06 Мај, 2024
0.0253

Мајка Тереза, скромноста и расипништвото

Објавено во: Колумни 17 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

Скромноста е доблест, скромноста е одлика на луѓе кои се богати во душа, умствено и ментално силни, луѓе кои имаат и тоа не го чуваат само за себе, туку го споделуваат со ближниот, луѓе кои поседуваат, но и несебично даруваат, луѓе кои нечујно ќе ти помогнат во мигови на тешкотија и беспаќе, а нема никому да кажат за тоа, луѓе кои стихијно, ред по редум, од ден на ден, помагаат, даруваат, сплотуваат, а малкумина ги дознаваат. Скромноста е дел од хабитусот на оние луѓе кои молчешкум го шират срцето за декој собеседник, го милуваат секој таговник, го сослушуваат секој добронамерник. Само оние вистинските, со чисто срце, отворен ум, ведра мисла, јасна душа, ја поседуваат скромноста како вистинска вредност и тие се оние вистинските кои со право ги нарекуваме луѓе во вистинска смисла на зборот. Расипништво, гламур, богатство и моќ апсолутно не се поимаат со вредностите на големата хуманистка Олицетворение на сето горе споменато, со сите атрибути кои може да ја красат една скромна личност била Мајка Тереза. Можеби е премногу говорено за нејзиниот лик и дело, можеби некој и тенденциозно да  забележи на глорификацијата на нејзините животни дискурси, но никој не може да го негира хуманиот пат кој е доказ и показ за сите морални атрибути кои ги поседувала таа личност. Во склад со моралните начела и нејзиното животно мото, првенствено поаѓајќи од ценењето на скромноста како врвна вредност, треба да се чествува и се што се слави и прославува а го носи името на Мајка Тереза. Бидејќи би било хипокризија алтруизмот, космополитизмот, чесноста, хуманоста и скромноста што биле дел од вредносниот дискурс на Мајка Тереза, да се урнисаат со прослави во нејзина чест или градби кои се потполно спротивни од она што било нејзино мото. Расипништво, гламур, богатство и моќ апсолутно не се поимаат со вредностите на големата хуманистка. Навистина би било крајно вулгарно да се гради парк или споменик во нејзина чест а да чини баснословно многу, па тоа е директен атак и сквернавење на сета скромност и доблесност што таа ја поседувала. Многу поголеми дела и позначајни, посуштествени може да се направат со средствата наменети за споменици Слушајќи и читајќи деновиве за споменик и парк кој требало да го гради бизнисмен кој сам по себе е контраберзен и кој е споменувам по не многу позитивни атрибути кај нас, а во чест на Мајка Тереза, истиот сега ќе се гради но со државни пари и тоа суми кои разумот често не може да ги восприема. И тогаш секој добронамерник си го поставува симплифицираното прашање - а нели е ова директен атак врз животните вредности на големата личност? Јас верувам дека многу поголеми дела и позначајни, посуштествени може да се направат со средствата наменети за споменици. Па самата хуманистка остави аманет да се помогне на болниот, да се нахрани гладниот, да се заштити обесправениот, да се благослови сиромавиот. Не би била среќна и би тагувала кога би видела дека наместо пари за лек на дете чиј живот виси на конец, наместо народна кујна за многу гладни усти, наместо прифатен центар за изморени и истоштени мигранти, наместо болница и дом за стари лица, наместо центар за напуштени и бездомни, се градат споменици и никнуваат мермерни статуи секаде и постојано, како кокичиња на пролет. Солзи таговници, а не радосници би пролеала хуманистката кога би ги видела рачињата на оние мали дечиња кои питачат, кога би ги видела солзните очи на родителот кој моли за лек за своето дете, кога би ги видела бездомниците како и пред духовен храм измолуваат некој денар за насушен лебец од верникот, кога би ги видела ненахранетите, сиромашните, болните, угнетените, мигрантите, би крикнала од бол и бес. Но уште потаговно е што наместо за лек, храна, вода, за нешто што живот значи, се дава за луксуз и престиж, не господа тоа ни под разно не го сака големата Светица. И не чините нешто во нејзино име, бидејќи со тоа и се урива и оној спомен за неа кој се уште ги грее срцата на добрите луѓе - за една голема хуманиста која не го сакаше богатството, гламурот и парите, а ги сакаше добрините, скромностите и врдностите кои едноставно те чинат добар човек. П.С. О вернику ако дадеш не го прикажувај тоа, бидејќи тоа не те прави добар човек, молчешкум поддади и насмевни се, тогаш душата ќе ти е милна и радосна. И моралниот судија на сите ќе ни суди, но едно е сигурно, на скромниот останува пиедесталот на великаните, а на расипниците, е на ним им е загарантирано место во пеколот. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина