19 Април, 2024
0.0246

Крајот на една шоуменско-карикатурална ера на владеење се наѕира

Објавено во: Колумни 06 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Кога татковците на американската нација, Томас Џеферсон, Џорџ Вашингтон, и Џејмс Медисон, ги поставиле контурите и архитектурата на слободната, демократска американска држава, не можеле да замислат дека по повеќе од 300 години, од нивното време, ќе се појави човек, кој ќе ги презира тие поставени од нив слободарски вредности. Не само што ќе ги презира, туку ќе биде нивни антипод. И ќе управува со државата четири години, таа кои тие ја замислија како „светилникот на слободата“, и ја оставија на поколенија и поколенија генерации после нив. Да живеат во неа, и да ја бараат својата потрага по среќата.

Неколку денови по завршувањето на  изборниот ден во САД, погледот на сите Американци, но и политичкиот свет е вперен во Вашингтон, исчекувајќи ги официјалните  резултати. Дали  нов четиригодишен потстанар во Белата куќа ќе биде старо-новиот милијардерот и шоумен Доналд Трамп, или неговиот противкандидат од демократите Џо Бајден. Сложеноста на американскиот изборен систем, не доведува во неизвесност, да чекаме неколку илјади гласови во државата Невада, да бидат клучни, и да го дадат одговорот кој ќе управува со Америка во наредните четири години. Како може да се окарактеризира првиот четиригодишен мандат на Трамп? Во најмала рака, како контроверзен и  несвојствен начин на владеење и претседателствување со САД. Трамп често пати беше до крајна мера вулгарен, не бирајќи зборови во својата комуникација, конфликтен, суетен, инфантилен, самобендисан, своеглав, авторитарен. Во кавга со медиумите, со малцинствата ( хиспано и афроамериканците), со сите раководни структури во американската администрација кои не му беа по негова воља, и му се спротиставуваа на неговите одлуки, кои тој сакаше да ги инкорпорира во политичкиот и правниот поредок на САД. Во замислена борба со „невидливиот внатрешен непријател“, тој си постави за цел, да ја промени внатрешната американска конјуктура на политички и општествени односи. Всушност, го мразеше постојниот систем на сопирачки и кочници, бидејќи го кочеа него во неговите авторитарни и  персонални намери да прави што сака. Трамп е возљубеник на авторитарните лидери ( Путин и кинескиот систем на доживотно владеење), противник на западните лидери (Меркел, Трудо).

Многумина со право се плашеа и си го поставуваа прашањето дали во неговата ера ќе дојде до тектонски пореметувања во архитектурата на западната безбедност (НАТО), бидејќи тој и својот анимозитет кон северноатланската алијанса и не го криеше, и напати најави истапување на САД од неа. Негово владеење впрочем беше и едно големо шоу за широките народни и прости маси: средбата со севернокорејскиот лидер Ким Ил Ун, беше повеќе шоуменски потег, да се задоволи неговото маскулинско его, дека „страшилото од Пјонг Јанг“, му се потчинило, нешто што не му успеало на никој негов претходник. Често се споредуваше со своите претходници, сметајќи дека е многу подобар од сите заедно, во сите сфери. Такво шоу за јавноста приреди и од „решавањето на косовскиот проблем“, кога ги построи како ученичиња Вучиќ и Хоти, наметнувајќи им договор, за кој сите се свесни дека никој во практика нема да го реализира. Но нему, не му беше битно тоа. Важното беше да се прикаже дека постигнал „историски успех“, и тоа да го продаде како негова лична заслуга. Неговата омраза кон Иран не ја криеше, што резултираше со убиство на генералот Касим Сулејмани, и затегнување на односите меѓу двете нации. И покрај тоа што имаше релативно добра комуникација со Путин, знаеше да најави и стави санкции кон Русија. Со Кина водеше трговска војна, сметајќи дека мора „Америка да ја направи повторно голема“, а на тој пат, пречка му беа Кинезите. Како ниту еден претходник, Трамп направи најмногу за Израел и еврејскиот народ, што очигледно може да се види дека еврејското лоби вложило многу во неговиот политички лик и дело.

Уште вечерта, Трамп обвини за изборна кражба, навестувајќи дека нема да ги признае резултатите доколку загуби, повикувајќи на прекинување на броењето на гласовите. Тој најави и оспорување на истите, ангажирајќи стотици негови адвокати, кои ќе го сторат тоа, доколку официјално биде прогласен за губитник, односно Џо Бајден биде официјализиран во нов американски претседател. Самото ова по себе е голем срам и невиден скандал за историјата на демократска Америка, бидејќи еден американски претседател, одбива мирно да го спроведе трансферот на власта, но дали ќе се случи тоа, ќе видиме за неколку месеци. Од Трамп, ништо не треба да не изненадува. Сепак, како никој претходно тој свесно и намерно го подели до крајни граници, го радикализираше, го закрви и замрази американското општество, што не е ни  неочекувано доколку видиме хаос по улиците, улични пресметки, борби и крвави сценарија, на протрамп приврзаниците и неговите жестоки противници. Малку фали, „светилникот на демократијата “ да згасне, односно да влезе во тунел од кој излез тешко дека и ќе има. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок