26 Јануари, 2021
0.0195

Маја Санду ќе ја трга Молдавија понастрана од „Линијата на огнот“

Објавено во: Колумни 23 Ноември, 2020

Пред пет години, кон крајот на февруари, тогашниот американски државен секретар Џон Кери, даде изјава, која безмалку ги возбуди Русите, но и државите што беа вклучени во неа. Кери говореше за приоритетите на американската надворешна политика во Поткомитетот на Сенатот за буџетот за наредната фискална година. „Кога станува збор за Србија, Црна Гора, Македонија и други – Грузија, Молдавија, Придњестровјето, тие се на линијата на огнот“, рече тогаш Кери. Линијата на огнот беше синоним за линија на судири на интересите на Западот и Русија.

Минатата недела на страниците на „Фактор“ можеше да се прочита содржина посветена на предизвикот што го носи со себе разврската на настаните со замрзнатите конфликти, поточно војната во Нагорно Карабах. Војна меѓу Азербејџан од една и припадниците на самопрогласената Народна Република Карабах, потпомогнати од Ерменија. На последната војна и претходеа и други воени дејствија од 1992 година наваму, по што конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан стана замрзнат до пред десетина денови. Не дека е одмрзнат сега, но барем не се водат борби и не гинат војници и цивили. А каква ќе биде судбината на самопрогласената република која за два месеца загуби претходно освоени територии никој не може да каже.

Пред една недела во Молдавија се одржа вториот круг од претседателските избори. Убедливо ги доби Маја Санду, поранешен министер и неколкумесечен пример на Молдавија. Таа е отворено прозападен политичар. Има 48 години, се образуваше во Молдавија, економија, а во САД во 2010 година дипломирала на Факултетот за менаџмент - Џон Кенеди при Универзитетот Харвард. Потоа три години работела како советник на извршен директор во Светската банка во Вашингтон. По  враќањето дома три години е министер за образование, кога земјата се определи за европски интеграции. Беше еден од водачите на антикорупциските протести во 2015 и 2016 година.

ПРИДЊЕСТРОВСКА РЕПУБЛИКА

Таа му беше и главен конкурент на Игор Додон на претседателските избори во 2016 кога заостана за пет проценти. Но, сега му се реваншираше и освои речиси 58 проценти од гласовите. Во 2019 година Санду беше неколку месеци премиер, кога со Додон направија коалиција против корумпираното парламентарно мнозинство. Коалицијата беше поддржувана и од Русија и од ЕУ и САД. Брзо се распадна, бидејќи Додон и неговите пратеници не сакаа да ги спроведат антикорупциските реформи на владата на Санду.

Молдавија е парламентарна република и во рацете на претседателот нема многу алатки да ги наметне своите визии за развој на државата. За жал на Санду молдавскиот парламент е во рацете на социјалистите и на демократите. Мандатот на сегашниот парламетарен состав трае до март 2023 година. Па многумина сметаат дека Санду ќе мора да бара начин да го распушти парламентот и да распише нови избори, по кои би можела да смета дека ќе ги спроведе потребните реформи во државата, создавајќи проевропска коалиција околу нејзината партија „Акција и солидарност“. И токму тука ќе почнат нејзините проблеми. Таа ќе сака да ја тргне Молдавија од „Линијата на огнот“, но сигурно ќе наиде на отпор. И дома и во Русија. Да не заборавиме дека Џон Кери го спомна и Придњестровје, покрај Молдавија. А во Придњестровје или  Придњестровската Молдавска Република, орото го водат проруски сили. Таму има стационирано и руски мировници уште од 1992 година, кога почнаа нереди предизвикани од најавите дека молдавското раковоство сака да ја приклучи Молдавија кон Романија. Оттогаш наваму и за тој самопрогласен во република, постсоветски регион, се зборува како за замрзнат конфликт.

Маја Санду деновиве даде многу интервјуа во кои ја образлагаше својата политика како претседател. Прва цел и е Европска интеграција. Поточно приближување кон Европа. Потоа односите со соседите. Но неизбежно е прашањето како гледа Санду на односите со Русија. „Имаме богата агенда со Русија. Многу Молдавци работат во Русија и ние треба да им обезбедиме достојни услови за работа и социјална заштита, додека не се создадат прифатливи услови дома, во Молдавија. Сакам да го деблокирам извозот во Русија, кој е затворен после потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и слободна трговија меѓу Молдавија и ЕУ. Има компании на кои им е важен рускиот пазар...“ вели Санду.

ОБЕДИНУВАЊЕ НА МОЛДАВИЈА

Но веднаш потоа го нагласува и придњестровскиот конфликт.  Таа има нејзин посебен приод кон тоа прашање. „Секако има работи кои мораме ние сами да ги направиме за решавање на конфликтот. Тоа е борбата со корупцијата и контрабандата. Зашто додека политичарите во Кишињов и Тираспољ ќе  бидат заинтересирани да заработуваат пари на конфликтот, се дотогаш ќе се спротивставуваат на негово политичко решение. Но до конечно политичко решение на конфликтот не можеме да дојдеме самостојно. Русија е дел од форматот за преговори. Ние признавме дека и Придњестровје е дел од форматот за преговори, на  тамошниот бизнис му го дадовме истиот трговски режим, како  на нашите производители и посебно правото за слободен извоз во ЕУ во рамките на Спогодбата за асоцијација. Затоа сега 65 проценти од извозот на Придњестровје оди во Европа. Имаме потпишано околу 300 документи за решевање на конфликтот. Но засега без негово решение“, вели Санду.

На прашање дали актуелната ситуација и разврска на замрзнатиот конфликт во Нагорно Карабах дава можност за воено решение, Санду е категорична. Таа вели: „Верувам дека еднаш ќе се појави геополитичка можност за обединување на Молдавија. И ние треба да бидеме подготвени за тоа. Но во секој случај тоа мора да биде мирно решение. Тоа треба да е решение кое ќе и одговара на цела Молдавија. И уверена сум дека треба да биде разработен план на дејствија токму во Молдавија, усогласен со сите политички сили и заедницата. Разбирам дека тоа не е многу лесна задача, но едноставно решение овде нема“. Притоа Санду додава дека „форматот на решавање на конфликтот“ што ќе го најде Кишињев, „мора да вклучува целосно повлекување на руските војски од територијата на Молдавија. Ние за тоа секогаш зборувавме и ќе зборуваме во иднина“.

На прашањето дали Придњестровје е окупирана територија, Санду вели дека станува збор за регион кој се отцепил и во кој не можат да влезат ни претставници на уставната власт на Молдавија. И секако, Придњестровје е поддржано од Русија. Во тие рамки и со бесплатна испорака на гас и многу други начини.

РУСКИ МИРОВНИЦИ

На секоја акција има реакција. Првата дојде од противникот на Санду на изборите, актуелниот претседател Додон, кој ќе ја води државата до јануари.  Според него Санду греши кога зборува за повлекување на мировниците. „Во земја во која придњестровскиот конфликт не е решен, во која 35 до 40 проценти од населението е рускојазично, сметам дека тоа е сериозна грешка“, вели Додон. Според него со водење антируска политика „нема ништо добро ни за политичарот, ни за земјата“.  Тој тврди дека анкетите покажале дека сега во Молдавија мнозинството граѓани сакаат урамнотежена надворешна политика. Односно сакаат да бидат пријатели и со ЕУ и со Русија. Но самиот Додон не одговара на едно прашање: Што направил тој во земјата да се спроведува таква политика, како што бараат мнозинството граѓани во анкетите? Или пак за решавање на замрзнатиот конфликт во Придњестровје.

Реакција стигна и од Москва. Претседателот на Комисијата за информациона политика при Советот на федерацијата, Алексеј Пушков, за мировниците, на Twitter, напиша: „Токму нивното присуство речиси 30 години, служи како гаранција за мирот во регионот и за заштита на луѓето што живеат таму. 220 илјади од нив се наши државјани. Нивните интереси и нивната безбедност се поважни од силните изјави на новиот претседател на Молдавија“. Сенаторот, Андреј Климов, изјави дека во случај на повлекување на руските војски од Придњестровје може во регионот да дојде до заострување на конфликтот. „ Руските војски не се наоѓаат во Придњеатровје, затоа што нам многу ни се сака. Ако тие заминат оттаму, тогаш таму може да почне нов жежок стадиум на конфликтот, од кој нема да му биде пријатно никому“, рече Климов.

ТУРСКИ ФАКТОР

Расположението во Придњестровје во поглед на интеграцијата со Молдавија не е на некоја висина. Официјалните претставници со години зборуваат дека за нив конечна цел е признавање на независноста на Придњестровската Молдавска Република. Додека е рускиот мировник на придњестровската земја- ќе нема војна, велат политичарите.

Во сета оваа „војна“ со изјави се заборава на турскиот фактор во Молдавија. Веројатно е дел од стратегијата на Ердоган за Турција како регионална сила. Најприсутна е во Гагаузија, автономен дел до земјата. Населен со православни христијани кои го говорат турскиот јазик. И кои не се мирисаат многу со централната власт, а се приклонуваат кон Русија. Турција, како во Азербејџан инвестира многу  и во Молдавија, а посебно во автономијата-Гагаузија. Ердоган е радо виден гостин таму. Не може да се исклучи турско влијание и врз конечното решавање на проблемите во Молдавија. Така што Санду ќе мора да „игра“ не само со Придњестровје, туку и со Гагаузија. Ќе мора да направи некаков посебен приод во потрагата по конечен излез од замрзнатиот конфликт и од проруското настроение во некои делови од земјата. За да може полесно да ја напушти „Линијата на огнот“ на Џон Кери, спомената во 2015 година.

Во списокот на Кери беше и Македонија. За наша среќа во меѓувреме успеавме да влеземе во Западната Алијанса. И да се тргнеме од „Линијата на огнот“. Линија на конфронтација меѓу САД и Русија. Но, она што се случува сега со почетокот на преговорите со ЕУ, како да е доказ дека има сили кои сакаат да ја вратат Македонија назад кон таа линија. Конкретно Бугарија. А, што би било од полза за Русија, која не може да го преболи нашето членство во НАТО. Што би рекол Џон Кери денес за ваквото однесување на Бугарија?

Мирче Адамчевски

 


Можеби ќе ве интересира

Фактори за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија

Фактори за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија

Протести во Москва- мала предигра во односите на Русија со САД

Протести во Москва- мала предигра во односите на Русија со САД

Неделен Фактор - Не ја признавам колумнава ако нема 2.000 лајкови

Неделен Фактор - Не ја признавам колумнава ако нема 2.000 лајкови

Попис за отпис од Македонија!

Попис за отпис од Македонија!

Предизвици во управувањето со трошоците – мега трендот „сервитизација“

Предизвици во управувањето со трошоците – мега трендот „сервитизација“

Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот

Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот