Добивај вести на Viber
Македонските лекари кои работат во странство да се вратат назад, повика министерот за здравство, Никола Тодоров. Со новата мерка, лекарите кои работат повеќе од 5 години надвор од земјава ќе бидат примени на работа во јавните установи во Македонија како дел од проектот за враќање на докторите од приватното во јавното здравство.
Како што изјави Тодоров целта е еминентните и докажани доктори, да се вратат во државните институции и додаде дека оглас за нив ќе биде објавен веќе утре.
„Се планира да бидат ангажирани истакнати доктори на медицина, специјалисти, односно супспецијалисти од државите членки на ОЕЦД или македонски државјани, кои работеле најмалку пет години непрекинато во здравствени установи, односно високообразовни установи од областа на медицината во државите членки на ОЕЦД, како и раководни лица од здравствени установи во државите членки на ОЕЦД", појасни министерот.
Планот е министерството да формира комисија која ќе одлучува кои се најдобри од повеќе области од медицината, па само тие ќе бидат примени назад. Платата за овие специјалисти, според Тодоров, ќе биде поголема од просечната плата и ќе зависи од стручноста.
„Треба да имате предвид една работа, треба да имате предвид дека висината на платата во Германија и Македонија е различна нормално, но и трошоците на живот се различни. Отприлика три, четири или до пет пати помала македонска плата обезбедува отприлика ист квалитет на живот во Макеоднија“,вели Тодоров и смета дека патриотизмот, семејството и пријателите ќе бидат причина која меѓу другото ќе ги врати лекарите во Македонија.