23 Април, 2024
0.0627

Лукашенко во затвор кај политичките затвореници!

Објавено во: Колумни 12 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Малку има примери во светот кога првиот човек на државата оди во истражниот затвор на разговор со луѓето што претходно ги затворил. А и врапците знаат дека станува збор за политички затвореници. Кај нас, Лазар Колишевски го посетил Методи Андонов – Ченто во затвор во Идризово. Во Белорусија официјално луѓето се затворени, за перење пари, корупција и слично, или пак кршење на некои членови од кривичниот закон. Во саботата претседателот на Белорусија Александар Лукашенко отиде во затворот, ги собра сите негови можни противници во политиката и дискутираше со нив за проблемите со кои е соочена државата. И за неговите планови за нејзината иднина. Во тие рамки и промените на Уставот, кои тој ги сака. И притоа велејќи дека „Уставот не може да се напише на улица“.

Токму ова последново - улицата е болката на претседателот на Белорусија. Нему не му е лесно. По изборите во август не престануваат протестите за време на викендот, против изборните резултати, кои опозицијата не ги признава. А според официјалното изјаснување на Централната изборна комисија Лукашенко победи во првиот круг со освоени 80,1 процент од гласовите. Додека претставничката на опозицијата  Светлана Тихановскаја 10,1 процент.  Одењето во затворот покажува дека нему, очигледно, не може да му помогне или не сака до крај да му помогне, ни рускиот претседател Владимир Путин. Го остава сам дома да си ја заврши започнатата работа.

Лукашенко во затворот се сретна со затворените претставници на опозицијата, на нејзиниот Совет за координација и Обединетиот штаб на опозицијата.  Во официјалното соопштение од средбата се вели дека тој со опозиционерите разговарал подолго од четири часа за да „ги чуе мненијата на сите“, но детали од преговорите не се соопштени. Во соопштението е цитатот искажан од Лукашенко кон неговите противници дека „Уставот не може да се напише на улица“. Исто така официјално се соопштува дека претставник на Советот за координација на опозицијата изјавил подготвеност за дијалог околу промените на Уставот. Во медиумите беше пуштена и фотографија од средбата на која можеше да се види дека на неа присуствуваат уште 11 луѓе, а меѓу нив поранешниот прв човек на „Белгаспромбанка“, Виктор Бабарико и неговиот син Едуард.
Бабарико се сметаше за главен опонент на Лукашенко . Но заедно со син му беа затворени во јуни пред изборите. Потоа Централната изборна комисија не го регистрираше како кандидат за изборите, иако имаше собрано над 500 илјади од потребните 100 илјади потписи. Бабарико беше обвинет за перење пари, неплаќање даноци и давање мито. 

Средбата била изненадување за сите затвореници. Но е изненадување и за многумина други надвор од затворот. Еден од адвокатите на луѓето под истрага смета дека средбата е интересна “во која било варијанта“, но треба да се почекаат официјалните коментари. Во Москва некои медиуми објавија дека Бабарико наскоро ќе биде ослободен од притвор! А синоќа беше соопштено дека двајца бизнисмени - опозиционери се ослободени од притвор. Едниот од нив ќе работи на промените на уставот, и на ослободување од затвор на некои опозиционери. Другиот директор на IT- компанија се враќа на работа во Белорускиот парк на високи технологии.
Идејата за промени во уставот не е нова. Лукашенко кон крајот на јуни најави негови „решителни промени“ . На пример, распределба на овластувањата на власта. Да не биде како сега се’ во рацете на еден човек. Еден вид децентрализација, со тоа што овластувања ќе бидат дадени и надолу по вертикала до локалните власти. Тој имаше изјавувано дека ќе може да ги предаде своите овластувања после усвојувањето на новиот устав. „Ќе излеземе на референдум, ќе го усвоиме уставот и јас според него ќе ви ги предадам моите овластувања“ , велеше Лукашенко, додавајќи, „не под притисок и не преку улица“. Исто така вети дека ќе нема повторување на изборите од 9 август. За уставни промени зборуваше во јуни и Бабарико. Тој се залагаше за реформа која ќе доведе до поделба на власта и ограничување на претседателските мандати. 
Одењето на Лукашенко во затворот може да се оцени како негов обид за почеток на некаков дијалог со опозицијата. Но и признавање дека луѓето во истражниот затвор се се', само не криминалци. А пред се' се политички затвореници. 

Внатрешната ситуација во Белорусија не е за радување. Протестите доведоа до криза, но не само политичка, туку и економска, а и здравствена, ако се има предвид пандемијата со коронавирусот. Ветувањата на Русија дек ќе им даде кредит од 1,5 милијарди долари не значат многу, затоа што голем дел од нив ќе се вратат назад во Русија, како отплата на стари долгови на Минск кон Москва.
На вчерашните протести во Минск беа уапсени над 100-тина демонстранти. Полицијата е безмилосна. Но безмилосни се и демонстрантите. Не попушта ни Лукашенко, но не попушта ниту опозицијата.  Спротивставувањето меѓу власта и опозицијата ја чини власта многу пари. Лојалноста на силите мора да се купува. За да не се свртат против налогодавачот. И тоа засега се спроведува многу добро. Се добива впечаток дека Лукашенко сега е во позиција да ја спроведува власта онака како што сака. Опозицијата исто така не попушта, но таа како да го губи здивот. И ќе мора да преземе некои нови чекори или приоди кон протестите, бидејќи „шетањето“ секој викенд не дава резултат. Радикализација? Не е можна. Тоа требаше да се користи на почетокот на протестите. Но некомпактноста на опозицијата на почетокот и идеализирањето на силата на протестите си го направија своето. Згора на тоа некои од опозиционерите заминаа од Белорусија во соседни земји и делуваат од таму, што нема да биде исто ако се во Минск. Дел од опозиционерите се во затвор.

Сето ова не значи дека Лукашенко може мирно да спие. Посетата на затворот е само потврда дека мора да преземе нешто. Да не очекува дека Русија ќе му ги реши проблемите. И на Русија не и одговара Лукашенко од минатите години и од месеците пред изборите. Тогаш тој што се' не искажа против Русија. За потоа кога се побунија опозиционерите да тврди дека зад протестите стојат Соединетите Американски Држави. А Русите многу добро ги знаат овие негови „квалитети“. Можеби сега по сила не приликите тој е принуден да соработува со Русија и е поомекнат во дијалогот. Но со него ништо не се знае. Ако ги земе уздите во раце како пред изборите, кој знае што се ќе направи и како ќе се однесува. Гаранција за Русија дека тој ќе игра лојална игра кон својот сосед нема никаква, особено кога на некој човек главна цел му е да остане што подолго на власт.

Затоа и опозицијата не ги смета сериозни зборовите на Лукашенко за новиот устав. Марија Колесникова која е во Литванија смета дека предлозите на Лукашенко за промени во Уставот се манипулација и обид за омекнување на демонстрантите. Таа вели дека за опозицијата е најважно да се ограничи бројот на мандатите на претседателот на два и зголемување на овластувањата на парламентот. Колесникова вели дека Лукашенко не сака да ги зголеми овластувањата на парламентот, бидејќи во таков случај може да дојде до импичмент - отповикување на претседателот. А тој се плаши најмногу од тоа.

Дека може да станува збор за манипулации на белорускиот претседател зборува и податокот дека сега во земјата се разработува прашањето за можно заострување на одговорноста за нарушувања на поредокот на организирањето и одржувањето на масовните настани. Наводно за да се минимизираат ризиците од излегувањето на луѓето на незаконски масовни собири. Значи Лукашенко не спие на тоа уво дека со ветувањата или со дијалогот за промени на Уставот ќе ги омекне протестите. Напротив тој се подготвува и за поригорозни варијанти. Веројатно знаејќи дека опозицијата нема да ги прифати неговите идеи за промена на уставот. Од едноставна причина што не му веруваат.

По се ова може да се зборува дека власта, иако тешко, но сепак ја има контролата врз ситуацијата во земјата. Дека опозицијата е без иницијатива, а власта тоа го користи. Дека опозицијата во моментов не може да влијае врз ситуацијата. И неа и е останата само улицата. Белорускиот експерт Ѕјанис Мељјанцов смета дека уличниот протест во Белорусија се трансформираше, станал карневалски, и е нагласено неагресивен и хаотичен. „Акциите во викендите се повеќе личат на колективна терапија после добиената повреда во првите денови по изборите. И иако масовноста на протестите се намалува(не може да се одржува револуционерен ентузијазам на исто ниво неколку месеци со бесцелно одење по улици), сепак да се зборува дека протестот е на „издишување“ е предвремено. Белорускиот протест оди подлабоко и ќе добива нови форми“, вели Мељјанцев.

А токму тука би почнале невољите за Лукашенко. А не помалку и за Русија. Што ако наместо против Лукашенко, демонстрантите почнат да се нафрлуваат врз Русија? Засега Русија води внимателна политика кон целата ситуација во  Белорусија и сигурно има свои фаворити на местото на Лукашенко. Развојот на настаните во наредниот период ќе одговори на многу прашања. Доколку дојде до ослободување на политичките затвореници под услови диктирани од Лукашенко, или во договор со него, тогаш нему не му гине мандат уште најмалку две години. Во спротивно останувањето во затвор на опозиционерите можеби ќе му овозможи цел мандат до 2025 година, или пак негово предвремено симнување од власт со нови и поагресивни немири. Но за тоа на опозицијата не и останува многу време.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок