Првпат во Македонија: Во „Аџибадем Систина“ изведена имплантација на вештачки колк кај 14-годишно дете
Објавено во: Мои пари 19 Декември, 2025 12:27
Имплантацијата на вештачки колк кај дете е една од најселективните и најкомплицирани хируршки одлуки во ортопедијата, особено кога станува збор за пациент во активен раст. Токму затоа случајот на 14-годишниот Михајло претставува пионерски чекор во македонската медицина – за првпат во земјава е изведена замена на колк кај дете на оваа возраст, интервенција што досега се сметала за крајна и исклучително ретка опција. Интервенцијата ја изведе хируршкиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“: проф. д-р Виктор Камнар, ортопед, и трауматолозите проф. д-р Игор Кафтанџиев и д-р Михајло Ивановски.
Михајло боледува од aваскуларна некроза на главата на колкот (Legg Calve Perthes Disease), дијагноза која се јавува во детска возраст и со текот на времето доведува до целосна деструкција на зглобот. Кај него, состојбата прогресирала со значително скратување на ногата од над 4,5 сантиметри, одење на прсти, искривување на карлицата и секундарни деформитети на ’рбетниот столб, со сериозно нарушена биомеханика на телото и изразени болки. Прогнозата, доколку не се интервенирало, била тежок инвалидитет.
„Ова е исклучително селективна хируршка процедура. Кај деца постојат големи контроверзии дали да се чека да заврши растот или да се интервенира порано. Меѓутоа, постојат јасни индикациони подрачја, како во овој случај, каде што друг избор за лекување практично не постои“, објаснува проф. д-р Виктор Камнар, ортопедот кој ја изведе интервенцијата.
Технички, операцијата е значително покомплексна отколку кај возрасни пациенти. Детскиот колк содржи голем процент рскавично ткиво, а секоја грешка може да доведе до нестабилен имплант и сериозни последици во иднина. Дополнителен предизвик е и прецизното издолжување на екстремитетот – доволно за да се коригира асиметријата, но и со предвидување на понатамошниот раст.
„Целта беше истовремено да добиеме стабилен колк, да го изедначиме екстремитетот, целосно да ја елиминираме болката и да го надминеме инвалидитетот до максимум можност. Во хирургијата нема 100 проценти сигурност, затоа тежината и одговорноста на оваа интервенција се исклучително високи“, додава проф. Камнар.
Одлуката за операција следела по долга и темелна предоперативна подготовка, без оставање простор за ризик. Веќе следниот ден по операцијата започнала физикалната терапија, а детето за кратко време се исправило, престанало да оди на прсти и денес оди речиси без помагало. Присутната мускулна хипотрофија, како последица на долгогодишно некористење на ногата, постепено се надминува со рехабилитација.
За семејството, оваа интервенција значела крај на повеќе од година и пол неизвесност
„По повеќе од година и пол лутање по најдобрите ортопеди во Австрија, Бугарија и Македонија, конечно го најдовме вистинскиот лекар за Михајло. Иако многумина нудеа операции кои не беа соодветни за неговата дијагноза – Пертес – никој не сакаше да ја изведе неопходната замена на колк кај дете од само 14 години. Зад неговата храброст што секојдневно ја гледавме, стоеше тежок психолошки товар. Сето започна со едноставен пад на час по физичко, играјќи фудбал во март 2024, по што следеа месеци неизвесност, болка и онлајн настава која дополнително влијаеше врз него.
Пресвртот дојде на 07.11.2025, кога проф. д-р Виктор Камнар ја изведе операцијата што му го промени животот. Никогаш нема да го заборавам моментот кога по три часа излезе од сала и ми рече: „Драгица, сè е во ред. Извини… одам да седнам, и за мене ова беше стрес – сепак е дете колку мојот син. Со посебни емоции оперирав.“ Тие зборови засекогаш ќе останат во моето срце.
Само три дена подоцна, на 10.11.2025, Михајло сам ги искачи 15-те скали до станот. Насмевката му се врати, самодовербата исто така, а ние конечно почувствувавме олеснување.Најдлабока благодарност до проф. д-р Камнар за неговата извонредна стручност, човечност и храброст да ја преземе операцијата што никој друг не ја направи.„ изјавија мајката и таткото на Михајло.
Овој случај не е само медицински успех, туку и силна порака за храброста на современата медицина да носи тешки, но животно важни одлуки – особено кога станува збор за детство кое заслужува иднина без болка.
ПР објаваМожеби ќе ве интересира
Мало отрезнување за акциите со вештачка интелигенција
Просечната цена на струјата на HUPX берзата за 19 декември изнесува 134,46 евра за мегават час, на МЕМО 154,75 евра за мегават час
Поддршка што создава иднина – КС Групација со нови студентски стипендии
„AI Bubble or AI Double“ – инвестиции, ризици и можности во ерата на вештачката интелигенција
MINT Ins донира училишен прибор за учениците во ОУ „Елпида Караманди“
МЛАДАТА УМЕТНИЧКА ОЛИМПИЈА КАМЧЕВА-СТОЈЧЕСКА ДОБИТНИК НА ПРЕСТИЖНАТА НАГРАДА SANTIPHARMA AWARD ВО ВЕНЕЦИЈА
КАСТРИОТ АРИФИ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „ОБРАЗОВАНИЕТО ТРЕБА ДА СЕ ФОКУСИРА НА РАЗВОЈ НА ВЕШТИНИ, КРИТИЧКО МИСЛЕЊЕ И МЕДИУМСКА И ДИГИТАЛНА ПИСМЕНОСТ“




