25 Април, 2024
0.0258

Кој ќе преживее, ќе збори

Објавено во: Колумни 30 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Светската пандемија од Ковид-19, која го фрли на колена целиот свет, за нас, како држава и општество, можеби има и една позитивна работа. Имено, го разобличи нашиот здравствен, но и институционален систем во целост, кој во изминатите триесет години на независност, беше граден како „Потемкиново село„ или  формално функционални  институции, а внатре пополнети со човечки гнилеж. Последниот есенски бран, кој до душа, не ги одмина и најбогатите и најфункционално уредените западноевропски земји, во Македонија, удри со сета жестина, и не рангираше во топ 20 земји, од вкупно 200  на планетата Земја, по смртност од овој злокобен вирус. Ѓаволот ни ора, ни копа, ама на крајот, секогаш си доаѓа по своето. Плативме со човечки животи, токму поради нашата гнилост, неорганизираност и нестручност во однос на еден од клучните столбови на секој државен апарат-здравствениот систем.

Сами се набутавме во канализацијата од која излез нема

Децении и децении наназад, стручните здравствени лица, лекари специјалисти, врвни доктори од областа, апелираа, укажуваа, буквално молеа да се преземат сериозни  реформи и сериозно реструктуирање на здравството, за еден ден тоа да не ни колабира, и еве под  „нозете на Ковид-19“, ние капитулиравме.Односно, на површина исплива се: немањето доволно основен медицински кадар, дури ни медицински сестри  во болничките услови, да се грижат за болните од Корона вирусот, немање на апаратури, болнички кревети, стручни лица. И кој е крив за сето тоа? Секоја претходна гарнитура, или Цацко? Сите, до еден, кој управуваа со оваа жална и забаталена земја, и како владејачки елити, но и како први луѓе во овој ресор. Бидејќи секогаш се одеше на партизација на здравството, каде што и министри, кои немаа врска од преврска и завој, беа поставувани на чело на здравството, ниту доктори кои немале ден стаж, или пак специјализација ( имале партиска книшка и подобност), ги пополнуваа местата, а стотици, па и илјадници луѓе кои со љубов студирале, учеле, практицирале и се усовршувале да станат доктори, специјалисти, здравствени работници, бидејќи одбивале или не сакале да бидат партиски лојалници и послушници, не успеваа да се вработат на еден мизерен конкурс, на кој се нуделе и 15.000 денари месечна плата. Каде се сега сите тие? Таму, каде што некој ќе го цени нивниот труд и знаење-во Германија, и во секоја друга земја, каде што стручно можат да се реализираат. Нели е трагично, патетично и жално, еден министер за здравство, да моли три медицински сестри, кои незадоволни од  платата, статусот и условите во кои работат, решиле да си дадат отказ од работното место, да ги тера да останат, бидејќи сега најмногу ни требаат?

Не ја заслужуваме Македонија

 Сто пати сум рекол, и пак ќе повторам, а толку е жално и срамно што не е ни за кажување: нам Швајцарија или Нов Зеланд да ни ги дадат да ги располагаме како ресурси, и да живееме во нив, не повеќе од пет години, ние има да ги претвориме во флека на историјата, односно да ги најдат после тие пет години, во поочајна состојба од едно Зимбабве или  Бангладеш. Секоја година, ова есено време, како гуски покрај езерцено во парк, крекаме дека се гушиме и се труеме од енормно загадениот воздух во Скопје, кој од година на година руши рекорди, и не само во главниот град, туку веќе и во сите малку поголеми градови низ републиката, не разбирајќи дека, или намерно неприфаќајки дека вината е само и само во нас и нашето нецивилизациско, нехумано и небиолошко однесување и третирање на природата и природните ресурси со кои Господ или природата не дарила да ги уживаме и да ги користиме на овие 25.713 км квадратни. Триесет години непланската, дивјачка, примитивна и бескрупулозна урбанизација на секој ќош, завземањето на секоја педа зелена земја, и нејзино претворање во нов бетонски објект, претворањето на реките и езерата во депонии, и неконтролираната трка по милионски евра профит, на моќници олигарси, кои горат се што ќе им текне, и испуштаат невидено штетни материи, во своите фабрики, не доведе да живееме во деветтиот круг од пеколот на Данте Алигиери, 4-5 месеци секоја зима.

Спас за нас, тешко дека некој има

 И кој е крив тука? Не Цацко, туку Миле Паника или Тошо Малерот? Трагедијата да ни биде полна (што би рекле „браќата Бугари“), е дотолку поголема што ајде што сме се нашле во ваква ситуација и во однос на крахот на здравствениот систем, но и уништувањето на амбиенталниот воздух, кој дополнително ќе предизвикува смртност од Ковид-19, и ќе ја докомплицира и онака ужасно комплицираната ситуација, туку ние немаме ниту умствен, ниту институционален, ниту стратешки, ниту менталитетен капацитет, да излеземе од овие гомна до гуша во кои сами влеговме. И што сега, ќе ни преостане, освен кокодакањето на тарабите од тастатурите, каде што ФБ  и другите социјални мрежи ги користиме како платформа за истурање на нашиот гнев, фрустрации, бес и нервоза? Како баби-нарикачки над сопствената тажна и празна судбина, што сме се нашле на ова место и во ова време? Ништо, бидејќи, и за друго ништо не знаеме. Македонија и нејзините граѓани  од скоро,ќе почнат  да ја живеат  и четвртата деценија од своето битисување и суштествување, од кога во веќе далечната 1991, ја земаа  потврдата од историјата дека можат  да се управуваат  самите  себе. Резултатите, кои ги оставивме  зад себе, во овие три децении, за жал ни укажуваат и покажуваат дека ние не сме деловно способни да се грижиме самите за себе. Можеби, историјата не требала да ни го даде тој ферман, или пак можеби еден ден ќе ни  го одземе. Како и да е, како што се рекло од  дамнина: секој народ си заслужува власт,каква што има. Но и секоја власт, пак си има, таков народ каков што си заслужува. За справување со последиците од Ковид-19, ниту нашата власт е задоволна од својот народ,ниту пак народот е задоволен од капацитетите и менаџирањето на власта  за справување со пандемијата. Можеби зошто си одговараме  совршено, како лонче и капаче. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок