12 Мај, 2024
0.0237

Комуникација преку фејсбук или муабет во четири очи!

Објавено во: Колумни 24 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Седам во едно кафуле, а спроти мене на соседната маса седат три девојчиња, секоја од нив занесена во својот мобилен телефон, се смешкаат во себе..многу ретко нешто и да помуабетат. Иако се заедно, Фејсбук е фокусот на нивниот интерес. По половина час кликање на мобилниот телефон, се прегрнаа и се фотографираа со мобилниот, веројатно постираа заедничка фотографија selfie,, почнаа да се кикотат па повторно се задлабочија во телефоните, гледаа кој колку лајка ќе добие! По повеќе од два часа поминати во кафулето, особено е интересно што сите три изгледаа насмеани и опуштени, како убаво да си го поминуваат времето. Дали помина времето кога луѓето на кафе средба едвај чекаа да си направат муабет, да споделат емоции, искуства, да си ги кажат проблемите, едноставно да си ја отворат душата! Дали се повеќе се зголемува површноста во комуникацијата меѓу луѓето? Теми на кои секако треба да се дебатира, и тоа да се анализира од психолошки и социолошки аспект. Социјалните медиуми дефинитивно се невиден феномен. Фрапантна е фанатичната посветеност и времето кое луѓето го поминуваат на фејсбук. Моќта на социјалните мрежи, е несомнено огромна. Расте бројот на профили, како и интензитетот на комуникација.  Огласувачите се повеќе и повеќе го користат, немаат никакви дилеми за потребата од него, разлики постојат само во формата на комуникација,и во креативноста во изразувањето. И додека сите имаат интересна играчка во своите раце, основачот на фејсбук трие раце, растат неговите приходи и влијание. Но како и за се друго во животот, нели паричката има две страни, и фејсбук има и позитивни и негативни аспекти. Придобивките од аспект на споделување информации, слики се неверојатни...се поттикнува брза  и едноставна комуникација, како и креативноста кај луѓето, се зголемува слободата во изразувањето, не постои забрана, едноставно, бонтонот во  дигитална комуникација зависи од самите луѓе, од нивното домашно воспитување. Навика, зараза..кој како сака може да го нарече...но фејсбук денес е субкултура..индивидуален медиум, место каде секој може да креира илузија за себе, да манипулира, да поттикнува одредено поведение. Луѓето постојано нешто коментираат, постираат фотографии сликани на различни места, секогаш се насмеани, во некоја идилична атмосфера. Но дали  е тоа реaлната слика за нивниот живот, или пак всушност се многу осамени, очајно очекувајќи некој позитивно да коментира на нивниот пост, создавајќи посакувана слика за себе. Kолку може да биде среќен некој, кој со светот околу него комуницира само преку интернет? Кога нема жив контакт, комуникација со тело и со очи. А несомнено очите и гестикулациите го покажуваат вистинскиот карактер на една личност. Фејсбук е идеален медиум за создавање илузија за една личност, за искривување на  реалноста, одлична сцена за глумците во животот! Немам намера да ја намалам вредноста на социјалните мрежи, бидејќи сепак позитивните работи се многу повеќе, oсобена кога луѓето се разделени, живеат во далечни земји, кога патуваат, и им е овозможена директна комуникација, за која порано можеле само да сонуваат. Површни или не социјалните мрежи се наше секојдневие, а колку тие позитивно, и како влијаат на нас самите, зависи од секој од нас, од нашата одлука како Ние го поминуваме своето време...Да се забавуваме и комуницираме преку фејсбук, секако да, но да не го заборавиме класичниот контакт со нашите блиски, телефонскиот разговор, блиските средби, бидејќи нема ништо подобро од убав и отворен муабет во четири очи! Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка