10 Мај, 2024
0.0291

Кој ја урнисува спортската убост?

Објавено во: Колумни 10 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

„Работнички, Работнички, живот мој си ти, каде и да си, со тебе сме ние верните навивачи...але, але, але“....„Металски шампионе цел Аеродром е со тебе...але, але, але“....Ечат навивачки химни, громогласен аплауз се шири низ спортската арена, развиорени знамиња на навивачките групи, насмеани лица, ведри насмевки, една идилична слика за спортски натправар меѓу два урбани клуба, градски кошаркарски ривали. Големото дерби меѓу Работнички и МЗТ беше настан на месецот и во моите тинејџерски години кое со нетрпение сум го очекувала. Посебни подготовки за вечното дерби, договори, преговори, каде ќе се чекаме, дали на време сме набавиле билети со убави позиции за да го бодриме нашиот тим, спортски маички, реквизити за навивање и што ли уште не. Ех кога ќе се сетам на сета таа позитивна трема и адреналинска еуфорија која ме навјасуваше, верувајте и ден денес морници ме лазат и тремор ми поминува низ телото, при евоцирање на спомените за кошаркарските натпревари. И тогаш се се забораваше, лошите училишни мигови, ненаучените лекции, нетрпеливоста со некој соученик, казните од родителите за слабиот успех, се беше во втор план, а на пиедесталот на великани нејзината величина-кошарката. Важно беше да бидеш за ист тим, култот кон тимот беше посебна приказна за нас-адолесцентите кои го сакавме страствено спортот, посебно кошарката, и со жар идентична на љубовна еуфорија го голтавме секој натпревар. Се присетувам дека единствен пат кога сум избегала еден час, што тогаш го сметав за голем грев како одличен ученик со изграден морален кредибилитет, е вечното дерби меѓу Работнички и МЗТ, и верувајте ми на збор не чувствував каење и признав на класниот раководител дека сум вљубеник во клубот од градски парк и дека  е неминовно да го гледам. Имаше љубов кон спортот Катарза се доживуваше на самите натпревари на Работнички, пеење во еден глас на песните кои ги сплотуваа навивачите, бодрење на тимот, величање на кошаркарите и изговарање на нивните имиња, жестина и страст во секој збор и стих кои излегувале од нашите усти, но зборови и стихови кои биле исклучиво насочени кон бодрење и поздравување на тимот за кој навиваме, подржување без навредување, пеење без вулгарности и дискриминации, едноставно една благопријатна атмосфера која срцето ти го гали и душата ти ја милува. После натпреварот ги чекаш јунаците - кошаркарите, победата ја прославуваш и со денови говориш за неа и за великаните кои ја донеле, а поразот го одболуваш, наоѓајќи други виновници, судии, лош ден и несреќно губење на топки. Ама едно беше сигурно, како што вели старата изрека Lart pour lart-уметност заради уметност, симболички кажано со спортски жаргон-кошарка заради кошарка. Едноставно вљубениците во кошарката ја сакаа неа со сето срце и душа, уживаа во кошаркарските лудории и магии на актерите на теренот, живееа со натпреварите и своето слободно време го користеа во спортски дух. Но имаше љубов кон спортот, чиста, исконска, недопрена од политика. Кошарката и политиката одат рака под рака, а спортот е обременет со политика Солзи на очите ми надојдоа и гнев ми ја стегна душичката деновиве кога седнав дома да го изгледам вечното дерби. Не дека страста ми поминала или адреналинот се затаил, напротив, се е исто само едно е различно - наместо вистинските кошаркарски фанови некаде таму, на трибините, се политички елити, подмладоци на политички партии, млади кои можеби и не ја сакаат страсно кошарката, но ете треба да бидат таму, кажано им е, треба да провоцираат, да навредуваат, едноставно се ќе прават само нема да гледаат кошарка. Одамна веќе вистинските спортски сладокусци се надвор од спортските манифестации и што би рекол Балашевиќ - неки нови клинци ги заземаа нивните места. И немам ништо против тие нови клинци да се спортски обожувачи, сладострасни вљубеници кои уживаат во магијата на кошаркарската топка, напротив, среќна ќе бидам тогаш, но тие нови клинци се таму не да го бодрат својот тим, туку да го навредуваат другиот. Тие млади не пеат песна за поддршка на своите, туку ги плукаат другите, не го величаат кошаркарот најдобар од својата екипа, туку го омаловажуваат најдобриот кај другите. Испервертираност до немајкаде. Е така ќе биде се додека кошарката и политиката одат рака под рака, така ќе биде се додека спортот е обременет со политика, се додека политиката своите прсти ќе ги вплеткува во спортот нема да имаме спорт заради спорт туку ќе имаме спорт во име на политиката. И што направија-само се избламираа, го навлекоа гневот на оние вистинските спортски уживатели, ги подхранија страстите на навивачите, го потпалија огнот на раздор и омраза. Затоа господа треба полека да ви се покаже вратата, ама од другата страна, да се остави спортот на спортистите и вљубениците, бидејќи ако се продолжи вака со исто темпо, спортските натпревари и вечни дербија немаат светла иднина. Д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка