КОСОВО ПРОТИВ „МИНИ ШЕНГЕН“: Се бара Рама да биде прогласен за непожелна личност
Објавено во: Балкан 11 Ноември, 2019
Во соседно Косово има реакции за идејата за „мини Шенген“.
Косовскиот социолог и
универзитетски професор Дадил Малоку
побара од косовските власти албанскиот
премиер, Еди Рама да го прогласат за непожелна личност.
Иницијативата на српскиот претседател, Aлександар Вучиќ и македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама за „мини Шенген“ предизвикува негативни реакции во Приштина. Најновата и една од најострите забелешки е кон албанскиот премиер Еди Рама.
„Еди Рама пред да поддржи „мини Шенген“ со Словените, (Србија каде во преамбулата на уставот уште Косово се дефинира како нејзин составен дел и Македонија, која во својот „стомак“ социополитички и демографски има над 35 проценти етнички Албанци) би требало да поддржи дури и формално, албански мини Шенген. Но, тој го прави спротивното. Очигледно е дека овој човек е опкружен со просрпски советници, ѓаволски работи за една мини балканска Југославија“, порача Малоку.
Тој не е прв кој создавањето на „мини
Шенген“ го спореди со создавање на
„нова Југославија“.
Заменик министерот за одбрана и висок претавник на Алијансата за иднината на Косово Бурим Рамадани, ја нарече идејата за „мини Шенген“ проруска замка. Вели дека покровител на оваа идеја е Русија која постојано ја вооружува Србија, бидејќи таа не сака членство во НАТО.
Во Македонија пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се пожали дека добил многу оскудни информации за што се разговара на средбите на т.н. „мал Шенген“, и дека за неговата партија нема друга алтернатива за земјава освен членство во ЕУ.
Косовскиот претседател Хашим Тачи, не се појави во Охрид.
Во телефонски разговор, Тачи му порачал на Заев, дека Косово не учествува на самитот.