21 Септември, 2021
0.0190

КУМАНОВСТАН

Објавено во: Колумни 25 Август, 2021

Еден мој пријател со потекло од Куманово, долгогодишен успешен новинар, а денес потпарол, често знаеше да го употреби зборот „Кумановстан“. Тој, на неколкуте дебати организирани во минатото, често, знаеше да рече: „Кумановстан – град помеѓу Ирак и Авганистан“. Оттука, не случајно, за денешното писание се определив, токму, за оваа актуелна тема поврзана со минатото на Авганистан, но набљудувана од друг агол. За таа цел, сум на мисла, подолу да направам една мини-економска анализа за состојбите во насока на девизните трансфери на македонските граѓани, со особен осврт на Куманово.  

Како што знаеме, потребата да се детектираат позитивните влијанија врз македонската економија (БДП), а со тоа и врз макроекономијата, во чии состав е монетарниот систем (читај: банките) е важна. Според тоа, можам да кажам дека силно влијание во изминативе две децении врз економијата оставаат девизните трансфери на лицата кои работат во Авганистан, Ирак и воопшто целата наша дијаспора. Имено, во повеќето анализа наназад, а особено во златните години на „Кумановстан“ (некаде од 2008 до 2013 година), како последица на тоа, се обележуваше дека тековните трансфери, во форма на девизни дознаки на лицата што работат во странство се движат на ниво од 22% од БДП. Практично, стапката, во тоа време (мислам на периодот од 2008 година, па наваму, последователно неколку години) беше во константен раст, што, претставуваше еден своевиден парадокс, ако се имаше во предвид состојбата на светската економска криза. Логично на ова, во години на криза, би требало да дојде до намалување на таквите приватни трансфери, особено, ако доаѓаат од земјите кои беа највеќе погодени од должничката криза. Поточно, во 2008 година, се мислеше дека зголемената невработеност во развиените земји ќе доведе до намалување на приватните трансфери, но се случи сосем спротивното. Тие, растеа за целиот период, достигнуваќи, тогаш, рекорден износ од околу 1,5 милијарди евра на ниво на цела македонска економија. За таа цел, ако сме направеле една паралела со странските директни инвестиции, во тоа време, ќе се констатираше дека приватните трансфери се околу пет пати поголеми и претставуваа еден од најзначајните извори на средства за голем дел од нашите граѓани. Ова, добро е да се обележи, како, еден вид на економската историја за идните државни стратегии.  

На почетокот, погоре, напоменав дека имам за цел, да направам еден краток осврт во писанието за изминатите состојби во насока на девизните трансфери на македонските граѓани, со особен осврт на Куманово. Тука, се поставува следното прашање: Зошто, баш Куманово?   

Би рекол, со право е констатацијата на повеќе институции кои се занимаваат со ваквите истражувања, кога велат, во изминативе две децении, точниот број на наши граѓани што работат во Ирак и Авганистан не е познат. Тоа е така, поради фактот, кој вели, меѓународните агенции што вршат регрутација се многу затворени за споделување на информации со јавноста, како и тоа дека државата има проблем со ваквите статистики. Но, според академските анализи и одредени толкувања на кумановската јавност, во една од најголемите компании (од САД) за регрутација на ваков кадар, до 2012 година имаат работено, нешто повеќе од 1.400 граѓани на Куманово. Други бројки, пак, укажуваат на тоа дека во период од две децении, во Ирак и Авганистан биле околу 9.000 граѓани на Куманово. Како и да е, би рекол дека паралелата „Куманово - Авганистан“ се истакнува за анализа, и тоа токму сега, во период, кога, се пласираат многу информации околу најновите глобални случувања на истокот. Важно прашање, а кое верувам дека секој од нас си го поставува е следново: Што фајде имаме ние од Авганистан (читај САД)? 

Подолу, за разрешување на ваквите дилеми, барем за малку, ќе се обидам да изнесам дел од академските анализи, направени со колегите во изминативе години. Имено, годишниот прилив на девизни средства од страна на лицата кои работат во Ирак и Авганистан, на ниво на Општина Куманово, изнесува нешто повеќе од 90 милиони евра. Ако се знае дека повеќе од една деценија, во Куманово опстојува тенденцијата да се регрутираат работници за меѓународни компании во Авганистан и Ирак, тогаш, станува јасно дека и со право може да се каже - во овој град се внесени девизни приливи од странство (Ирак и Авганистан) околу 945.000.000 евра (напоменувам дека податоците се пред доаѓањето на претседателот Доналд Трамп, на власт во САД).  

Како доаѓаме до бројка од 945.000.000 евра - внесени девизни приливи од странство?

Согласно официјалните истражувања, кои ги имам земено од центрите во општината, а направени преку анкети на лицата што работеле во Ирак и Авганистан, до 2014 година, во Куманово може да се извлечат следните факти: 80% од испитаниците работат помеѓу 1 и 5 години, а 8% работат помеѓу 5 и 10 години, во воените бази, во Авганистан и Ирак. Понатаму, 35% од испитаниците испраќаат помеѓу 10.000 и 25.000 евра, а исто толкав процент, испраќаат од 25.000 до 50.000 евра. Помеѓу 50.000 и 75.000 евра, испраќаат 12% од испитаниците.  

Од ова, може да претпоставиме дека секој еден работник останал во просек, по 3 години во Ирак и Авганистан, како и истиот напрвил внес на пари (девизи) како поединечен трансфер (во просек, по лице) износ од 35.000 евра, на годишно ниво. Ако, сега го помножиме бројот на лица (9.000) кои работеле во Ирак и Авганистан, во текот на изминативе две декади, доаѓаме до годишен износ од 315.000.000 евра странски девизни приливи од Ирак и Авганистан, само во општина Куманово. Погоре, обележавме дека 3 години се просек, на поединечно лице, кое, престојувало во Ирак и Авганистан, така што, помножено со годишен износ 315.000.000 евра (на 9.000 лица), доаѓаме до вкупната бројка од 945.000.000 евра - странски девизни приливи, само во општина Куманово. 

Денес, ваквата бројка може да надминува и повеќе од една милијарда евра. За една општина, мора да се согласиме дека ова е висока бројка на директни девизни трансфери (приливи). Првенствено, таа сума е добиена како резултат на храброста на кумановци, а највеќе како резултат на нашето стратешко партнерство со САД. Внимавајте, ако се сретнеме со прашања од типот: Зошто, денес, ние да помагаме на неколку стотици Авганистанци, со давање на дозвола за привремен престој? Одговорот, би требало да биде:

Впрочем, за наградата од безмалку 9.000 наши граѓани, во изминативе две декади да работат за екстремно високи плати во американските бази во Ирак и Авганистан, а со тоа да се врши директно вбризгување на свежи девизни трансфери (пари) во нашата економија (околу 2 милијарди евра, ако се вклучи и Тетово со регионот во анализата), некој, претходно направил сет на крупни одлуки, за денес, американците да стекнат доверба и на индиректен начин да вбризгаат свежи девизни трансфери, преку овој или оној начин. Ние, во оваа приказна кон Американците сме „Good Boy“, а за таквите, како во филмовите од Холивуд, „Uncle Sam“ секогаш дава поддршка (читај: награда).

P.S. Наградата, може, но и не мора секогаш да биде парична. Имено, таа не-паричната ќе дојде набрзо, во контекст на помош за другите билатерални спорови кои ги имаме...   

проф. д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Русија избра: Нова Дума за стара политика

Русија избра: Нова Дума за стара политика

Финансиски форум - СЕФФ 2021: Економско заздравување и забрзување на растот по Ковид

Финансиски форум - СЕФФ 2021: Економско заздравување и забрзување на растот по Ковид

ОДГОВОРНОСТА Е СЛОБОДА

ОДГОВОРНОСТА Е СЛОБОДА

Главата на Лукашенко е во руско менгеме

Главата на Лукашенко е во руско менгеме