КРИЗА ВО ЕРУСАЛИМ: Со став излегоа Турција, Франција, Северна Кореја
Објавено во: Свет 09 Декември, 2017
Кризата за Ерусалим се продлабочува и веќе има вистинска улична војна на палестинските територии окупирани од Израел, со жртви и десетици повредени.
Турското Министерство за надворешни работи ја осуди израелската прекумерна и непропорционална употреба на сила против Палестиците кои протестираат против американската одлука да се признае Ерусалим како главен град на Израел.
Турското МНР изрази голема тага и загриженост поради убиството на четири лица, а стотина се повредени при интервенцијата на израелските сили за безбедност за време на палестинските демонстрации на „заробената земја“.
Во соопштението се наведува дека одлуката на САД е спротивна на меѓународното право и резолуцијата на ОН за статусот на Ерусалим. Турција ја осуди одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп нарекувајќи ја „црвена линија“ и свика вонредна седница на Организацијата за исламска сработа во среда.
Во телефонски разговор денеска претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Франција, Емануел Макрон се договориле со заеднички напори да ги убедат САД да ја променат одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Израел.Американскиот претседател Доналд Трамп е „умоболен“ и „сенилен“, тврдат властите во Северна Кореја за одлуката да го признае Ерусалим за главен град на Израел.
„Со оглед на тоа дека умоболен и сенилен човек отворено повикува во ОН за целосно уништување на една суверена држава, овој чекор не е толку изненадувачки. Оваа иницијатива, сепак јасно покажува на целиот свет кој е уништувачот на светскиот мир и безбедност, кој е отпадникот и разбојникот во меѓународната заедница“ - изјави портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Северна Кореја ја осудува одлуката на САД за Ерусалим и изразува цврста поддршка и солидарност со палестинскиот и арапскиот народ во нивната борба за легитимни права.
Портпаролот на севернокорејското министерство за надворешни работи додаде дека САД ќе бидат сметани за одговорни за сите последици од тоа опасно и „ѓаволско дејство“.