27 Април, 2024
0.0251

Кој ќе влезе во НАТО и ќе ги започне преговорите со ЕУ, ако не прешкртаат како Република Македонија?

Објавено во: Колумни 11 Јуни, 2018

Добивај вести на Viber

Република Македонија, освен по формалните прерогативи на една држава, големо прашање е дали таа суштински е тоа - држава.

Да, има јасно и неспорно дефинирана територија, има граѓански устав во кој граѓаните (не колективитетите), се на пиедесталот како носители на суверенитетот на државата, на права, обврски и одговорности, но суштината на проблемот е дали институциите на државата функционираат, дали суверено ја спроведуваат власта на целата нејзина територија?! 

Веројатно не, инаку од каде потребата странски амбасадори да ја информираат јавноста за работи што се случуваат кај нас, во нашата држава, а институциите поим немаат и никаде ги нема. Не сакам да помислам дека амбасадорите ни се мешаат во внатрешните ни глупоштии, ниту пак дека вршат некаков притисок врз премиерот или врз владата во преговорите за името, не, скраја било, тие си ги вршат само своите дипломатски обврски.

Не знам, можеби премиерот заради тоа на помош во владата за кратко го ангажира и познатиот ослободител на Танушевци, кој пред донесувањето на законот за амнестија, во својство на терористички олош го окупира с. Танушевци, си прогласи слободна територија која ја "присоедини" кон Косово.

Неспорно е дека заради климавото парламентарно мнозинство, оваа позиција на чело со владата на Република Македонија, функционира по принцип на уцени и закани за растурање на владеачката коалиција, а во фокусот на уцените се прашања кои од оваа, според уставот унитарна, се прави бинационална држава. Од тука, обединети во тиранската платформа, заканувајќи се и уценувајќи дека ќе ја растурат коалицијата во која партиципираат и претставуваат власт (до неодамна беа дел од власта која е нарекувана криминална), не убедија или барем така мислат, дека изгласале и донеле Закон за употреба на јазиците (читајте Закон за двојазична Република Македонија). Тоа е спротивно на Уставот, бидејќи кршејќи ги преклузивните рокови, надвор од правните принципи и правната логика во Собранието, гласаа и сега безобразно бараат нешто што de jure не е изгласано и донесено, да се објави во Службениот весник на Република Македонија и насилно да стапи на сила. Таквата ступидност, дефинитивно го брише граѓанскиот карактер на нашата татковина и ја трансформира во неформална федерација на два народа. 

Впрочем тоа е очигледната идеја на уцените - формирање на заедница на два народа, не на држава на сите граѓани што живеат на територијата на Република Македонија. Ова го тврдеше некој "професор" што не успеав да го идентификувам (?! :-) )  припадник на албанската етничка заедница во Република Македонија, во дебата на ТВ 24 Вести со директорот на Државниот завод за статистика, при што експлицитно ја манифестираше својата иредентистичка опседнатост, ступидност и ограниченост тврдејќи дека - "Република Македонија и сега не е граѓанска држава, туку е држава на два народа македонскиот и албанскиот" (завршен цитат). 

За ваквите со научна титула, а во погледите, визиите и демократските капацитети, т.н. професори што се ограничени како отсечки немам коментар. Сепак очекував некој попаметен од политичкиот блок на кој "професорот" припаѓа, да се огради од таквите небулози, арно ама тоа не се случи, како што немаше реакција ни од коалиционите им партнери од македонскиот политички блок.

Простете, но во такви околности не ја препознавам онаа Република Македонија која е моја татковина, држава на рамноправни граѓани кои имаат подеднакви слободи, права, обврски и одговорности, без разлика на нивната национална, верска, политичка или полова припадност и без разлика на нивниот социјален статус, не ја препознавам државата која со многу помала администрација, без информатичка технологија беше далеку попрофесионална, поодговорна, поефикасна, поефективна и поефтина.

Во услови кога во државата граѓаните немаат правна сигурност; кога владее некое чудно право, но и тоа не подеднакво за сите; кога правдата е резервирана за имотните; кога партиската книшка е аусвајс за работно место; кога однапред се знаат имињата на тие што ќе бидат примени на распишаните огласи за работа; кога економијата секој квартал колабира; кога поединци од владата имаат моќ и дрскост да испратат порака до комисиите за јавни набавки за тоа која компанија треба да го добие тендерот; кога странските дипломати диктираат како да се однесуваат нашите политичари избрани од граѓаните на Република Македонија; истите тие граѓани се држат под страшна тензија и стрес дали, спротивно на меѓународно правниот поредок, спротивно на сите цивилизациски придобивки деновиве ќе се разбудат онака прекрстени и со ново име, а сето тоа со цел државата да станела дел од НАТО алијансата и да отпочнат преговорите за полноправно членство во ЕУ, не можеме и не смееме да бидеме рамнодушни.

Таквите политики се прикаски за деца, но дури и да се случи да влеземе во НАТО и да започнеме преговори за полноправно членство во ЕУ, има ли некој што мисли дека утредента софрата ќе ни е побогата?! Дека ќе протече мед и млеко?! Ќе ни се вратат нашите исчовечени млади тука на југ?! Ќе ни се покачат платите и пензиите?! 

Не драги мои, дури и како такви, прекрстени (ако е со крвче) или прешкртани (ако е со икс), ќе останеме гладни и страдни за правда и постојано ќе треба да кукаме дека се некој друг (макар тој бил и од надвор) ни е виновен. Не, никого не треба да обвинуваме, бидејќи како граѓани ние сме носители на суверенитетот на државата, ние имаме слободи, права, обврски и одговорности да го заштитиме тоа што е наше, а светско. 

Многумина што го мислат истото, од страв или поведени од личните интереси молчат. Едни молчат восхитувајќи се, а други ги мразат сите тие што се слободоумни, бидејќи тие се согласни на се, само да не го загубат комодитетот, но забораваат дека нивната употребна вредност е како книжно марамче за бришење нос, по што задолжително завршува во корпа за отпадоци.

За самиот крај, прашањето е дали Република Македонија ќе смогне сила да воспостави систем на владеење на правото, суверено и самостојно да ја спроведува власта на целата своја територија, што треба да е прв приоритет на владата; и натаму ќе продолжи да се однесува како нечиј протекторат со кој ќе управуваат странските дипломати; или ни се подготвува некакво друго сценарио, со прешкртување или прекрстување на нашиот идентитет со цел некои (но не и ние македонците) да влезат во НАТО и да ги почнат преговори за полноправно членство на ЕУ. Како граѓани, заслужуваме да бидеме информирани од нашите избрани, а не од грчките медиуми или од странските дипломати. Тоа би го ценеле како лидерство, таква транспарентност недостига.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД