Македонија ќе изготви извештај за емисијата на стакленичките гасови
Објавено во: Мои пари 18 Октомври, 2013
Договор за партнерство за изготвување на првиот национален двегодишен извештај, денеска потпишаа министерството за животна средина и просторно планирање и УНДП, кој ќе содржи информации за емисиите на стакленички гасови од Македонија.
Договорот го потпишаа министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и вршителот на должноста постојан претставник на УНДП, Алесандро Фракасети.
Извештајот треба да послужи како основа за креирање на соодветни политики за успешно намалување на последиците од климатските промени. Документот ќе ги обнови податоците на националната база на емисии на стакленички гасови и ќе постави основа за воведување систем за мониторирање, известување и верификација на емисиите. Ќе се развијат и критериуми за поставување на приоритетни мерки за ублажување на климатските промени.
Проектот на Министерството за животна средина и просторно планирање и на УНДП за изработка на извештајот е вреден 430 илјади долари кои се обезбедени од Глобалниот еколошки фонд.
Ваков документ до крајот на следната година треба да изготват сите земји потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени.