29 Март, 2024
0.0243

Македонија виа Кембриџ

Објавено во: Колумни 05 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Образованието е столб на секое општество и не случајно се вели дека какви граѓани ќе има едно општество во најголема мера зависи од квалитетот на образованието. Секоја држава има за цел да просперира, во сите сегменти на своето живеење, да биде во склад со општествените промени кои се случуваат низ светските метрополи, да оди во чекор со трансформациите кои ги носи глобалната ера, да ита кон прогрес и напредок. За таа цел потребно е да вложува, да го менува и унапредува образованието, бидејќи знаењата, умеењата и вештините се стекнуваат низ севкупниот образовен процес на една индивидуа, која настојувајќи да си обезбеди сретства за егзистенција се вложува себе си, своето знаење и своите компетенции во процесот на трудот и на тој начин придонесува и за сопствен напредок, но и за напредок на општеството во кое битисува. Прашањата кои неминовно се наметнуваат, а се однесуваат на сферата на образованието, се прашања кои ја изнедруваат на површина вечната дилема:дали реформите кои во континуитет се случуваат во нашиот образовен систем го дадоа посакуваниот резултат и очекуваниот аутфит? Најмногу експерименти се извршени во образовниот систем и тоа на сите нивоа Од самото осамостојување до денес, образованието како сфера е постојано под лупата на јавноста и подложно на промени. Да не бидам погрешно и злонамерно сфатена, но извинете ако се погледне наназад со право може да се каже дека најмногу “експерименти” се извршени во образовниот систем и тоа на сите нивоа. Не велам во никој случај дека секоја трансформација била залудна или неуспешна, далеку од тоа, но сепак многуте промени кои во континуитет се случуваат не го дадоа посакуваниот ефект. Може да се полемизира бескрајно за позитивните или негативни последици од реформите, може да се изложуваат бесконечно аргументи про и контра реформите, но едно е сигурно она што се посакуваше и чија крајна цел беше поквалитетно образование во секој сегмент не потполно се оствари. Европски кредит трансфер систем - замисла прекрасна, но реализација површна и импровизирана Како човек од фелата ќе започнам од онаму каде што припаѓам, а тоа е високото образование. Европскиот кредит трансфер систем, онака како што беше осмислен беше одлична можност за зголемување на квалитетот на високото образование, поголема мобилност на студентите, нови знаења и компетенции, поголема интеракција, и индивидуална и групна настава која има за цел да ги освежи постојните студиски програми. Замисла прекрасна, но реализација површна и импровизирана. Работата во мали групи се сведува на работа со големи групи и интеракцијата професор - студент е сведена на минимум, како и самостојната работа за време на вежбите. Мобилноста оди тешко, мал процент оди на размена и на некој начин апатичност од страна на студентите за нови искуства и знаења надвор од сопствениот универзитет. Проблемот со осовременување на просториите, проблемот со нов кадар, проблемот со нови учебни помагала останува, старата болка не тишти и понатаму. Токму затоа и се става овој систем на студирање на преиспитување и се врши сериозна анализа за ефектите од неговото имплементирање. За проектот факултет во секое населено место во некоја друга прилика. Дефинитивно има и светли точки како што се новите програми за мобилност, преводи на светска позната литература од признати и познати светски научници, но тоа е само дел од сложувалката која се нарекува високо образование. Осмолетката се замени со деветолетка, без издржано образложение Средното образование претрпе континуирани промени и тоа во повеќе насоки: од насочено се трансформира во гимназизско, потоа истото стана задолжително, се воведе екстерно тестирање кое не подложеше на сериозна научна дебата и сите тие реформи се истуркаа на грбот на средночколците. Но врвот на образовните реформи, кои за мене не се потполно оправдани и добро обмислени се промените во основното образование. Осмолетката се замени со деветолетка, без издржано образложение, иако експертите кои ја третираат образовната сфера беа поделени околу тоа прашање. Веропоуката си е приказна за себе, и за тоа немаше конзистентно образложение. Но она што деновиве го гледаме е новата Кембриџ програма со која стартуваат првооделенците. Ако малку продлабочено ја анализирате ќе ја видите преоптеретеноста на самата програма, но и одредени небулози кои со голо око се гледаат. Она што навистина ме збунува е како само се пресликува една програма без ималку да се види дали таа соодветствува на општествениот хабитус. И ќе сретнете текст дека и растенијата и животните имаат родители и дека сите умираат и ќе сретнете чудни и помалку смешни класификации и што уште не. И ќе се запрашате што му недостасуваше на нашиот образовен систем во кој ние се образувавме, израснавме во личности и се остваривме, изградивме сопствена кариера и не заостануваме по ништо од нашите европски врсници. Еднаш засекогаш да се престане да се игра со примарното образование Во време кога насилството во училиштата се зголемува, во време на вредносен и морален вакум, во време на транзиција, малку е чудно да пренатрупуваш наставни програми, многу повеќе да пренесуваш знаења и образуваш, а многу помалку да воспитуваш. Еднаш засекогаш да се престане да се игра со примарното образование бидејќи тоа е база и основа на се понатамошно и какви деца ќе изучиме и воспитаме зависи од нас, а тие се иднината на општеството во кое живееме и затоа треба да си го ставиме прстот на чело и сериозно да се зафатиме со промена на примарното образование бидејќи ако вака, без компас, се продолжи нема да имаме блескава иднина. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје  

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?