06 Мај, 2024
0.0236

Колку средства државата навистина троши за поддршка на земјоделството?

Објавено во: Колумни 21 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Во последните неколку години, постојано (секоја година) се зголемуваат финансиските средства кои Државата со Буџетот ги планира за поддршка на развојот на земјоделството и руралните подрачја. Меѓутоа, често може да се слушне или прочита за незадоволството кај поединци кои негодуваат и сметаат дека толку средства земјоделците не заслужуваат и дека се товар за македонската економија. Други незадоволници пак сметаат дека финансиските средства земјоделците не ги оправдале со зголемено производството (иако никој не утврдил неповолна корелација помеѓу доделените финансиски средства во вид на поддршка на земјоделството и руралниот развој и обемот на добиеното производство). Можно е некој да е иритиран од широката транспарентност со која настапуваат државните и партиски структури фалејќи ја таа компонента од аграрната политика односно високите суми кои ги доделува Државата од Буџетот за земјоделците. Многу е тешко да дојдете до податоци за тоа колку вкупно средства се потрошени (исплатени) по години наспроти планираните и каква е структурата на исплатените средства наспроти планираните. Знаејќи ги специфичностите на земјоделското производство од аспект на реалност на предвидувањето (планирањето) и реалност на остварувањето на планираните активности, сакав да видам колку средства по години (за кои сметам дека се оправдани, иако не се согласувам со планираната структура на трошење на средствата) се остварени (потрошени). Таква можност дава завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за соодветна година, која се објавува во септември или октомври во тековната година за претходната. Така дојдов до податоци (од завршните сметки) за тригодишна анализа (споредба) на финансиските средства од Буџетот за развој на земјоделството и руралните подрачја и реализираните средства. Резултатите од споредбата не се изненадување, туку изненадува зошто таа разлика не се обелоденува. Имено, планирањето на средствата за земјоделството се потпира на многу неизвесности како што се: колку капацитети ќе бидат пријавени за поддршка, колку од кое производство, колку земјоделците ќе ги исполнат условите, колку ќе бараат средства за семенски материјал, колку ќе извршат агрохемиски анализи, колку и што ќе осигураат, колку млади земјоделци ќе се пријават итн. Мојата цел беше да се види колку средства земјоделците навистина добиваат за да не бидат мета на обвинувања, кои во суштина се неоправдани. Планираните средства со Буџетот и извршените средства во завршните сметки се искажани во денари, но за полесна споредба ги претворивме во евра по курс од 61 денар за евро во сите три години (2010, 2011, 2012). Евентуалните неточности во однос на официјалниот курс се занемарливи. Средствата во Буџетот се доделуваат на име: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во 2010 година со Буџетот се планирани 99,4 мил. евра, а потрошени се 79,8 милиони евра или 19,6 милиони евра помалку односно 19,7%. Во 2011 година со Буџетот се планирани 110,5 милиони евра, а потрошени се 65,1 милиони евра или 45,4 милиони евра помалку односно 41,1%. Во 2012 година со Буџетот се планирани 128,1 милиони евра, а исплатени се 92,8 мил.евра или 35,3 милиони евра помалку односно 27,6%. Според овие податоци, средно, во овие три години во Буџетот се планирани по 113 милиони евра годишно, за секоја наведена година, а исплатени се просечно по 79,3 милиони евра, што претставува 70,2% од планираните средства или помалку за 30%, или 33,7 милиони евра годишно, во просек помалку. Оваа разлика не е за потценување. Затоа треба да се знае колку средства за поддршка навистина се поделени на земјоделците. Неопходно е планирањето на буџетските средства да биде поблиску до реалноста и планираната поддршка да не се користи за пропагандни цели, туку она што е исплатено (реализирано). Проф. д-р Борис Анакиев

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина