26 Април, 2024
0.0439

Коската е фрлена

Објавено во: Колумни 26 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Не стивнуваат коментарите и шпекулациите за "бегството" на Никола Груевски од Република Македонија. Добро е тоа, бидејќи граѓаните конечно си имаат забава, а додека трае забавата, некако тивко и нечујно за јавноста си се крчкаат уставните промени според договорот од Нивици, но и според меракот на ДУИ.
Онаа славната Цезарова - коцката е фрлена, во наши македонски услуви гласи - коската е фрлена... додека ја глодаат, ние ќе си завршиме работа.

Тоа што и без диоптрија е јасно видливо е фактот дека Никола Груевски не избега, туку слободно и не пречено од никого си замина од Република Македонија. Некои аналитичари се обидуваат да најдат вина во сите земји низ кои Груевски транзитирал до Унгарија, само не во надлежните институции во Република Македонија.
Може ли некој, кому му е доделено физичко обезбедување 24/7, некој чиј дом исто така е обезбедуван 24/7, некој кого УБК и полицијата се должни оперативно да го покрива заради изречената правосилна затворска казна и заради неколкуте сериозни кривични процеси кои се во тек, туку така да исчезне од земјата?! 
Ако може, тогаш воопшто не станува збор за бегство, туку станува збор за апсолутна неспособност, од не знаење или од не кадарност на институциите да се справат со една обична безбедносна задача - да не дозволат Груевски да им се лизне од раце и да избега од земјата, а со тоа и да го пратат на издржување на изречената двегодишна казна затвор. Не е логично, покрај силните мерки на обезбедување, обврските на институциите и оперативните мерки кои нужно се преземаат, власта да не знае што подготвува Груевски. Тој си заминал од Република Македонија сосема комотно, ниту се криел во багажник на нечие возило, ниту пак бил киднапиран (само не знам на кој лик му паднало на памет ваква глупава идеја дека некој го киднапирал, нешто како за цртано романче за деца), едноставно ја напуштил територијата на Република Македонија. 
Тоа што отвара сериозен сомнеж дека властите знаеле и дозволиле да се случи заминувањето на Груевски од земјава е театарот со блокирањето на седиштето на ВМРО ДПМНЕ, претресите во некои од возилата на функционерите на партијата, но и тоа што се случуваше потоа.
Сепак најмногу од се' ваквите сомнежи се подгреваат со тоа што власта и институциите како надлежни за спроведување на законот, одговорноста ја бараат кај опозицијата, кај земјите низ кои транзитирал Груевски, а најмногу во Унгарските власти и лично кај Орбан, но не и кај себе, не во институциите и не кај тие што раководат со нив, не тие не грешат. 
Институциите на државата и одговорните во нив, од прва се амнестираа од одговорност, за потоа срамежливо и млако да почнат да прават проверки за можните помагатели, проверки кои траат со денови и никако да се дојде до некаков резултат, додека земјите низ кои транзитирал Груевски, без исклучок дадоа детални податоци за тоа каде влегол, каде се движел и од каде излегол за да го продолжи патот до крајната дестинација. Само нашето МВР и нашиот министер за надворешни работи се уште глумат дека не знаат на кој начин Груевски си замина од Република Македонија.
Исто така, смешни беа и притварањата кои уследија после заминувањето на Груевски од Република Македонија. Според тоа што протече во јавноста како информација, наводно во СЈО според информации од надлежните служби во МВР, оцениле дека Јанакиевски и Божиновски спремаат бегство од земјата, а некој ден потоа, таква проценка стигнала и за Мијалков па се решиле да побараат притвор и за нив. Судот што одлучува за притворот, постапувајќи по барањето, овој пат експресно донесе решение со кое им определи притвор.

Искуствено знам дека истите тие надлежни, без око да им трепне определуваат 30 дена притвор за лица кај кои се пронајдени и одземени 50 грама марихуана, а за овие кои се обвинети за сериозен криминал тежок милиони евра, требаше Груевски да си замине од земјата за да оценат дека постојат законски услови за определување мерка притвор. 
После се ова што ни се случува, се поставува прашање дали институциите на државата ни се ефективни и ефикасни во спроведувањето на законот; дали тие што раководат со нив на сите нивоа, знаат што подразбира, што содржи зборот одговорност; дали не живееме во држава каде што правдата е селективна; и конечно, зарем не е време некои ликови да си заминат од институциите каде што не успешно, но упорно глумат професионалци, а на секој посериозен предизвик се сопнуваат и паѓаат на земја како мали деца.
Да коската е фрлена, информативните и дебатните емисии без исклучок се преокупирани со Груевски, но и коцката е фрлена, во втор план останаа активностите на власта, кротко и нечујно си ја бутка агендата од Нивици, а онака попатно и Тиранската платформа. 
Додека граѓаните добија забава од типот Груевски, Јанакиевски, Божиновски, Мијалков, карванот пред очите на јавноста нечујно и незабелажано си врви. 
Данскиот министер за внатрешни работи, на новинарско прашање дали е можно на сомнителен начин да се обезбеди двотретинско парламентарно мнозинство во неговата земја, дипломатски одговори дека принципиелно не се меша во внатрешните работи на ниту една земја. Сепак ако треба тој да го оценува владеењето на правото и функционирањето на правната држава кај нас, може да претпоставите каква оценка би дал. 
Авторитети од тој калибар ќе го оценуваат сето тоа што се случува кај нас, веќе во јуни наредната година, кога треба да донесат одлука дали Република Македонија ќе ги започне пред пристапните преговори за членство во ЕУ...или можеби не?! 
Ако се продолжи со ваков правно политички театар во Република Македонија, без одговорност и одговорни, со висока корупција, многу е извесно дека уште долго, многу долго ќе чекаме во веќе засмрдената чекалница за влез во ЕУ.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД