24 Април, 2024
0.0248

Лукашенко се додворува со признавање на Крим – Русија спокојна

Објавено во: Колумни 08 Ноември, 2021

Добивај вести на Viber

По три години расправи, преговори, договори, Русија и Белорусија го направија она што го договорија минатиот септември. Во четвртокот што помина, конечно, од Владимир Путин и Александар Лукашенко беа потпишани 28-те договорени сојузни програми, кои треба да водат кон потесна интеграција на двете држави во рамките на Сојузната држава. Проект од пред речиси дваесетина години кога беше потпишан Договорот за основање на Сојузна држава. Држава која ќе има заеднички парламент, извршна власт...Во декември 1999 година беа ставени потписи на тој документ, но до ден денес тој практично е останат на хартија. И ќе остане уште долго време. Иако со потпишаните документи се отвора нова етапа кон негова реализација.

Во 2019 година беа направени првите „патни карти“ за интеграција. И прашање кое се очекуваше да добие брз одговор. Но наместо тоа во еден момент дојде до „конфликт“, кој породи различни толкувања и стравови дека нема ништо од Сојузната држава. Лукашенко, по кој знае кој пат најде маани на содржината на „патните карти“, кои во меѓувреме прераснаа во сојузни програми. Настаните по претседателските избори во Белорусија го натераа белорускиот претседател  да не бара многу „дефекти“ и „недостатоци“ во договорените програми. Зашто зад него во новонастанатата ситуација застанаа само рускиот претседател Владимир Путин и се разбира Русија.

На 4 октомври документите беа потпишани од двајцата претседатели. Тоа не предизвика никакви еуфории или славења. Ниту во Москва, ниту во Минск. Повеќе врева се крена минатиот септември кога по петти пат годинава се сретнаа Путин и Лукашенко и кога беше најавено дека сојузните програми се подготвени, па треба да одат на „полирање“ и во ноември да бидат потпишани. Лукашенко сфати дека не може повеќе да игра „толо-ладно“ со Путин. И си ја свитка опашката. За содржината на програмите поопширно пишувавме во септември.

НОВА ВОЕНА ДОКТРИНА

На заседанието на Врховниот државен совет на Сојузната држава, чиј претседател е Александар Лукашенко, што се одржа он-лајн, покрај потпишаните сојузни програми беа потпишани и Воената доктрина и Концепцијата на миграционата политика на Сојузната држава. Што се однесува до Воената доктрина, нејзиното усвојување, како што изјави државниот секретар на Сојузната држава, Димитриј Мезенцев, е условено од промените во воено-политичката состојба во регионот, никнувањето на нови предизвици и закани за Русија и Белорусија, и невиден надворешен притисок врз земјите. „Новата воена доктрина ќе го зголеми нивото на усогласеност на одбранбената политика, навремено ќе ги прилагоди задачите на министерствата за одбрана, земајќи ги предвид промените во воено-политичката ситуација во регионот“, додаде тој.

Според рускиот претседател, од особено значење е стабилноста на границата меѓу двете земји.„Многу е важно да се обезбеди потесна заемна поврзаност меѓу руските и белоруските министерства и ресори. Се разбира, улогата на постојаниот комитет на Сојузната држава се зголемува. Истовремено, од особено значење е формирањето атмосфера на стабилност и безбедност на нашите надворешни граници. Имаме намера заеднички да се спротивставиме на сите обиди за мешање во внатрешните работи на нашите суверени држави“, рече претседателот.

Владимир Путин истакна дека Белорусија за Русија не е само добар сосед и најблизок сојузник. „Ова е навистина братска република, братски народ. И ние се стремиме да сториме се’ за да остане вака засекогаш “, рече тој. Рускиот лидер истакна дека спроведувањето на програмите за секторска интеграција ќе им овозможи на Русија и Белорусија да создадат еднакви унифицирани услови за водење бизнис. Според него, економиите ќе работат врз основа на договорените правила и прописи. Патем да кажиме дека Белорусија и 2021 година ќе добива гас од Русија по цена од 130 долари за илјада кубни метри, како што беше договорено порано на инсистирање на Лукашенко. Неколку пати поефтино од цените на гасот на берзите.

ЗАПАД НЕ ГО МИЛУВА ЛУКАШЕНКО

И Лукашенко, меѓу другото, ја истакна блиската соработка меѓу земјите и во областа на одбраната. „Како што покажаа неодамнешните настани, регионалното групирање на трупите на сојузот е сигурен безбедносен штит не само за нашите земји, туку и за целиот постсоветски простор. Ние со претседателот [Путин] не ги криеме нашите намери да ја зајакнеме оваа групација во иднина “, рече белорускиот лидер.

Што значи ова? Лукашенко како да најавува огворање на територијата на Белорусија за трајно стационирање на руски трупи. На пример да се оствари најавената желба на Русија за отворање учебен центар за против воздушна одбрана. Досега тоа беше непоимливо. Лукашенко трепереше над суверенитетот на неговата држава. И постојано ги одлагаше руските желби. Можеби сега е доведен до ситуација од која нема бегање. Иако со него, барем досега, човек не можеше да биде на чисто во секој поглед. Де ќе речи, де ќе одречи. Руските гаранции за поддршка на Белорусија и помош на „братскиот народ“, најдобро би биле остварливи ако на нејзина територија има руска воена или политичка инфраструктура.

Сега тоа е тешко остварливо, но Русија, со оглед на ситуацијата во која се наоѓа Лукашенко нема лесно да се откаже од таквите намери. Таа не сака да предизвикува врева околу тие прашања, бидејќи Лукашенко може да крене глава и пак да се закани со одење кон Запад, како што правеше порано. Во моментов тој не е во таква состојба. Запад многу не го милува. Уште помалку поради „уфрлањето“ мигранти во ЕУ. Можеби тој очекува на тој начин ЕУ да го повика и да почне да се пазари со неа. Но засега Брисел нема такви намери.

ОТВОРЕНО ПРАШАЊЕ

Потпишувањето на сојузните програми се совпадна со еден настан во Минск,а кој беше најавен претодно. Лукашенко, како што најавуваше го прифати доработениот предлог на новиот устав. Тој потврди дека референдумот за уставот ќе се одржи во февруари идната година. Иако конечниот текст на уставот не е обнароден, гестот на Лукашенко, како да најавува дека тој, како што вети, нема уште еднаш да се кандидира за претседател. Па оттука и „попустливоста“ во поглед на Сојузната држава. Ова е шанса за Русија да ја држи ситуацијата под контрола. Без да се кара со Лукашенко, ниту со белоруските владеачки или опозициони елити. Можеби затоа Русија и не притискаше многу и не инсистираше на политичка интеграција, ниту за една заедничка валута. Чека крушата сама да и падне во раце.

Но со Лукашенко никогаш не си на чисто. Фактот дека се потпишани 28 од 30 сојузни програми не значи ништо без нивна реализција. Веќе денес е јасно дека останува отворено прашањето кога ќе се спроведат тие. Одма по потпишувањето на документите беше соопштено дека треба меѓу двете земји да се донесат уште 400 акти и двострани спогодби, а кои допрва треба да бидат испреговарани. Досегашното искуство од решевањето на разни проблеми на постсоветското пространство, а посебно со Белорусија, покажува дека нема место за голем оптимизам дека работите брзо ќе се завршат. Иако, брзото решавање и одговара и на владеачката елита во Белорусија и на Русија.

Заседанието на Врховниот државен совет мина без помпа. Документит се усвоија, иако за нив се водеа остри битки и со години. Се беше спокојно, со насмевки,  со топли зборови. Монотонијата ја разбрани еден момент од заседанието. Главна улога ја имаше Лукашенко. Станува збор за Крим. Една изјава на Лукашенко предизвика одглас и подалеку од границите на Русија и Белорусија. Белорускиот претседател не само што, преку Путин упати поздрав до жителите на Крим, ветувајќи им поддршка во тешките за нив времиња, туку и се пожали дека рускиот претседател, иако ветил, не го зел со себе на полуостровот. Путин одговори: „ секогаш ќе ни биде мило да ве видиме“. Веднаш по ова некои изјавија дека Лукашенко го признал Крим како дел од Русија.Па треба да се очекува жестока реакција од Украина. Други пак назначија и датум кога Лукашенко би одел на Крим. Во декември кога ќе се одбележува 130 години од раѓањето на Максим Богданович, белоруски поет и  втемелувач на белорускиот јазик. Ваквиот однос на Лукашенко, демек му го кажува на Путин тоа што тој радо би го чул не е невообичаен за него. Можеби ќе се „огребе“ и нешто повеќе. Но најмногу би ги задоволил Русите ако навистина отиде на Крим и го признае официјално за руска територија.

УКРАИНСКО ИСКУСТВО

Реакцијата на Русија на изливот на „згриженост“ за населението на Крим беше многу спокојна. Во Кремљ оставија впечаток дека очекуваат од Лукашенко јасно да каже за евентуалното признавање на Крим како дел од Русија. А не неговите зборови да ги толкуваат белоруски политичари во стилот „претседателот кажа или сакаше да каже...“

Декември ќе дојде наскоро. Но важно е и остварувањето на 28-те програми. Русите некако левтерно се однесуваат кон потезите на Лукашенко. Веројатно поучени од искуството со Украина сега не притискаат „земи или остави“. Русите знаат дека Минск не е во ситуација многу да условува. Лукашенко можеби ќе биде на власт уште една година. Иако тоа не може никој да го гарантира. Бидејќи тој и покрај новиот устав може да се повикува на ланските избори и дека има цел петгодишен мандат. Лукашенко е познат како политичар кој ги одолговлекува работите. И не е чудо тоа да го прави и сега. Но предноста на Русите е што имаат време на претек, па дури и да го чекаат крајот на мандатот на Лукашенко. Згора на тоа и состојбата во Белорусија, економска и политичка не се на страната на Лукашено. Тој нема пари. Зависи од руската нафта и гас. Од руската војска, бидејќи НАТО му е на границата. Се’ на се’, Русија, како главен сојузник може тивко да ја игра својата игра. И да ги чека резултатите од неа.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок