Константина Василеиади: Психологијата што ја изучував во НОВА ми отвори пат да учам за детски психолог во Њујорк
Објавено во: Мои пари 23 Мај, 2023 09:04
Долгогодишната желба да ја изучува психологијата и да работи со деца и адолесценти била клучна за матурантката од Меѓународното училиште НОВА, Константина Василеиади, да ја почне потрагата по универзитетот кој ќе ѝ обезбеди најсеопфатно образование во оваа област. Константина аплицирала на 18 универзитети во САД, а од 10 добила потврден одговор дека е примена. Изборот ѝ бил широк и интересен, почнувајќи од универзитетите во Аризона, Сан Диего, „Ла Верн“, „Де Пол“, но на крајот финалната одлука паднала за колеџот „Сара Лоренс“ во Њујорк, најмногу поради нејзиното искуство во НОВА.
Константина вели дека во НОВА најмногу го цени тоа што изградила блиски односи со нејзините професори, што било клучен фактор во процесот на носење одлука на кој универзитет ќе го продолжи образованието.
- Колеџот „Сара Лоренс“ се истакнуваше од останатите поради неговиот однос студент-професор 10:1 по предавање, заедно со дискусии на тркалезни маси на секој час и комбинација од квалитативен и квантитативен систем на оценување, што овозможува холистички преглед на посветеноста и напредокот на секој студент во неговото академско поле – објаснува Константина.
Таа вели дека уникатноста на „Сара Лоренс“ е во тоа што секој распоред се прави „по мерка“ на студентот, при што водечки принцип на овој колеџ е дека „студентот треба да има контрола врз сопственото образование“. На колеџот студентите немаат главни предмети, туку им се овозможува да се стекнат со иста диплома и по уметности и по науки, со дистинкција од една до три академски концентрации. Примарен интерес на Константина е да студира психологија и да стане клинички психолог, со фокус на третман на деца и адолесценти. Планира и да посетува курсеви по биологија, детски развој, антропологија, статистички методи и анализа за да ја заокружи основата на нејзината идна кариера. Таа веќе ја испланирала и практичната работа, која ќе ја заврши во Центарот за ран детски развој и во Институтот за детски развој, две лаборатории во колеџот што функционираат како програми за работа со деца на возраст од 2 до 6 години.

Интересот за психологијата и работењето со деца кај Константина се појавил прилично рано, кога од четврто до шесто одделение учела во основно училиште во Даблин kое ја практикува програмата по Меѓународна матура (IB). Таму одделенијата биле мали, така што децата од градинката и од основното училиште секогаш имале заеднички активности и се дружеле меѓусебно.
- Кога наполнив 11 години, им помагав на професорите да се грижат за помалите ученици и поминував многу време со нив. Тогаш ова не ми изгледаше како нешто важно, едноставно дел од мојата личност обожава деца и сака да им помага. Постепено, во НОВА почнав да учам психологија на повисоко ниво и се фатив себеси како постојано сакам да го искористам моето знаење за да истражувам како луѓето стануваат такви какви што се. Во основа, социокултурниот, биолошкиот и когнитивниот пристап мора да се земе предвид, а сепак, она што најмногу ме фасцинира е развојниот аспект. Иако овој интерес секогаш изгледаше дека е дел од моите природни склоности, токму професорите ме охрабрија и ме поддржаа додека поминував низ процес да го разберам сето тоа, па оттука, значаен дел од мојата одлука им ја должам ним – истакнува Константина.

Процесот на аплицирање за универзитетите во странство, кој за многумина е стресен и напорен, за Константина бил начин да открие повеќе работи за себе и да сфати што навистина сака да прави во иднина. Аплицирањето на универзитетите во САД таа го опишува како комплексен процес кој бара сериозен ангажман, од пишување лични есеи, барања за писма со препораки, до брз одговор на поединечни есеи, но и процес кој ѝ помогнал да добие одговори на филозофски прашања за кои некои луѓе почнуваат да размислуваат многу подоцна во животот.
- Ме натера да се запрашам која сум во мојата срж, не само како ученик туку и како личност, ќерка, сестра, пријателка. За среќа, имав многу пракса бидејќи еден од клучните ученички профили според филозофијата на Меѓународната матура е да имаш развиено мислечки способности, па оттука веќе бев запознаена со методите како да проценам и правам интроспекција на одредени аспекти од мојата личност. Практично, тимот на академски советници и професори во НОВА ме поддржуваа со посветеност и постојаност со сите технички аспекти на мојата апликација, како што се испраќањето на уверенијата со положени предмети и писма со препораки до поединечните универзитети – вели Константина.
Таа објаснува дека подготовката за аплицирање на странски универзитет во НОВА почнува уште во деветто одделение (првата година од средното образование). Така, учениците во десетто одделение (втора година) имаат најразлична поддршка во однос на аплицирањето за Дипломската програма на Меѓународната матура, а во трета и четврта година се фокусираат на конкретни универзитетски дисциплини.
- Ова овозможува длабинско разбирање на логистичките предизвици при аплицирање во странство, како и во однос на тоа каков квалитет на живот можеме да очекуваме од секоја можна опција. Зборувајќи од ученичка гледна точка, заедно со моите соученици имавме обединувачко искуство, што значи дека сите ги делевме истите грижи, стравувања и анксиозност кога избиравме идни студии, што пак имаше позитивно влијание на расположението во текот на процесот на аплицирање. Со други зборови, да се биде дел од заедницата на НОВА значи да бидете сигурни дека иако вашата борба е лична, никогаш не сте сами – вели Константина.
Таа во моментов е исправена пред најголемиот предизвик – преселба во САД како меѓународен студент кој нема членови на семејството или блиски луѓе кои живеат таму. Свесна е дека живеењето во САД ќе ѝ биде културен шок бидејќи, како што вели, досега не искусила ништо слично на прочуениот брз њујоршки стил на живот.
- Сепак, едвај чекам да го започнам новото поглавје во мојот живот бидејќи верувам дека тоа е само почеток на она што ќе биде живот полн можности. Не мислам дека некогаш сум била толку преплашена и возбудена во исто време и навистина им се заблагодарувам на заедницата на НОВА и на моето семејство за ова искуство – вели Константина.
Можеби ќе ве интересира
ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА НОВАТА МИКРОБИОЛОШКА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КВАЛИТЕТ НА „АЛКАЛОИД“ ПРИ ОФИЦИЈАЛНАТА ПОСЕТА НА ВЛАДИНА ДЕЛЕГАЦИЈА НА КОМПАНИЈАТА
Емисиите од работата на ТИТАН УСЈЕ се под граничните вредности определени со Закон
Нов едукативен и истражувачки центар на Градежниот факултет во соработка со ТИТАН Усје, во рамки на проектот „Знаење + CO₂ -“
Никотински ќесички како модерна еволуција на снус без тутун
Мало отрезнување за акциите со вештачка интелигенција
Просечната цена на струјата на HUPX берзата за 19 декември изнесува 134,46 евра за мегават час, на МЕМО 154,75 евра за мегават час
Првпат во Македонија: Во „Аџибадем Систина“ изведена имплантација на вештачки колк кај 14-годишно дете




