20 Април, 2024
0.0347

ЛЕВИЦАТА И ИМЕТО

Објавено во: Колумни 08 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Сосема накратко, пак за името. Не дека некој лично ме прозва, но сепак се чуствувам повикан. Со оглед на вревата што ја дигна писмото на 200-те интелектуалци, а на кое стојам потпишан и кое беше некаква претходница на бранот незадоволства против промената на уставното име на Р. Македонија.  

Критиките до потписниците, особено до двајцата членови на Левица на истото доаѓаа, така да се каже, од две страни – од некои членови и симпатизери на Левица, но и од јавноста која дава поддршка на актуелната власт или барем на промената на името по секоја цена. Јас во оваа колумна не можам да говорам од името на другарот потпишан во тоа писмо, затоа на тие критики ќе говорам во лично име и истите не се официјален став на партијата Левица.

Најпрвин за емоциите, потоа за разумот. Мотивот да стои мојот потпис на тоа писмо е, така да кажам, историски. Јас веќе еднаш напишав колумна со силен емотивен набој по повод овој спор, овде не би сакал повторно да запаѓам во тој емотивен патос, само накратко сакам да упатам кратко на интимните мотиви. Имено, имам чуство (што не мора да е основано), дека оваа државичка нема иднина. Оттука, потписот на такво едно писмо (со кое во некои делови, морам да признаам, не се согласувам, но пораката во целост ја делам), е потпис за минатото: да знае историјата кој на која страна стоел. Тоа не е потпис за иднината – оти иднина нема, ами за минатото, за историјата. А особено и за разбивање на таа мантра, таа бесмислена, уценувачка, просто лажна и перверзна аргументација дека штом се сменело името, незапирливо ќе сме се стрмоглавеле во благосостојбата на светлата иднината пред нас, која е просто толку наивна што не заслужува никаква контра-аргументација. Нема таква иднина, драги мои! Или барем единствената иднина е онаа што самите ќе си ја креираме. А таква светла креација сега за сега барем, не гледам. Само слепец не гледа дека оваа и ваква држава нема иднина, со име или без него! Без ресурси, без сојузници, без индустрија, без знаење, без пари, без население, без попис, без желба....ова парче земја е веќе мртво, се чека јунакот тоа да ни го каже или сами да го увидиме на полошиот начин. Оттука, битката за името во суштина е битка за минатото: барем да не се срамиме во историјата и да умреме достоинствено! Толку за тоа, колку да се знае, а добро е да се знае.

Во продолжение чуствувам потреба да се обратам кон оние критики кои доаѓаат од „нашите редови“ и во кои сме обвинети за „конзервативни“, „десни“, „нацистички“...и какви уште не левичари. Не знам на што тие ги темелат таквите критики, затоа што јас единствено што знам е дека вековната борба за слободна, независна и суверена Македонија преку двата Илиндени, па до ден-денес била левичарска. Од првиот, до вториот „Илинден“, борбата македонска е левичарска. Впрочем, секоја борба поинаква и на може да биде. Обесправените имаат едно заедничко „царство“, една заедничка борба – правда и слобода!

Па погледнете ги и Крушевскиот и Асномскиот манифест, тоа се подеднакво антиимперијалистички, социјалистички четива, чисто левичарски прогласи, во кои социјалната правда е неодвоива од националното ослободување! Идеолошка насоченост на левичарите и нивната наднационалност, не значи и безнационалност. Напротив, тие се свесни дека социјалното ослободување е неодвоиво од националното, впрочем тоа е остварливо воедно и како национално ослободување. Притоа, и тогашната левица и денешнава е свесна дека националното не може да се монополизира како до сега, ами напротив, дека само преку неговата демонополизација, која ќе значи демитологизација, може да се изгради кохезивна, модерна политичка заедница (за ова малку подолу). Патот до наднационалност води преку широките народни маси, преку нивно еманципирање во освестен субјект на историјата, патот до бескласното општество води преку работничките класи отелотворени во ткивото на народот, одумирањето на државата се случува во државата, за жал или за среќа. Бесмислено е обвинувањето за наша некаква си конзервативност, национализам или шовинизам, само заради фактот што не сакаме доброволно да се самоукинеме. Впрочем, драги другари и другарки, правото на самоопределување е темелот на секое „левичарење.“ На тој идеал започнаа левичарски, револуционерни движења и се формираа многу држави ширум светот! Се разбира, правото на самоопределување и самоидентификација во левичарскиот дискурс исто така, не се разгледува одвоено од класната борба и империјалните глобални интереси, а во овој случај и тоа е на наша страна. Во НАТО по секоја цена, значи да се плати највисоката цена.Оттука, оваа борба ако сакате, е и антиимперијалистичка! Ова е своевиден пркос кон империјализмот отелотворен во фамозните „евроатлански“ интеграции на кои им е важна контролата исклучиво на територијата, независно дали на истата живеат македонци, или клингонци. Да го одмолчите ова не е баш левичарски! Да пркосите, макар и да загубите – е!

А што се однесува до чудењето на некои другари и другарки, како Левица се организирала на ова прашање, а не на социјални прашања...веројатно е излишно да се одговара, ако се има предвид барем малку минатото и сите акции на Левица – од индивидуална правна и секаква друга помош на работниците, па до колективни акции и обелоденување на неправди во македонските фабрики за што во јавноста за прв пат и се слушна, токму благодарение на Левица.

На крај, за импликациите од потресот кој ни се подготвува, а што воедно е мојот одговор до оние што надвор од Левица, нè напаѓаат како назадни, ретроградни и веројатно и неуки. Точно е дека нашите историски митови се етноцентрични, точно е дека ние имаме допрва задача да ја изградиме нашата политичка заедница. Точно е дека треба и во нашите глави и во правната збрка да ја направиме разликата помеѓу Nationality, Citizenship, Ethnicity…од страв воведувајќи уникатни поими како Communities? Точно е дека треба да го ослободиме поимот на нацијата од нашата исклучиво етничка узурпација...Но, но... ако го изгубиме заедничкиот основ за политичка заедница, дури тогаш ќе ги засилиме сите етноцентризми. Гневот и фрустрациите кои промената ќе ги направи на македонскиот етнос, нужно ќе се насочи кон сите "други" етноси кои ќе му бидат "виновни" за поразот, додека сите други етноси во ослабениот македонски, ќе ја гледаат својата „историска шанса.“ Ова долго време ќе остане да ги храни етноцентризмите до точка на неподносливост. Така што, сите оние што сега нè обвинуваат за "национализам", посебно нас левите, допрва ќе видат каков национализам самите ќе произведат во многу скора иднина, со идеите што денес ги туркаат! Со чинот на понижување на еден етнос, ќе ги засилат сите десни елементи во сите етноси. А, како што реков и во таа емотивна колумна-исповед - заради која бев исто така и исто толку обвинет за национализам – ова што го наумиле, веројатно ќе се збидне! Тоа дополнително ми го потврдува стравот дека оваа борба, е борба за минатото, оти оваа и ваква држава – иднина нема!

Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок