19 Април, 2024
0.0281

Корупција: Руски и украински искуства - поука за Македонија

Објавено во: Колумни 01 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Изминативе денови Русите покажаа дека се шампиони во иновативност. И не во индуструиски и воени и други области, туку во правото. Министерството за правда излезе со предлог, кој се’ уште не е внесен во Думата, а  со кој се предлага да се омекне законодавството за спротивставување на корупцијата во однос на чиновниците. Конкретно во законот да се предвидат случаи кога непочитувањето на законските забрани, ограничувања и барања, „поради виша сила“ не се нарушување на правото! Во најмала рака како да се воведува термин „принудна корупција“. А штом е принудна тогаш и не мора да се одговара сметаат предлагачите на дополнувањата и измените во законот кој ја третира корупцијата.

Во Русија има тенденција на декриминализација на законите кои го регулираат бизнисот. Целта е бизнисмените да бидат повеќе посветени на својата работа, отколку да гледаат да не ги нарушат законите кои ја гушат нивната работа. Веројатно, сега и чиновниците да не бидат подолу од бизнисмените решиле да бидат заштитени, па ајде да се донесат законски измени со кои во некои делови се декриминализира корупцијата. Но знаејќи како се спроведуваат закони во сите земји во транзиција и во оние во кои корупцијата е на високо ниво, јасно е дека „принудната корупција“ ќе биде параван зад кој ќе се кријат чиновниците.

Заменикот директор на “Транспаренси интернешнл –Русија“, Илија Шуманов, во изјава за еден медиум смета дека на тој начин се создаваат уште едни исклучоци, кои ќе им овозможат на чиновниците да избегнат казни за корупциски нарушувања. Според него нема разумно објаснување за примена на виша сила, кога чиновник не можел да декларира конфликт на интереси.. Тоа би можело да се случи ако има вонредни ситуации, војна, природни непогоди и др. „Но, кај нас, има јавни набавки при вонредни ситуации, кои си ги прогласуваат локалните власти, - во Петербург, на пример, со таква формулација се градеа велосипедски патеки. Па затоа под поимот „виша сила“ може да влезе сешто“, вели  Шуманов.  Според него тоа ќе им даде можност на етичките комисии при органите на власта, разгледувајќи го конфликтот на интереси, да им даваат индулгенции на чиновниците, кои ќе можат да го објаснат нарушувањето на законот со „виша сила“. Шаманов додава дека омекнувањето на антикорупциското законодавство се забележува веќе неколку години. Лани биле иницирани поправки, кои дозволувале да не се бркаат од работа чиновници за корупција, туку да им се изрекува опомена, што во суштина значи намалување на одговорноста, нагласува вториот човек на „ТИР“. Решенијата на етичките комисии не се јавни, па поради тоа ќе нема јавна контрола, а  нема да се дознае ниту каква виша сила било во прашање, забележува Шаманов.

И поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин, кој денес е главен руски ревизор, во едно интервју за „Коммерсант“ констатира дека во Русија „наголемо“ се крадат државни пари. Увереноста на луѓето дека крадењето на државни пари е широко распространето, за жал, е оправдано, вели Кудрин. За помош во борбата со корупцијата се потребни: слобода на изразување, политичка конкуренција, и реална отчетност на органите на власта пред своите избирачи, смета тој, додавајќи дека најсложена и нај коруптивна сфера се државните тендери. 

И додека во Русија се прават обиди чиновниците да бидат поблаго третирани при корупцијата, во Украина таа никако да се намали и покрај соработката со Американците и со ЕУ. Можеби и фактот дека земјата е во состојба на внатрешен воен конфликт овозможува појава на корупција. За тоа веќе се пишува во украинските медиуми. А деновиве, со оглед на предизборните активности за претседател во државата Националното биро за спречување корупција анализирајќи ги документите на политичките партии за имотот, доходите, расходите и обврски од финансиски карактер најде неточности кај 13 партии. А исто така и грешки во декларациите на 23 кандидати за претседател.

Ако Русија не е обврзана од страна на САД и ЕУ да воведува закони и институции за борба со корупцијата, Украина која се определи за ЕУ и НАТО тоа мора да го прави доколку сака поддршка од нив. Па така под притисок од надвор се формираа неколку тела за борба со корупцијата. Националната агенција за спречување на корупцијата (NACC) е централно извршно тело на Украина со посебен статус кој обезбедува формирање и спроведување на државната антикорупциска политика. Таа е формирана во 2015 година. Националната агенција за спречување на корупцијата има превентивна функција, особено во врска со верификацијата на декларациите на државните службеници и нивниот начин на живот, откривањето на какви било информации за корупција или злоупотреба на функцијата. Отпочнувањето на Агенцијата за борба против корупцијата е едно од барањата на Европската унија за безвизен режим со Украина.

