15 Август, 2020
0.0319

Кој му витка „свилен гајтан“ на Мицкоски?

Објавено во: Колумни 24 Јули, 2020

Игри за тронот во Белата палата!

Дворските игри во ВМРО-ДПМНЕ започнаа на очиглед на целата поширока јавност. Овој пат, не долгата рака на ВМРО, ами долгата рака од  „Мериот“ се активираше, за да го преземе ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи го чувствува како своина. Сите толкувања одат во тој правец, веднаш по номиналниот пораз на оваа партија на последните парламентарни избори кои се случија пред една седмица. Како печурки после дожд се појавија со свои изјави/ интервјуа, поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека лидерот Христијан Мицкоски треба да понесе одговорност, да си поднесе оставка, и партијата да ја преземе друг, кој ќе ја врати партијата на победничките стази. Ајде, Никола Тодоров, како еден од највисоките функционери на оваа партија во ерата на Никола Груевски, и Даниела Рангелова, поранешна претседателка на Унијата на жените, и во изминатите три години перманентно со свои телевизиски настапи, изјави, колумни беа вклучени во јавноста и јасно го изразуваа својот став по сите општествено-политички збиднувања, меѓу кои и за прашањето за Преспанскиот договор и последователно „ контроверзниот“ референдум, па така имаат сосема легитимно право да се актуелизираат кога станува збор за иднината и судбината на нивната матична партија.  Тука е и Митко Јанчев, актуелниот градоначалник на Кавадарци од редовите на оваа партија, и разрешен екс потпретседател поставен од Мицкоски,  кој прв „пушти крв“, во интервју за бугарската новинска агенција БГнес, каде што побара одговорност за изборниот резултат.  Но каде беше Никола Попоски, кој во изминатите три и пол години беше и актуелен пратеник да даде свој личен став по ова и сите останати прашања? Исчезна од јавната/ политичка сцена, го немаше нигде, се скри в дупка, или пропадна во земја, за сега преку интервју во порталот МКД.мк да ги  коментира постизборните резултати на неговата партија и да дели ум како да  продолжи понатаму  ВМРО. Ако се вистинити градските муабети, дека двоецот Груевски- Протогер тргнал во операцијата „ да најдеме ново“ дете, а токму името на Никола Попоски беше кулоарски исшпекулирано за ново дете после Мицкоски, тогаш и не треба партиската јавност и високи структури да се возбудуваат дека Попоски е „ печат и решение“ на Мијалков, туку адресата на оваа операција да ја бараат во Будимпешта. Дали е игра за пред пошироката јавност, или навистина бришењето  на името на Никола Груевски на последниот Извршен комитет од местото почесен претседател во ВМРО-ДПМНЕ, е со цел да се расчисти со груевизмот во партијата, времето ќе покаже. Можеби и самиот Мицкоски ги добил информациите дека не само Сашо, туку и братучед му од Будимпешта решил да му го побара „ скалпот“, и да го смени од лидерската позиција. Овие збивања на редовите и експресната поддршка која ја доби Мицкоски од високи партиски функционери, дел од ИК на ВМРО-ДПМНЕ одат во таа насока.

Каде згреши Мицкоски?

Расчистувањето со груевизмот како матрица на дејствување и политичко делување може да се протолкува како „ после свадба тапани “, односно крајно задоцнет потег, бидејќи изборите де факто се загубени. Доколку Мицкоски имал на ум, себе си и партијата да ја претстави во ново руво, чисто, деконтаминирано од  грувизмот, со нови политики и визии за иднината на Македонија, тоа требаше да го стори уште веднаш, од моментот кога седна на подарената позиција прв човек на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот во Валандово. Со својата недугава политика, остави простор да биде перманентно обвинуван дека е продолжена рака на Груевски, дека ВМРО-ДПМНЕ е се уште заробена  во канџите на груевизмот, и дека партијата е контролирана директно од  двоецот Груевски- Протогер, додека Мицкоски е само статист-подизведувач на желбите и политиките на овие двајца. Резултатот од 313.000 освоени гласови е одлика токму на оваа „ни риба ни девојка “ политика.  Тој  „ ореол“, не беше граден само од соопштенијата на СДСМ, туку и многумина во пошироката политичка јавност тоа и го шпекулираа, па така се создаде плодна почва, голем дел од јавноста и да ја „ проголта“ оваа теза. Сега е веќе доцна, да се реагира во тој правец, бидејќи работите се отидени предалеку, и се изминати скоро три години, од моментот кога Мицкоски почна да ја води партијата. Сепак и процесот на дегруевизација не значи само оттргнување на самиот Груевски од местото почесен претседател, туку пред се водење на нови политики кои ќе бидат антипод на политиките на Никола особено кон меѓународната заедница, нејзините интереси по однос на надворешно-политичките прашања на Македонија, и односот кон медиумите и политичката заедница во Македонија. Многумина велеа дека Мицкоски лесно ќе победи на овие избори, и дека ВМРО како партија никогаш во историјата  на плурална Македонија не било два последователни мандати во опозиција. Тоа е точно, но и за тоа непишано правило дојде исклучок. Куриозитетно е што, Мицкоски освои малку повеќе гласови од Груевски во 2006 та, кога од позиција на опозиција за прв пат ја освои власта и потоа една деценија неприкосновено владееше. Што е клучната разлика меѓу Груевски и Мицкоски во опозиција?!  По тоа што Груевски како прв опозиционер вешто го криеше своето арогантно, суетно, самоуверено лице, кое потоа се престори  во сурово владетелско, односно додека беше лидер на опозициска партија тој градеше имиџ на модерен  технократ- економист, кој Македонија стопански и економски ќе ја препороди. Затоа  новинарски перјаници кои цел живот инклинирале кон левицата (СДСМ), во тоа време пишуваа ловорики за Груевски и отворено му ја даваа  поддршката како нова надеж на македонската политичка сцена. Таа медиумска поткрепа и создавање на еден чист лик и дело, без преостаната  дамка од „ злокобното љубчово ВМРО“,  имаше огромна улога во востоличувањето на Никола на премиерскиот престол. Се друго е историја.  За разлика од него, Христијан, кој и нема голем практичен опит во политиката во минатото,  во  овие три  изминати години, многу несмасно комуницираше со медиумите. Често пати се конфронтираше со новинари кои му поставуваа „ незгодни прашања“ , надвор од  договорените од медиумите под контрола на Белата палата. Овој сооднос, изгради и еден своевиден анимозитет на Мицкоски со плејада на новинари, кои потоа создаваа слика дека овој „ даскал“, не е алтернатива на „ погубните политики на Зоран Заев и СДСМ“. Токму себеименувањето со Даскалот, ( алузија со Гоце Делчев) , и таа аура која тој ја изгради да го нарекуваат така, создаде впечаток кај пошироката јавност дека лидерот на опозицијата има суетен и самобендисан карактер ( за разлика од „ скромниот и народен “ кој го имаше Груевски како лидер на опозицијата), и токму тоа можеби беше и главната причина зошто Мицкоски со својата појава не успеа да ги убеди и придобие неопределените гласачи, кои ако се свртеа на негова страна од само неколку десетици илјади, денеска ќе биде и реален и номинален победник, и веројатно иден премиер на Македонија.

Кој  пат ќе го фати Даскалот?

Дали Мицкоски ќе ги одолее „ нападите“ за негова смена и одговорност за изборниот резултат, и дали и понатаму ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ и за претстојните локални ( со голема веројатност во скорешна иднина и нови предвремени парламентарни избори),  ќе видиме наскоро. Дали под внатрепартискиот притисок, и притисокот на јавноста да си поднесе оставка, и да се врати во својот кабинет на факултетот, ќе биде втората опција, исто така ќе видиме наскоро. Трета и не постои. Првите постизборни знаци околу оваа сага и лидерска разврска во ВМРО-ДПМНЕ наговестуваат дека Мицкоски своеволно не сака и нема намера да се повлече од позицијата претседател на ВМРО. Во таа насока оди и поддршката од своите најблиски соработници, членовите на ИК и останатите. Досега никој јавно од актуелните високи партиски функционери на ВМРО не ја побарал неговата оставка, односно не побарал „ одговорност за изборниот резултат“. Потегот  со чистењето на претходната пратеничка група, која Мицкоски ја наследи кога седна на претседателското  столче, и поставувањето на за јавноста досега непознати и многу млади вмровски лавчиња, оди во таа насока дека Мицкоски и пред изборите одел превентивно да ја заштити својата лидерска позиција и при ваков изборен резултат. Единствено и само ќе ја видиме улогата на потпретседателот на партијата Александар Николоски кој важи „ за дете на Груевски“, како во наредниот период ќе се однесува, и дали  спрема свилен гајтан околу политичкиот врат на Мицкоски. Многумина велат дека Николоски и во овој изминат тригодишен период се однесувал како iznogoud ( „Лошко“ ) везирот од популарниот цртан, каде што првиот соработник на  султанот „ Харун Добриот“, на секој можен начин гледаше да му напакости на својот претпоставен и да седне на за него толкупосакуваниот  султански престол. Во анимираниот цртан, Лошко никогаш не успеа да го „ порази“ Харун Добриот, и да стане султан место султанот, а  во овој реален политички цртан од Белата палата, „ султанот“ ниту е добар ( наивен), ниту е несвесен за амбициите на својот „ везир“. Во македонската политика на интриги и сплектки, на местенки и подметнувања, на мешетарења и суети, нема добри, туку само злонамерни, препредени и лукави бескрупулозници кои во својот налет за освојување на партиската и државната власт не бираат ниту средства, ниту методи, ниту начини да го реализираат тоа. Разврската од овој нов  трилер дамин-гамбит во ВМРО-ДПМНЕ ќе ја видиме многу наскоро. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Јубилејни две децении Александар Антиќ е главен командант во Македонија

Јубилејни две децении Александар Антиќ е главен командант во Македонија

Повеќе кибицери од играчи

Повеќе кибицери од играчи

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата