19 Март, 2024
0.0313

КОВИД-19 - шансата на векот за македонската економија?

Објавено во: Колумни 04 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Во период на глобална пандемија и опседнатост со секојдневно следење на бројот на новозаразени случаи од коронавирусот ризикуваме да не ги согледаме тектонските поместувања на светските пазари и одличната можност која ни се отвора. Ако реагираме навремено и правилно се позиционираме голема е веројатноста дека коронакризата ќе остане засекогаш запамтена како неочекуван благослов за македонската економија. Разбирам дека првичните впечатоци од пандемијата ве тераат да мислите дека економските последици ќе бидат во голема мера негативни, но дали навистина тоа е така?

Ако во минатото глобализацијата поттикна масовно иселување на голем број на бизниси од Западна Европа кон азиски земји со ефтина работна сила како Кина, Индија и Бангладеш, коронакризата направи овој процес на преселување на бизнисите да почне да се одвива во спротивна насока, тоест од Азија западноевропските бизниси да се враќаат назад во Европа.

Еве за пример ќе ја земам Кина, земјата во која првично се рашири вирусот КОВИД-19. Почнувајќи од 23-ти јануари кога кинеските власти за прв пат воведоа полициски час, сите производствени капацитети и целокупниот јавен живот низ државата беа ставени во целосно мирување сѐ со цел стопирање на ширењето на опасниот вирус. Иако во тоа време во Европа сѐ уште немаше ниту еден потврден случај на коронавирус, европските компании со претставништва и фабрики во Кина веќе беа тешко погодени поради карантинот воведен од владата во Пекинг. Затворањето на фабриките во Кина доведе до колапс на производствениот процес на многу европски компании кои работеа на кинеско тло, чекор што ја наговести промената во економската стратегија на Европската унија.

Со други зборови, КОВИД-19 ја откри ранливоста на глобалниот ланец на снабдување и покажа дека укотвувањето на европските производствени капцитети во далечни земји со ефтина работна рака можеби е профитабилно на краток рок, но дефинитивно не е сигурно и стабилно на долг рок. Поради ова, низ бриселските кулоари сѐ погласно се заговара европските компании да ги вратат своите фабрики назад во Европа со што би се намалила зависноста од трети (неевропски) земји и би се осигурало производството на стоки и усуги. Намерата е постигнување на снабдувачка стабилност и гарантирање на непрекинато и постојано производство за европските компании.

За таа цел, голем број на европски лидери почнаа да најавуваат дека ЕУ во иднина треба да работи на географско приближување на глобалниот ланец на снабдување, односно да го доближи процесот на производство на критични стоки и услуги поблиску до своите граници. Ова значи дека мноштво на европски бизниси во скоро време ќе се вратат во ЕУ и нејзиното непосредно соседство, а Македонија како кандидат за членство кој е во очекување да ги започне пристапните преговори со ЕУ до крајот на годинава е исто така во игра да привлече дел од овие компании.

Последните објавени податоци на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони за 2018 година покажуваат дека само во слободните економски зони во Македонија работат 26 странски компании во кои се вработени вкупно 12.432 лица. Над 12 илјади отворени работни места за Македонија е прилично голема бројка што ни помогна да ја намалиме стапката на невработеност на рекордно ниско ниво од 17,3 отсто на почетокот на 2020 година. Затоа овој тренд на привлекување на странски инвестиции мора да продолжи и понатаму.

Јас верувам дека Македонија има сила да привлече дел од европските компании што во следниов период ќе одлучат да ги вратат своите фабрики назад во Европа и со тоа уште повеќе да ја намалиме невработеноста и значително да ја подобриме општата благосостојба како никогаш досега. Но за тоа да се случи потребни се серија на економски мерки:

1. Што поскоро комплетирање на основната инфрструктура во 14-те слободни економски зони со кои располагаме.

2. Заживување на проектот за воведување на економски аташеа, кој беше најавуван од поранешниот вице-премиер за економски прашања Кочо Анѓушев но никогаш не се реализира.

3. Постепена либерализација на капиталните трансакции како што препорачува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) - организација кон која треба да целиме откако ќе влеземе во ЕУ.

4. Забрзан развој на финансискиот систем во Македонија преку изградба на меѓународен финансиски центар во Скопје по теркот на големите метрополи.

5. Непристрасно судство како гарант за заштитата на владеењето на правото и почитувањето на правата на инвеститорите.

Сепак, пред сѐ мора прво да ја зголемиме дисциплината меѓу граѓаните затоа што со моменталното (не)почитување на мерките за заштита од КОВИД-19 ние не само што нема да можеме да привлечеме нови странски инвеститори, туку и ќе се доведеме во опасност да ги избркаме постојните.

М-р Филип Ивановски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?