Националното биро за борба против корупцијата на Украина е државно тело за спроведување на законот на Украина со широки овластувања на власта, кое е надлежно за спречување, откривање, сузбивање и откривање на кривични дела за корупција.

Во Украина е формирано и Специјално антикорупциско обвинителство. Станува збор за независна структурна единица во рамките на Канцеларијата на државниот обвинител на Украина. Тоа врши надзор над почитувањето на законите при спроведување на оперативна и истражна активност од страна на Националното биро за борба против корупцијата на Украина, а има и други надлежности. Формирањето на ова обвинителство исто така беше поврзано со визната либерализација меѓу Украина и ЕУ. Овие три тела беа под силна критика од ЕУ поради нивната неефикасност, поради мешањето на политиката во назначувањето на раководители и вработени во нив.

Најтешко во Украина оди со формирањето на Вишиот антикорупцискиот суд, кој исто така е баран од страна на ЕУ. Странците имаа такви барања за измена на закони кои Украина сметаше дека навлегуваат во суверенитетот на државата. Но во август лани претседателот Петар Порошенко го потпиша законот за овој суд. Во неговото формирање главен збор имаат странците. Има комисија која може да стави вето на приемот на некои судии. Досега 113 судии ги положиле испитите и ќе ја продолжат борбата да добијат судска должност, доколку кон нив нема претензии од страна на Општествениот совет на меѓународни експерти.  Како што пренесоа украинските медиуми меѓу нив има и еден од Македонија. Кандидатот за судија не ќе може да продолжи да учествува на конкурсот ако најмалку тројца од шесте  експерти го „ветираат“. Резултатите се очекуваат до крајот на овој месец. Дел од кандидатите за судии, 35, ќе се вработат во судот, а 10 во апелацијата на Вишиот антикорупциски суд. Некои невладини организации уште при пријавувањето на конкурсот посочија на судии кои не заслужуваат да бидат во новиот суд, по што некои од нив го напуштија конкурсот.

Кристијан Даниелсон, првиот човек на Директоратот за преговори и проширување на ЕУ лани при една посета на Украина истакна дека „историјата на реформи на Украина е историја на успехот, ако се имаат предвид условите и обемот на задачите“ А во поглед на формирањето на судот тој забележа дека тоа се прави по препорака на Венецијанската комисија, па ЕУ им препорачува на украинските чиновници да ја спроведат на дело препораката на Венцијанската комисија. „Ние даваме препораки, совети, но решенијата ги носите вие, кога законот минува низ собранието(Радата)“, рече тогаш Даниелсон.

Е, токму Даниелсон деновиве беше во Скопје. Нашиве домаќини се испофалија што се направиле. Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на средбата рече дека: „Имплементацијата на договорот од Преспа ни го отвори патот, а имплементацијата на реформите од планот 18 ќе нè одведе до стартот на преговорите“.„Имаме напредок практично во сите области: целосна одвоеност на агенцијата за следење на комуникациите од безбедносните служби; напредок во донесувањето на клучните закони од правосудството; нов закон за Комисијата за спречување корупција; а секако напредок има и во спроведувањето на стратегијата за професионализација и деполитизација на администрацијата“, истакна Османи.

Даниелсон се сретна и со премиерот Зоран Заев и со неколку министри. Ако се види кој се бил на состанокот јасно е што сакал и кому сакал да му соопшти Даниелсон што очекува ЕУ од нас и кои се приоритетите. Оливер Спасовски, Бујар Османи, Рената Десковска, Дамјан Манчевски и Никола Димитров сигурно имале што да чујат. Веројатно им гореле лицата и ушите кога го слушале Даниелсон.  Ако се оди по ред јасно е дека се бараат реформи во Министерството за внатрешни работи. Потоа во Министерството за правда, па во државната администрација. Прочистување на МВР, на безбедносните и разузнавачките служби, прочистување на судството, прочистување и намалување на администрацијата. А како најважно борба со корупцијата.

