30 Април, 2024
0.0251

Љубовта вдахновува и оплотува

Објавено во: Колумни 29 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Љубов, ах љубов, милна, силна, страсна, жедна, распеана, разлелеана, разуздана, нескротлива, внесна, возљубена, стресна, моментна, вечна. Љубов, ах љубов, убава, радосна, стреќна, жалосна, таговна, болна и несреќна. Љубов, ах љубов, голема, бескрајна, неминовна, случајна, пропратна, безвременска, неодолива, неспоива. Да љубиш е исто како песна да пееш, да љубиш е исто како милно и силно да грееш, да љубиш е исто како насмевки да сееш, да љубиш е исто како милен ветрец да вееш. Љубовта е најголемата сила со која располага човештвото, љубовта е најмоќното оружје во рацете на секој човек, љубовта е лекот за сите рани и сите болки. Љубовта е најмоќното оружје во рацете на секој човек Љубовта оплотува и вдахновува, те крева до небесните широчини, ти ги отвора портите на рајот, ти ја гали милно душата, ти го растреперува срцето, ти ги постила највкусните вкусови на телесната нежност. Љубовта те оплеменува, те скротува, ти ги изнедрува најскриените страсти и емоции, ти нуди радост и среќа на тацна, ти дава сила со која планини ќе пречекориш, ти дава моќ со која можеш и најтешките работи да ги совладаш, ти дава енергија со која можеш недвојбено и постојано да скротуваш. Љубовта може да биде и болна и подмолна, може од нас да извади и нечовечки постапки, но сепак крајниот исход е посебното чувство кое секој од нас го имал и кое е неопишано со зборови и необјасниво со поими. Љубовта- колку многу ни дава, а колку малку ја споменуваме и чествуваме. Што значи љубовта на пиедесталот на врвна вредност? Дали некој од нас се запрашал на пиедесталот на вредности каде се наоѓа љубовта, во колкава мера во неговиот вредносен дискурс е таа присутна, дали напишал нешто за неа, дали мисла или размисла се изделила од него за неа, дали постапува водејќи се со максимата на љубовта? Искрено и недвојбено ќе соопштам дека малкумина од нас, не изземајќи се и себе си, често размислуваме и се запрашуваме какви бенефити сме имале и ќе имаме доколку љубовта е наш приоритет и наша врвна вредност. Малкумина од нас, реално и без лажен говор лесно би одговориле на претходно споменатите теми и дилеми. Некои можеби, без критичка размисла ќе воскликнат-ах ние постојано мислиме и љубиме, но дали е тоа така и што значи љубовта на пиедесталот на врвна вредност? Од човекот кој љубовта ја смета за исконска сила никогаш не бликаат зборови полни со омраза и горчина Да постапуваш постојано во склад со вредноста љубов значи секоја активност и дејание да ти е осмислено, облагородено и со позитивен дискурс. Постапките, во секоја конотација, во кои доминира љубовта се постапки со добробит, постапки чесни, добри, правилни, насочени и праведни. Зборовите со кои се обраќаш на собеседникот, а од кои бликнува љубов се зборови милни, правилни, посакувани, достојни, искрени, благопријатни, позитивни и продуктивни. Од човекот кој љубовта ја смета за исконска сила никогаш не бликаат зборови полни со омраза и горчина, никогаш не навредува и повредува, никогаш не озборува и надзборува, никогаш не постапува нечесно и не лаже, никогаш не затскрива и не негира. Оној кој љубовта ја чествува секогаш ја говори вистината, милно зборува и се покорува, сослушува и трпеливо возвраќа, шири правичност, чесност, добрина и топлина, помага и поддава рака, сплотува и интегрира. Човекот кој искрено ја практицира љубовта се радува на среќата и постигнувањата на своите ближни и драги луѓе, се восхитува на успесите на саканите, во невоља се втурнува за друг и ги чествува праведноста и вистината. Љубовта не мисли и не чини зло Љубовта подразбира благонаклонет и милен однос кон блиските и драги луѓе, кон оној со кој споделуваш добро и зло, радост и тага, кон саканиот-љубениот, посебен однос кон татковината, посебен однос кон професијата, соседите, пријателите, поединците и групите. Да ја љубиш природата значи да ги негуваш со посебна благост и радост сите билки кои таа ги дарила и да се радуваш на секој нов цвет и лист кој катадневно се изнедрува од неа. Да ја љубиш татковината значи постојано да покажуваш и докажуваш дека си честлив и вистински родољуб и да чиниш општествена добробит. Да ги љубиш пријателите значи постојано да си тука за нив, да споделуваш радост и тага и да ја имаш на ум постојано максимата дека споделена радост со пријатели е поголема радост, а споделена тага со пријатели е помала тага. Да љубиш искрено животен партнер/партнерка значи да даваш и примаш безрезервно, да милуваш и даруваш постојано, да искажуваш и покажуваш топлина и нежност, да се жртвуваш во името на највозвишеното нешто-љубовта. Љубовта не се крие во пазуви, љубовта не се носи егоистично, љубовта не се чува само за себе, онаа вистинската љубов се шири, се дарува, се покажува. Да делиш љубов со саканиот/ саканата значи да делиш радост и убост, но и зло и тага, да делиш милност и добрина, но и да кажешза сето она што го чуствуваш во мигови на тага и беспаќе, да делиш се подеднакво и безрезервно. Љубовта подразбира искрена насмевка, топла прегратка, бришење на солзите на љубената личност кога ја тиштат проблеми, милување и гушкање кога има потреба од нешност и топлина, еротски возбудувања кои ја зачинуваат љубовната воздишка и љубовната игра. Затоа нека не води максимата дека љубовта не мисли и не чини зло, не се срди, на неправди не се радува, напротив, таа е исконската сила со која немошното станува возможно. За исполување на човечното во секој од нас нека не води љубовта и нека биде постојана наша ѕвезда водилка бидејќи таа единствено искрено вдахновува и оплотува. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД