19 Март, 2024
0.0246

Лето, лето е па што...

Објавено во: Колумни 13 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Одма да се разбереме! Оној што свесно, од разни причини, останал дома во ова време, едноставно, нема право да се жали на пеколните горештини. Јули и aвгуст во котелот омеѓен со Водно и Скопска Црна Гора, забетониран со модерните армирано-бетонски повеќекатни градби и послан со километри асфалт, бекатон и гранитни плочи по формула се пеколни. Малку се од помош разладните уреди за климатизација, вентилаторите и кочан ладните пијалаци (во стари времиња тоа беа мокрите чаршави на вратите и прозорците и лубениците ладени по бунарите во скопските дворови).

Податокот дека Македонија има 1.400 сончеви часови годишно воопшто не е нов, но тој дека има ниска, скоро безначајна, искористеност на овој вид енергија е безмалку поразителен. Но, мала олеснувачка околност е сознанието дека Mакедонецот (жив ѓаол-сиромашен но, со текнувало) ја користи сончевата енергија одамна.

Дали скопјани во далечните шеесетти беа неинвентивни или во што беше проблемот се уште не ми е јасно, но тие, се разбира во поголемиот процент, цело лето поминуваа на плажа - и само на плажа. Ритуалот секој ден беше истиот - дома „фрли нешто у кљун“-што и да е, демек појадувај, смотај параман леб, сирење и патлиџан, задолжително скопски јабучар и во орда цело маало на Вардар. Омилена плажа ни беше „руска плажа“, каде што реката беше мошне дива, со вирови и со брзаци. За да не губиме време во бесцелно сончање чекајќи да се потстопли и да дојде време за бањање игравме – „грми сева прашина се крева, пагерој....“ си додававме камења на песокот го пеевме рефренот и лупавме со белутраците извадени од реката, а понекогаш се промашуваше и се  удираше по нечии прсти. Рипавме „трупечки“, од место, од зададена црта, кој ќе рипне подалеку. Картаџиите играа „глад“ неретко „у нешто“ за да биде играта поинтересна.

Мојата генерација израсна капејќи се летно врема со вода греана на сонце.....  Дебармаалските дворови  во жешките месеци, а и во помалку жешките, беа украсени со своевидни соларни колектори од типот- лимено корито. Зошто коритото полно со вода од чешма мајка ми го ставаше да се се грее на сонце само во сабота останува енигма - можеби се робувало на познатата српска сентенца (једва чекам да доѓе субота да се окупам)! Како и да е откако вечно дежурната во нашето семејство за одржување на хигиената на ненормално избербатената челад (машката се разбира) ќе констатираше дека водата ја има „работната температура“, не спаструваше за капење и заедно со помалата сестра не ставаше во коритото со солидно топла, дури жешка вода... Не потура со лонче и не насапунува со сапун за перење алишта (марка „Сапонија Осијек“ неизоставно)... Пржат очите, но мора да се молчи, зошто хигиеничарката е од лоша полоша (преку глава и е од обрски, ова и е капак).Се капат скоро сите у маало на улицата „Дане Крапчев“, а кога ќе се појавиме чисти и преслечени да ти е мерак да не гледаш, но не за долго.. до вечер сме во истата состојба по безбројните детски лудории.

Град со клима, која Влатко Стефановски со усет на врвен метеоролог ја опеа во еден рефрен „Скопје има микро клима - изгор лето, кочан зима“, нe e ни чудно што отсекогаш со месеци живее по летни бавчи.

Во годините по земјотресот тие имаа посебно место за генерациите што ја живееја младоста, ја вдишуваа со полни гради, ја гледаа со ширум отворени очи, ја впиваа со сите сетила... „Кермез“ некако беше полигон за пролетување на младите пилци со ретки пердуви на крилјата и со кревка кондиција за долги и високи летови (отприлика тоа би бил фигуративниот опис). За стариот објект во почетокот на паркот беа резервирани саботните и неделните матинеа. Тука се покажуваа новите фармерки од Трст и фризурите „а ла Катерина Казели“. Се пиеја кафе и кока–кола, ретко препек и вињак. Модерно беше „гледање у кафе“(и гледаш у филџан и и кажуеш, уствари дека ти си тој што ќе и се појави наскоро у љубовниот живот, а таа као не знае, трепка со очи како чавка на ветер и се прави недоветна)... И така неколку саати тепање време. Ако има фудбал ние на стадион, а девојките дома, па вечер на корзо-шема за мераци!

А навечер, по корзо или кино-како кој, на пијачка „у летна бавча“. Е тука веќе доаѓаше до извесно раслојување - што би се рекло.

Летово ќе потрае, а дали ќе биде топло или не, сеедно.Скопските долгогодишни искуства покажуваат дека доаѓа период на пријатно и подносливо време (изутрина и навечер свежо, а преку ден за мерак).

Се сеќава ли по некој на култната серија „Долго топло лето“ со ликовите Бен Квик и Клара од втората половина на 60-те.Скопје беше празно во времето на емитувањето, а Рој Тинис беше најомилениот актер за кого се пишуваше и се раскажуваа бајки. Ние дремевме како мисири на корзо и чекавме објектите на нашето интересирање да се појават во непрегледните редици по „Маршал Тито“ и пред „Кооператива“.

„Појди-дојди Тетово, ми помина летово“ - беше некаква си изрека во која се спомнуваше градот под Шара само поради римата - и ништо повеќе. И ова лето влегува во втората половина со дождови и грмотевици и по малку наметнат страв од секакви последици со кои не бомбардираат медиумите прикажувајќи дождовни призори буквално од секое катче на светот. Но, неодамна еден весник на неколку страници објави и „напатствие“ како да се мине летото во Скопје, со задолжителни фотки на убава хостеса од некое модно студио за да ни ги направи убавините во лето на градот од обете страни на Вардар уште попривлечни.


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?