ЕУ нема да „паѓа“ на Преспанскиот договор. Тоа повеќе важи за НАТО. ЕУ го поздравува договорот но са почеток на пристапните преговори има други приоди и услови. Холандија и Франција се споменуваат како противници на почеток на преговорите. Веројатно премиерот Заев ќе се обиде да ги посети овие земји да види што може да направи за да го омекне нивниот став. Тие не се многу одушевени од она што се случуваше во државава изминативе две години и од начинот на кој се надминува политичката криза. . „Од нашите пријатели во ЕУ очекуваме само праведно и фер оценување засновано на резултати кое ќе ни даде шанса за успех, успех на целата држава и општество...“ истакнал премиерот на средбата со Даниелсон. Но тој треба да знае дека во меѓународните односи поимот „праведно и фер“ важи само ако постои интерес од другата страна. Доколку го нема, а засега тоа не е забележително, останува да чекаме кога тој ќе се појави.

До неговото појавување или кога кога ќе се појави и кога ќе почнат преговорите секако ќе не следат препораките и советите, како што вели погоре Даниелсон за Украинците, кои што треба да ги спроведеме во дело ние сами. . Барањата се многу јасни – името го решивте, време е за резултати, кажа Кристијан Даниелсон во Скопје. Како решавањето на името да е мал резултат! -Многу е јасно дека антикорупцијата ќе биде еден многу важен елемент во извештајот на Европската Комисија, додаде Даниелсон.

Тој порача дека ЕУ има нула толеранција кон корупцијата – а Антикорупциската Комисија морало да ја сочинуваат компетентни , независни и силни личности кои ќе испорачаат резултати. За Даниелсон поважна е имплементацијата, отколку носењето на закони. Бара независно судство, јавна администрација која ќе напредува врз база на заслуги. Според него, предвремените парламентарни избори само ќе го тргнат фокусот од отворените прашања.А тоа се реформи во правосудството, борбата против корупцијата, организиран криминал, јавната администрација...Нагласката на корупцијата е многу важна. ЕУ, а посебно Франција и Холандија, според некои извори не се многу задоволна од политиката корупција, па колку и да е таа позитивна.

Можеби затоа вчера преммиерот Заев од собраниската говорница проговори за неа. „Најголемата корупција доаѓа од политиката и од јавните институции. Ако сакаме да си ја средиме државата, мораме да ги поставиме прво контролните механизми. Ако сакаме Европа да нé поддржува и кога ќе ги отвориме поглавјата, ние мора да покажеме недвосмислена, бескомпромисна и безрезервна борба против криминалот и корупцијата. И тоа не смее да остане на декларативни заложби, мора да има конкретни резултати. 
Апелирам, мојата политичка партија, коалициските партнери, да знаат дека доаѓа период кога фокусот на сите нас, но и фокусот на меѓународната заедница ќе биде зајакнат и зголемен во борбата против криминалот и корупцијата. Ќе има санкции, ќе има законско постапување, ќе се одговара, кој сака нека биде. Европа бара од нас да испорачаме резултати, граѓаните бараат резултати. Предрасуди, помагање, затскриено, за никој во државата!“

Ваквите апели се задоцнети. Повеќе личат, колку и да не сака премиерот,на декларативни искажувања отколку на сериозна заложба.  Недвосмислена, бескомпромисна и безрезервна борба против криминалот и корупцијата требаше да се покаже и досега. Две години поминаа. Две  години со коруптивни појави за кои се мижеше. А најголема - политичката корупција, која се вкалеми во дрвото кое отсега и во наредните години ќе дава само коруптивни плодови. На што личи вицепремиерот Османи кога брани незаконски дејства? А одлуката на Врховниот суд за СЈО? Наредниве месеци до изборите Европа ќе следи што се прави да се исполнат барањата нејзини. И до јуни многу малку ќе се исполни, а токму тогаш ќе ја чекаме одлуката на ЕУ за почеток на преговори. Дали таа ќе биде праведна и фер? Да.

Не е лошо да се видат искуствата за борба со корупцијата во Русија и Украина. Да се види како треба и како не треба тоа да се прави. Украина има четири тела за борба со корупцијата. Тешко оди бидејќи таа се напластувала со години и ќе требаат години да се распласти. Но тие барем дојдоа и до суд да направат. А ние го уништивме и Специјалното и се враќаме на самиот почеток. Уште колку години ќе треба да поминат да видиме вистинска и искрена желба за борба со корупцијата кај сите во парламентот? А не само декларации.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок