27 Април, 2024
0.0274

Македонскиот Мојсеј во земјата на изгубените

Објавено во: Колумни 25 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Големи реакции во јавноста, предизвика постот на фронтменот на политичката партија „Левица“, кој е и тазе пратеник веќе, во македонскиот законодавен дом, впрочем како и останатите негови „контроверзни“ ставови и статуси, за работата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, нарекувајќи го „непрокопсан пијаница“. Од никогаш, не сум имал некои симпатии за ликот и  делото, политичката работа и „делата“ кои ги оставил зад себе првиот човек на Град Скопје, сметајќи го за арогантен, надмен, некогаш и претерано вулгарен во својот однос и комуникација кон јавноста и граѓаните, но претежно позитивните реакции на не мал број граѓани по овој „мега лајкуван статус“ на Апасиев, и тоа од граѓани кои принадлежат на повисока социјална  и образовна категорија на луѓе, од урбаното градско јадро, ме замисли.

Впрочем, ме натера да размислувам за „ феноменот Апасиев“, и кои се општествено-политичките и  конјуктурни причинско-последични врски кои го изнедрија, овој длабоко и душевно несреќен лик ( како што би рекол Шилегов, парафразирајќи го), да биде македонскиот Тито. Јас, ја разбирам потребата на голем број на македонски граѓани, кои во овие три децении на повеќепартиски живот, кога имаа право на глас да ги бираат и менуваат нивните политички елити, да бидат гневни, разочарани и бесни, од тоа во што ја претворија земјава,  истите тие политички елити, кои наизменично се менувале на престолот, раководејќи со државата, и да бараат свој Мојсеј, кој треба да ги води, и дека преку него (Апасиев), ја канализираат таа  натрупана негативна енергија која ја стекнале во овие 30 години, безмалку упропастени животи на генерации и генерации Македонци, неповратно. Сепак, сметам дека, жално е, трагично е, и за неверување е, дека Македонците и граѓаните се фатија на јадицата на еден длабоко исфрустриран и искомплексиран лик, кој кога други полуписмени и воопшто не толку образовани ликови како неговиот интелектуален и образован опус „направиле пари од политиката“. Алудирам на Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Влатко Ѓорчев, и некои други утврдени политичари од неговата генерација, кои кога го таманеле чекмеџето, овој лик „ не  можел да ги смени“ плочките во домашната  бања.

Експликацијата на неговата фрустрација, од секогаш ми давала (прет)чувство, дека овој човек, го интересираат само пари, пари, пари и неограничена моќ да командува, што, впрочем и разврските во неговата партија, тоа и делумно го потврдуваат. Буквално ги  избрка,  некои интелектуални кадри, како што беа на почетокот Здравко Савевски, Бранимир Јовановиќ, Мариглен Демири, Марија Џонс, кои се  вградиле во формирањето на оваа релативно млада партија, на  нашата политичка сцена. Го узурпираше печатот, да може да биде неконтролиран суверен и владетел во својот партиски двор, ги елиминираше сите тие кои имале мислење, различно од неговото, и веројатно се опкружи со послушници и  истомисленици, кои безпоштедно ќе го следат и слушаат. Еден Груевски, од Будимпешта да  позавиди. Не навлегувам во шпекулациите, во полувистините и  во (дез)информациите дека бил лично финансиран од најбогатиот Македонец според Форбс, Орце Камчев, и дека е продукт на „полициско-бизнис-криминалните-олигархични центри на моќ“, но парите кои ги доби од државата  по закон за финансирање на политичките партии, согласно освоените гласови, ми даваат до знаење дека овој човек ќе биде ненаситен на моќ, пари и медиумска популарност. Како секој социопат, тој ќе ужива (наместо да се срами од тоа). Има чувство дека е најпаметен, најзнаен, најобразован со 10.00 просек, дека сите „партали ги прави на дебата“, што во комбинација на неговото бедно, сиромашно минато, кога ги натрупал тие животни фрустрации со тоа чувство за себе, раѓа политички монструм и Франкештајн, многу, многу поголем од Груевски, доколку би се докопал до власта. Борбата за работнички и социјални права, правењето од себе заштитник и праведник, првоборец за социјалците, стечајците и работничката класа е само параван и најблискиот пат до правење сопствени пари и материјално обогатување, по брза и лесна постапка. Комбинацијата која тој ја создаде од ригиден национализам, кој се граничи со нацизам, и борец за социјални правдини, е совршена за заведување на народните маси: и понеобразовани, и пообразовани, и посоцијално ситуирани, и „утепани од Господ“, маргиналци, фрлени на заборавот на македонското општество.

Македонскиот национал-социјализам е роден, и тој живее,многумина се заведени и не го препознаваат. Но нека. Можеби и една Германија, немаше да биде тоа, што е денес, ако не ја поминеше таа општествена катарза на себепрочистување, да денеска се срами од своето историско минато и наследство, но светот го плати тоа, со најголемата светска катастрофа во самото човештво. Ова е само мала  паралела, метафора, која нормално во македонските услови, не може да дегенерира во германски случај, но симптомите се речиси идентични на начинот на „политичкото делување“. И колку е македонската трагедија голема? Најголема, што поголема и не може да биде. После триесет годишното криминогено и мафијашко/олигархиско управување (читај:крадење), на се што беше државен ресурс, разочарувањето и гневот на Македонците и македонските граѓани се канализираше во македонскиот „Итар Пејо од УГД во Штип“, да го гледа за спасителот,  кој себе си се претставува и гради имиџ  и ореол на македонскиот Мојсеј. Само, да не  им бидат потребни 40 години  на „македонските Евреи“, да сфатат каде ги води  нивниот Мојсеј. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД