29 Април, 2024
0.0369

Македонија нема причини за евроскептицизам

Објавено во: Колумни 31 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Во серијата „совети“ на македонските власти од меѓународни авторитети, минатата недела  медиумите објавија дека Македонија треба да размисли дали ЕУ е решение за нејзините проблеми, со оглед на практиката што таму им се поставува  обврска за воведување „драстични мерки за  штедење“. Како да е можно да се живее со расипничко трошење. Колку ваквиот аргумент е валиден за Македонија кога, и покрај постојаниот пораст на буџетска потрошувачка, платите се меѓу најниските во Европа, а стапките на невработеност и сиромаштија меѓу највисоките? Според последните истражувања на јавното мислење интересот за приклучување во ЕУ во однос на претходните години опаѓа, иако се’уште поголемиот дел од македонското население во тоа гледа можности за постабилен одржлив развој. Со други зборови,  евроскептицизмот во Македонија се зголемува. Ако како главен причнител за ваквиот тренд се исклучи актуелното нерешено политичко прашање, секако дека врз недовербата силно вилијаат и неконсеквентно регулирани односи меѓу земјите на единствениот пазар  на Унијата. Дополнителен проблем е и тоа што напорите за нивно унапредување се бавни и парцијални, често проследени со потези кои ги влошуваат односите на пазарот, особено на пазарот на работна сила. Преокупирани со сопствените проблеми, најразвиените економии размислуваат за воведување на мерки со кои, на извесен начин, се ограничува слободата на движење, предлагајќи построги правила за имигрантите од ЕУ. На удар се невработените имигранти од посиромашните земји-членки на Унијата, кои, по деиндустријализацијата во нивните земји, се упатија во потрага по работа во најразвиените земји во Унијата. За нив се предвидува поограничен пристап до социјална помош и бенефиции. Оваа мерка, навидум разбирлива за секоја земја, станува опасна за интеграцијата како целина. Долгорочно тешко е да се замисли нејзино функционирање  со полна слобода на пазарот на стоки и услуги и на капиталот, а со ограничувања на пазарот на работна сила. Во помалку развиените економии, либерализацијата на првите два сегменти од единствениот пазар, поради конкуренцијата од поразвиените, доведе до силен процес на деиндустријализација и висок пораст на невработеноста. Ограничувањето на имигрантските движења во Унијата може да доведе до пораст на тензиите во помалку развиените економии, а со тоа и до пораст на сомневањата за исправноста на приклучувањето во Унијата. Можеме само да се надеваме дека ваквиот развој на односите нема да предизвика контрамерки на помалку развиените во насока на ограничување на либерализацијата на стоките и услугите и на капиталот. Тоа би било почеток на крајот на интеграцијата. Останува надежта дека ваквите процеси нема да се случат, бидејќи и развиените и помалку развиените имаат  корист од заедништвото во Унијата, а развиените ќе сфатат дека со поголемите бенефити одат и определени обврски, кои не треба да ги третираат како товар, туку како определена компензација на преливањата на доход преку другите сегменти на единствениот пазар. Нема сомнение дека за остварувањето на стабилен и одржлив развој на Македонија е мошне важно натамошното опстојување на Унијата и на еврото како единствена валута на земјите членки на еврозоната. Македонија потроши деценија ипол во приспособувањето на сопствената економија на пазарните услови во еврозоната. Затоа, евентуалното суспендирање на еврото значително ќе ги искомплицира  односите  со земјите членки и ќе предизвика нови процеси на приспособување, со високи трошоци, додека неговото непречено функционирање ќе ги олесни натамошните развојни напори. Со врзување на девизниот курс на денарот со еврото македонското стопанство веќе функционира како дел на еврозоната, иако не е ниту членка на Унијата, ниту на еврозоната. Македонија работи според критериумите за членка на еврозоната. Буџетскиот дефицит и степенот на јавниот долг се во рамките на лимитите определени со маахстришкиот договор. Во овој контекст неприфатливи се „бесплатните совети“ на странски стручњаци и аналитичари Македонија да размисли да го стави под прашање односот со ЕУ, односно дали ЕУ е решение за нејзините проблеми. Легитимноста да се размислува на овој начин е неспорна. Меѓутоа, проблем е кога притоа како клучен аргумент се  наведува примерот дека многу земји членки на ЕУ заглавиле во финансиската криза и морале да воведуваат „драстични мерки за штедење“, па затоа мора да се размисли како Македонија ќе продолжи понатаму. На овој начин, експлицитно се предупредува дека со влегувањето во Унијата и еврозоната земјата се соочува со „драстични мерки за штедење“, без да се знае дека земјата, и без членство во еврозоната, долг период спроведува такви мерки преку политика на „внатрешна девалвација“ со цел за да го одржи фиксниот курс на денарот со еврото. И ако продолжи со ваквата политика таа ќе биде пример за адекватно однесување во еврозоната. Друго е прашањето дали таквата политика е соодветна на нејзината позиција во меѓународните односи и на нејзиниот степен на развиеност. Факт е само дека Македонија не може да се плаши со обврските по евентуално приклучување во Унијата и еврозоната, поради тамошната практика на воведување на драстични мерки за штедење во одделни земји кои претерале со буџетската потрошувачка и драстично го зголемиле јавниот долг. Барем засега. Меѓутоа, нема сомнение дека макроекономската политика, поради неповолните трендови во економските односи со странство,  ќе мора да се преиспита со кое ниво на девизниот курс на денарот ќе се приклучи во Унијата, а потоа и во еврозоната. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД