Добивај вести на Viber
Канадската компанија „Космик Девелопмент“ ќе соработува со локалната самоуправа на Битола, но и со техничкиот факултет во овој град. Денеска компанијата ја претстави Џери Наумоф, министеротзадолжен за странски инвестиции, кој нагласи дека станува збор за важен сегмент од светскиот ИТ пазар.
„ Компанијата има светски познати клиенти како се „Микрософт“ и „Јахоо“, многу креативни студија и е позната како втора најдобра компанија - вработувач во Македонија за 2012 година. Младите луѓе во Македонија се високо интелигентни и имаат желба да работат во високотехнолошки и добро платени креативни индустрии и затоа се фокусираме на технологии за да ги задржиме талентираните Македонци да не ја напуштаат Македонија“, истакна во Битола Наумоф кој додаде дека лично сопствениците Крис Павловски и Рајан Милс дојдоа од Торонто за да бидат заедно со нивниот генерален менаџер Илчо Бојчевски и за да го најават нивниот нов проект во Битола.
За градоначалникот Владимир Талески, ова е важна инвестиција за Битола. Тој најави дека општината ќе обезбеди простор за идната компанија и се надева дека ова ќе помогне да се обезбедат нови работни места.
„Важноста на овој проект е во тоа што е инициран од млади луѓе со македонски корени кои сакаат низ личен пример да покажат и потврдат дека Македонецот со својата интелигенција и способност може да биде светски успешен“, истакна градоначалникот Талески.
Космик девелопмент во Скопје работи две години и вработува седумдесетина лица.