02 Мај, 2024
0.0269

Македонија и Русија „браќа по оружје“

Објавено во: Колумни 09 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Почетокот на неделава ми потврди едно сознание од изминативе години. И во двете земји се случуваат работи за кои човек не знае дали Владимир Путин копира од Никола Груевски или обратно. Почнувајќи од односот кон медиумите, односот кон „предавниците“, контролата врз поединците, политичките судења, крадењето избори... Сите овие работи се актуелни во Русија исто толку колку што се кај нас. Имаат ли двајцата ист ген или ист учител? За Путин знаеме дека е школуван кадар на КГБ, претходно Правен факултет во Санкт Петербург, со практична работа во Источна Германија, а потоа со помош на олигарсите од времето на Борис Елцин донесен на власт, на чие чело е до ден денес. Кадрите на ВМРО-ДПМНЕ ги обучуваше и ги обучува веројатно уште, Фондацијата „Конрад Аденауер“, блиска до германската владеачка партија на канцеларката Ангела Меркел. Не знам дали Груевски, покрај Економскиот факултет во Прилеп, бил едуциран од Фондацијата, но, ниту тој, ниту другите од таа партија  не ја спроведуваат целта на Фондацијата - промоција на слобода, мир и правда. За ова има многу докази. Најновиот дојде токму на почетокот на неделава од владината коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Човек да не верува дека може да се подготви таков нешто. Скандал. Глупост до глупост. Предлог закон за забрана поседување,обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите. Да се донесел по скратена постапка. Во мое време кадрите што ги едуцираа во Кумровец не правеа вакви закони. Не правеа никакви. Ги правеа луѓе со знаење, во името на идеологијата. И добро е што коалициониот двоец го повлече предлогот. Како може да се забрани објавување или поседување, обработка и располагање на било кој начин, материјали кои произлегуваат од незаконско прислушување. Материјали кои вриштат од криминал. Да се казнел со затвор тој што ќе ги објавел, па дури и во странство. Да се забранело користење и во изборен процес. Или пак да се предаделе на јавен обвинител. Каде е јавниот интерес и улогата на новинарите него да го штитат. Не може Јавниот обвинител да кажува што е јавен интерес. Предлагачите на Предлог законот сигурно не ни погледнале пресуди од Европскиот суд за човекови права(ЕСЧП). А таму уште од пред повеќе од 20 година има пресуда која е во полза на новинарите. Во ноември 1991 година до Судот беа упатени две претставки. Едната од Observer i Guardian, а другата од Sunday Times, против Обединетото кралство, во врска со времените забрани за објавување  или обелоденување на извадоци од книга, мемоари на бивш член од британската безбедносна служба. Судот и во двата случаја утврди прекршување на членот 10 од Конвенцијата за човекови права, кој се однесува на слободата на говорот. Образложението за пресудата беше дека тајноста на книгата е поништена со фактот дека претходно била објавена во САД. Значи еднаш, каде и да било, објавен материјал, колку и да е таен, не може да се забрани негово повторно објавување. Во нашиов случај сите аудио снимки што се објавени во медимите и транскриптите од нив веќе се јавно добро. Затоа медиумите можат слободно да ги користат. А ако некој донесе забрана, тие можат да се обратат до ЕСЧП, па можеби и ќе го оштетат државниот буџет. „Тајноста нема да ја задави корупцијата“. Под овој наслов на почетокот на неделава еден руски медиум го озаглави текстот за предлог законот со кој  треба да бидат ставени под тајност имињата на сопствениците на недвижности, авиони и јахти. Предлогот доаѓа, ни помалку , ни повеќе, од Федералната служба за безбедност. Веќе поминала владина комисија и сега треба да оди во Думата. „ После одобрувањето на овој предлог закон од страна на владината комисија, голема е веројатноста тој сепак да помине во Думата. Бидејќи ставот на владата, по правило е идентичен со ставот на „Единствена Русија“ и од тоа како ќе гласаат членовите на таа партија, зависи дали тој ќе биде донесен во Думата“, вели една руска пратеничка.А путиновата „Единствена Русија“ има огромно мнозинство во Думата. И кај нас е исто. Нема предлог закон од владата што не поминал и покрај противењето на опозицијата. Тоа што после владата ги дополнуваше и изменуваше законите по десетина пати или пак во последно време ги укинуваше или ги менуваше до степен да се има обратен ефект од нив, зборува само за гласачката машина на коалицијата ВМО ДПМНЕ – ДУИ. Истата руска пратеничка вели дека станува збор за криење на нешто што не вреди да се скрие. А во крајна линија ќе настрадаат голем број луѓе кои се занимаваат со недвижности, кои не ќе можат да проверат колку е чиста зделката. И тоа ќе важи за сите видови недвижности. Било вили, или соба во комунален стан. Но не мислат сите како неа. Разработувачите на предлог законот тврдат дека такквите ограничувања се воведуваат за да се спречи користење на податоците за имотот во криминални цели и да се обезбеди заштита на сведоци! Од катастарот се повеќе се барале податоци, не за недвижностите, туку имињата и други лични податоци за нивниот правен сопственик. И таквата информација би можела да се користи за криминални или компромитирачки цели. Приказни за мали деца. Сопственик на соба во комунален стан да бил компромитиран или цел на криминалци. Се знае кој се плаши од компромитирање и криминалци. Така беше до 1998 година.Токму до 1998 година во Русија имаше најмногу криминал со недвижности. А сега како работите да се враќаат назад. Јасно е дека се сака да се скријат имињата на луѓето кои поседуваат имоти со огромни вредности, кои со своите редовни заработувачки тоа не би можеле да си го обезбедат. А тоа се луѓе од администрацијата, луѓе од ФСБ и многу други кои имаат можност да бидат дел од коруптивен синџир. Дали еден генерал може во Русија да има имот од милиони или десетици милиони долари? Може, но не со платата и сите додатоци што ги добива. А такви персонажи во Русија ги има плева. Во сегашната ситуација не помагаат ни укажувањата, дека во светот се поголем е бројот на информации, дека достапот до нив е се послободен и не само за нечија сопственост, се разбира не сметајќи ги овде Белизе и сл. Дека медиумите не ќе имаат достап до податоци кои би биле од јавен интерес. Дека невладините организации, како Фондот за борба со корупцијата на Алексеј Наваљни, не ќе можат да ја брануваат јавноста со своите откритија за корумпиранте чиновници. Елена Панфилова, потпретседател на Транспаренс интернешенал вели дека законот што се предлага, грубо и видливо демонстрира дека во државата реално постои граѓански антикорупциска контрола, зашто никој во државата не би забранил нешто што не работи и кое не е способно да открие сопственици на лошо прикриена сопственост. И тоа е добра новост за граѓанското општество. Дека тоа е признание за тежината на независните граѓански антикорупциски истражувања. Се плашам и овие нашиве да не го копираат сега овој закон па да го затворат катастарот за достап до имињата на сопствениците. Како и да е, останува впечатокот дека  Македонија и Русија се „браќа по оружје“ по многу работи. Во случајов тоа се глупавите закони. Мирче Адамчевски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина