да се притисне Русија да почнат преговори за Крим. Платформата досега е поддржана од десетина земји. Поканите за самитот досега се прифатени од претседателите на Полска, Латвија, на Литванија, на Естонија, од првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претставникот на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жосеп Борел. Американците веќе најавија дека ќе пратат некој советник. До 23 август ќе се види дали врз овој самит влијаеле изјавите за уцена на Западот.

Настрана од сето ова пред некој ден украинскиот министер за надворешни Димитриј Кулеба, соопшти дека за прв пат по 30 години Украина донела јасна, разбирлива и содржајна Стратегија за надворешно политичка активност. „Во изминатите 30 години надворешната политика постоеше, но поради отсуство на стратешки, промислен, приод имавме колебања, скокови од една на друга страна и недоволна ефикасност. Благодарејќи на усвоената Стратегија ние можеме да ги отстраниме тие проблеми“, изјави Кулеба.

Ако се суди според Арахамија и Арестович тешко дека нешто ќе се промени во надворешната политика на Украина. Прво не се знае кој е задолжен за неа, кој ја креира и кој ја остварува. Да не биде како во многу посткомунистички држави. Секој да сака да се бави со надворешна политика, а резултатите да бидат катастрофални. Да даваат изјави и ненадлежни министри, па партиски лидери, па заменици на премиерот, па луѓе од кабинетите...Тоа е болката на Украина и на сличните на неа држави.

Мирче Адамчевски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД