26 Април, 2024
0.0266

Кој ни ја крои нацијата?

Објавено во: Колумни 21 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Веќе во неколку наврати и главно фрагментирано сум ја пласирал тезата дека овој народ има аисториска и анационална свест. Причините се и објективни и субјективни. Објективните, или ако сакате материјалистичките (да се изразиме со марксовата терминологија), лежат во фактот што овој народ никогаш не бил оставен доволно долго „на мира“ за да може во еден непрекинат и подолг историски период да развие историски континуитет и да изгради една компактна и конзистентна слика за себе си. Дедо ми велеше, нема една генерација на оваа почва која не доживела војна. Некоја и две. Тоа секако го кине живото единство и создава дисконтинуитет. И тоа се објективните основи на неможноста да се изгради нашата историска и национална свест.

Но, тука има и многу субјективни фактори. Оваа генерација потфрли. Како провокација, категорички тврдам дека за овие триесет години самостојност, оваа генерација не успеа да изгради нација! Ние во овој миг не можеме да говориме за изградена политичка, современа македонска нација, во која би биле инкорпорирани сите нејзини граѓани, со инкорпорирани историски, дури и противречни, наративи, со саморефлексија, но и рефлексија кон соседните и современите геополитички текови! Кога веќе таа трансформација на нашиот национален наратив не потекна слободно и одвнатре (како што треба), се случува насила и главно однадвор. Во моментов, нашиот национален наратив се гради од соседите и надворешните геополитички текови, а ние сме или неми набљудувачи или колаборационисти!

Мислам дека расчистивме со тоа дека секоја нација е вештачка, дека е историска творба. Да, во извесна смисла секоја нација е вештачка! Но тоа не смееме да го третираме апсолутно. Нацијата е објективно-субјективна творба, ако сакаме попрецизно. Имено, таа се „создава“, но тоа не значи дека „паднала од небо“ и дека нема некоја „реална“ историска основа за нејзината појава. Ако е целосно и исклучиво вештачка, во една апсолутна и исклучива смисла, тогаш може во овој миг да создадеме „марсовска нација“, да речеме. Веројатно години и години од сега, ако успее проектот на И. Маск и НАСА, првите колонизатори на „црвената планета“, можеби и ќе се декларираат во иднина како претставници на марсовска нација, но никој разумен во овој миг не може да тврди дека е претставник на марсовската нација. Нацијата е „вештачка“ во смисла дека „се меси“, но „тестото“ веќе постои. Е, тоа наше тесто во овој миг го месат други!

Оваа генерација не го зеде тестото во свои раце и не ја замеси современата, политичка македонска нација! Тоа е нашиот генерациски неуспех. Неуспех е што не го зедовме тестото во свои раце и особено што не увидовме дека создавањето на нацијата е континуиран историски процес, нешто што не е еднаш за секогаш дадено. Особено заради фактот што до пред 30 години бевме во една друга држава и градевме национални наративи усогласени со таа заедничка држава и согласно тогашните историски околности. Националните наративи се континуиран напор на интелектуалците, образованието и политичките елити. Следејќи ја внатрешната динамика на државата, надворешните и геополитичките текови, тие фактори треба да го месат тестото на нацијата (и во оваа смисла, гледаме дека нацијата е „вештачка“). Погледнете ги да речеме соседните држави. Погледнете ја Грција. Постојано „позајмува“ од историското тесто (и во оваа смисла, гледаме дека ниту една нација не е апсолутно вештачка, падната од небо) и го усогласува националниот наратив согласно актуелните историски прилики. Во устав веројатно се еднинствената европска држава која е несекуларна, затоа што по устав се дефинирани како православна држава, која се повикува на византиското наследство. Модерна Грција уставно е несекуларна држава. Во член три од уставот од 1974 година се повикува на православната религија како доминантна и официјална. При тоа, своите историски митови продолжува да ги гради на различни и во суштина противречни наративи. Тие веројатно се „најшизофрената“ политичка нација во Европа која се обидува, во зависност од историскиот контекст, да ги инкорпорира во својот мит, дури и најпротивречните историски наративи. Од античкото и хеленското наследство, преку православието и византизмот, со неодамна инкорпориран македонизам (кој пред 90-тите им беше непријател)... уште и антифашизам, но и антикомунизам за време на граѓанската војна 1946-1949.

На примерот на Грција, можеби најочигледно се демонстрира погоре споменатата теза за објективно-субјективниот карактер на секоја нација. Од постоечкото тесто се меси според потребите, па макар тоа замесено тесто да содржело во себе и противречни, дури и меѓусебно исклучиви состојки! До пред нашата независност немаше збор кај нив за македонизмот, во 90-тите им „притреба“ и го вклучија во националниот наратив. Не помалку илустративен е примерот и со Бугарија: од прабугарското, несловенско потекло на ханот Аспарух и Првото бугарско царство во VII век, преку Св. Кирил и Методиј кои пратени од Византија, со која всушност биле во постојани војни, па преку словенското наследство, до современиот „македонизам“, целата нивна историја е противречност до противречност. Да не се разбереме погрешно, ни малку поинаква е и нашата. Без да навлегуваме во понатамошни, историски примери, идејата е да истакнеме дека на историското тесто не му пречи да биде измесено од противречни, дури и меѓусебно исклучиви наративи! И во оваа смисла, секоја нација е вештачка. Секој национален наратив се конструира „наназад“, селектирајќи ги во сегашноста, apropos иднината, минатите историски мигови, претворајќи ги во митови.

Но, за тоа е потребно будно око и напорна работа на интелектуалците, научниците и политичарите. На крајот нека стои и оваа провокација: сите потфрлија! Во тоа се состојат субјективните фактори на нашата а-историска и а-национална свест со која ја почнавме оваа колумна. Таа наша заспаност е причината зошто други ни го месат тестото. Тоа тесто зрее, мора да се меси, не може да ја чека нашата мрзеливост! Ако мислите дека сум премногу строг кон нашата интелектуална елита, еве за крај уште неколку провокации:

Наведете ми кои институции, афилирани за политиката, политичките институции и политичките партии, се занимаваа со вакви истражувања и претставуваа основа за градење на националните наративи? Наведете еден тинк-тенк, научен институт, парламентарен институт, владино тело, невладина организација...која се занимаваше со овие прашања и ги пласираше на политиките за месење на нашето национално тесто? Наведете го нашиот геополитчки институт или институт за стратешки истражувања? Нашите институции, владини и невладини, го кроеа наративот согласно грантовите на туѓите интереси. Нашите невладини се занимаваа со секакви „изми“, но не и „национализми“ (во смисла на идеологија).

Уште поилустративно. Дали можете да ми наведете големи книжевни остварувања кои се занимаваат со социјални теми? За разлика од „интервенциите“ во историското, кои после Втората светска војна ги правеле нашите тогашни писатели: од Село зад седумте јасени, на Славко Јаневски, преку ангажираната поезија на Б. Конески, до славниот Пиреј на Петре М. Андреевски. Не сум баш највнимателен проследувач на македонската книжевност во периодот од независноста до денес, но навистина не познавам ниту едно вакво важно ангажирано и социјално артикулирано уметничко дело, како оние повоените. Како и институциите во овие изминати триесет години, така и нашите интелектуалци и книжевници се занимаваат со секакви светски и модерни „изми“, а никако со „национализми“! Тој субјективен фактор на нашата аисториска и анационална свест е главната причина што други ни го месат тестото! Во песимистички дух, заклучувам - оваа генерација потфрли! Во оптимистички дух, пророкувам – еднаш создадената самостојна и независна Македонија е историски чин кој ниту еден непријател на македонската идеја не може да го избрише и некои поуми, подобри и похрабри од нас, ќе ја остварат таа идеја подобро!

Трајче Стојанов


Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД