Добивај вести на Viber
Патот до успехот на жените претприемачи!
Додека Владата преку проекти ги мотивира младите претприемачи да го направат првиот чекор и да инвестираат во себе, во пракса не оди се така мазно. За да стигнат до државни пари, претприемачите треба да поминат многу административни лавиринти.
Инџи Селим има 31 година и е млада жена која знаењето добиено од студиите по индустриски дизајн во Middle East Technical University во Анкара,Турција решила да го претвори во конкретен влог. Бидејќи, како што вели, денес е лесно да се каже, но тешко е да се стигне до соодветно работно место, пред околу пет години почнала да работи во семејната компанија која долги години се занимава со производство на свеќи за домаќинство и трговија со парафин-содржината на свеќата.
Изработува свеќи. Но не само обични за домашна употреба туку и свеќи кои можат да бидат декоративен елемент во сечиј дом. Нејзините вистински уникатни “ремек-дела " се дел за домашна употреба, а дел функционални, но пред се декоративни. Она што ги прави уникатни и специфични е што светат, но не согоруваат. Ниту една од нејзините креации- свеќите, неможе во целост да се стопи и да и се уништи првобитниот изглед. Во нив, објаснува дизајнерката Инџи се менува само еден дел-патрон од свеќата. Па така, кога целосно ќе согори додатокот, едноставно се менува со нов. Свеќата, нејзината функционалност и декорацијата не се менуваат, не се уништува целата свеќа, ниту од внатрешноста ниту од надворешната страна.
“Јас работам со свеќи веќе четири години. Искуството од студиите во Турција го пренесов тука. Таму навистина е голем пазар кој ти нуди исклучителни можности за развој но и знаење. Кај нас е многу тешко да се започне нов бизнис. Се споменуваат владини проекти и подршка за развој на микро и мали бизниси, но во реалност не е баш така. Посебно е мислам тешко, за жените претприемачи. Сеуште ги има предрасудите од мажите, можеби не е фер што ова вака отворено го кажувам, но жената мислам дека е социјално инфериорна кај нас. Овде е општо, многу тешко да се започне приватен бизнис, дел поради финансиите, дел поради административните бариери. Нешто се менува но не до крај и не доволно. Потребни се пофлексибилни и посигурни проекти и можности за младите претприемачи, да се охрабрат да започнат свој бизнис. Јас ,за среќа сум една од ретките што ја имаат среќата да продолжат веќе основан бизнис. Така е далеку полесно.” –вели дизајнерката Инџи Селим.
Преку on-line продажба до поголема конкурентност и профит!
Во неа талентот досега го препознале само домашните и ја вклучиле во семејниот бизнис. Младата креаторка по индустриски дизајн, Инџи Селим, бизнисот го прилагодила на модерното време, па наместо како порано да плаќа кирија за дуќан во кој ќе ги продава производите, таа нејзините ремек дела ги продава on-line, преку колективни понуди. Сите производи создадени од нејзините вредни раце и помошта на неколкуте вработени во семејната фирма ги пласира на домашниот пазар. Признава дека е тешко, во време на економска криза, голема конкуренција и ефтино производство од Кина, да направи квалитетен, а во исто време и ефтин производ.
“Моментално производите ги продаваме on-line,бидејќи така ни е финансиски најисплатливо. Порачките побрзо се реализираат, комуникацијата е брза и сигурна,бидејќи веќе имаме свои клиенти кои ни веруваат. Пласирањето по маркети и продавници скоро и да не се исплатува, имаш од старт поголема загуба отколку профит. Повремено се вклучувам во неколку здруженија, меѓу кои здружението на жени-претприемачи и занаетчиската комора, за да разменам искуства и идеи”-додава Инџи.
И додека претприемачите се борат да си го најдат патот до успехот, надлежните велат дека токму за нив секоја година се зголемувале финансиските средства. Но, ако минатата година за женско претприемништво беа издвоени околу 30 000 евра, оваа година за најупорните жени кои сакаат да почнат сопствен бизнис, се планирани само околу 10 000. Строгите критериуми и малите средства кои едвај можат да ги покријат трошоците, се најчестите причи поради кои е мал интересот но и можноста да се стигне до државни пари. Строгите услови за жените- претприемачи не дозволуваат субвенционирање на претпријатија управувани од жени чија основна дејност е трговија, образование и туризам. Токму затоа, голем дел од жените не ги исполнуваат условите за финансиска поддршка. Практиката пак кај нас, покажува дека трговија и туризмот се бизниси на чие чело многу често може да се сретнат жени.
Според европските проценки околу 30 отсто од претприемачите во Европа се жени, додека овој процент во Југоисточна Европа изнесува меѓу 15 и 30 отсто. Македонија нема точни бројки за жените – претприемачи, но проценките се дека тој број е мал. Инџи Селим е само една од малкуте храбри жени кои сега засега со помош на нејзиното семејство одлично го води семејниот бизнис, а во исто време обезбедува работа и за неколку работници.Креаторката по индустриски дизајн, ги привршува магистерските студии за графички дизајн во Скопје и е преокупирана со студиите и бизнисот. Вели, ќе вложува паралелно и во знаењето и во бизнисот, а за буџетска помош за претприемништво ќе почека подобри времиња.
С.Б.